Дарот од боговите

Не за џабе растението од кое се добива какаото се вика Theobroma cacao што во буквален превод значи храна на боговите. Така го нарекле Маите затоа што верувале дека ни е дадено од боговите, а богами судејќи по она што се наоѓа во составот на какаото, боговите навистина се потрудиле да не наградат.

Потенцијалот на оваа напивка го препознале Шпанците уште при првото стапнување на територијата на Мексико, а кога во 19тиот век холандскиот хемичар Конрад Јоханес ван Хотен успеал да го одвои масниот дел, а од остатокот да добие прав, какаото направило вистински бум. Еве кои епитети оправдано ги заслужува.

Антиоксидансна бомба

Моќните антиоксиданси кои се составен дел на какото се флавоноидите и истите му помагаат на телото да се справи со штетата што ја прават слободните радикали. Истите овие флавоноиди ја спречуваат оксидацијата на ЛДЛ (лошиот холестерол) и штитат од кардиоваскуларни заболувања.

Супер будилник

Погрешно е мислењето дека какото содржи кофеин. Она што разбудува по шоља полна со какао е всушност теоброминот, алкалоид кој делува како стимуланс врз нервниот систем и од кој потекнува горкиот вкус на какаото, ама лажичка шеќер лесно го решава тој проблем.

Минерално богатство

Магнезиум, цинк, калциум, железо, калиум, манган се само дел од минералното богатство кое можете да го консумирате преку какото. Од сите нив голем дел отпаѓа на магнезиумот, за кој се смета дека делува анти-депресивно.

Стимулатор на среќа

Исто така какото е богато со анандамид кој што телото природно го произведува после вежбање, па затоа и толку сме среќни и задоволни после секој тренинг, а и после секое топло какао.

Какао насмевки и пеперутки

И најдобриот дел доаѓа од еден алкалоид наречен фенетиламин кој се поврзува со така наречената „Чоколадна теорија за љубовта”. Имено оваа супстанца се смета дека се продуцира кога сте заљубени. Какото содржи фенетиламин па ете зошто љубовта, чоколадото и оваа маѓична напивка се толку поврзани.

А сега ви преостанува само да се сместите удобно во вашите омилени катчиња и да си ги стоплите и телото и душата со една шоља топло какао во овие зимски ноќи.