Супер навики за супер дете

Најголем допринос што како родител можете да го направите за правилен развој на вашето дете е да посветите доволно време за  подготовка на здрава храна. Резутатите не доаѓаат преку ноќ, особено покрај толку слатки и солени ужинки, но доколку ги примените следните препораки сигурно нема да зажалите.

Пазарете заедно
Земете го детето со вас кога одите во супермаркет или на пазар. Притоа купувајте здрави и свежи производи, а додека ги бирате објаснувајте му на детето зошто производот е здрав и корисен за неговото целокупно здравје.

Децата сакаат да учат нови работи, па дури и кога делуваат незаинтересирано тие ги примаат и запаметуваат информациите. Со упорност и доследност може да се создаде позитивна слика за здравата храна.

Приготвувајте оброци заедно
Можете да им дозволите на децата да партиципираат при подготовката на некои оброци, што може да биде забавно и корисно искуство. Така и тие ќе научат како се приготвува храната.

Трпезата треба да изобилува со зеленчуци (во било каков облик, но најпрепорачливо е да се свежи) за да го развивате чувството кај децата дека тие се неопходен дел од секој оброк. Користете есенцијални масти преку разни видови на мелени семки, лешници, бадеми и ладно цедени масла.

Пожелно е сите членови на семејството да ги конзумираат здравите оброци и што почесто заедно да ручаат, бидејќи примерот за правилна или неправилна исхрана секогаш започнува од домот.

Мали порции и повеќе закуски
За децата се препорачуваат помали порции храна и задолжителни закуски од овошје, зеленчук или млечни продукти (кисело млеко, јогурт, кефир). Децата, како и возрасните треба да имаат пет оброка дневно, од кои три се главни, а останатите два оброка ги сочинуваат закуските.

Задолжително физичка активност!
Умерената и редовна физичка активност е одлична превентива која на детето ќе му обезбеди правилен телесен и когнитивен развој, квалитетна социјализација, подобар сон како и повеќе потрошени калории.

Водете сметка за физичките активности на вашето дете и пратете го неговиот развој. Можете да разговарајте со наставникот по физичко воспитување како тоа напредува или со некое друго стручно лице со цел да се информирате за дополнителни активности вон оние училишните.

Воздржете се од слатки награди
Избегнувајте ги продуктите со висок гликемичен индекс базирани на прости шеќери.

Не ги наградувајте децата со слатки (пример: чоколадо, колачи, торти, лижавчиња, бонбони, тортици, па дури и некои видови кекси), засладени јадења или пак засладени напитоци (пример: cola-пијалоци, овошни џусеви, ладни чаеви или сокови на растварање). Со такви постапки слатките производи стануваат синоним за нешто добро, навика која обично се провлекува подоцна во животот кога и сами ќе се наградуваат на ваков начин. Љубовта кон шеќерите се стекнува со конзумирање на слатката храна. Колку повеќе слатки, толку повеќе се зголемува потребата за истите.

Овошјето со фруктозата, витамините, минералите и растителните влакна кои ги содржи е најубава и најздрава блага ужинка за разлика од краткото задоволство на слатките. Исто така, одлична замена за простите шеќери се медот и малтексот, но во некои случаи каде што е неопходно може да се додаде и малку кафеав шеќер.

Повеќе течности
Научете го вашето дете да пие вода и свежо цедени овошни или зеленчукови сокови. Водата го регулира чувството за глад, а децата поради нивната живост, почесто се жедни отколку гладни. Затоа кога детето ќе побара јадење непосредно по оброк, прво понудете му чаша вода, а потоа оценете дали тоа е навистина било гладно или само жедно.

Цедените сокови освен што содржат голем број нутриенти кои го поттикнуваат здравиот детски развој, се многу подобри освежувачки напитоци отколку нивните запакувани замени.

Дадените совети разиваат добри животни навики за уште подобар здравствен бенефит на вашето дете.

Автор

Dusan Jovanovski

Скопје

Македонија