На хелиум, преку Атлантикот

Што е храброст? Храброст е да се пуштиш врзан за најобични балони полни со хелиум преку Атлантскиот океан. А лудост? Горе-долу истото.

Овој епик предизвик планира да го направи Џонатан Трап идната година. Типчево ќе се обиде да прелета преку Атлантскиот океан во 2 на 2 специјално дизајнирана гондола поминувајќи 4000km врзан за кластер од 365 балони полни со хелиум.

Не се секирајте нема да му биде прв пат. Џонатан, инаку познат каскадер и ризикувач на својот живот за неговата кауза ги држи рекордите во летање со најмногу кластер балони (cluster ballooning), како и најдолгата дестинација прелетана на ваков начин, од Франција до Италија преку Алпите!

 

Претходно тој ја има реконструирано и сцената од анимираниот филм на Пиксар, “Up”, каде заедно со мала куќичка одлетува употребувајќи само балони со хелиум, а во 2010 година го прелетува Ла Манш заедно со неговите балони врзани за столица.

Целиот лет ќе биде воден од природните елементи, ветерот и разликите во притисоците па затоа временската прогноза ќе биде клучна. Џонатан дал отказ на работа и сега живее на местото од каде што ќе го направи летот во Мејн, Америка. Од таму тој ќе може да ги набљудува временските промени и ќе одлучи кога идното лето ќе го преземе предизвикот. За него местото на слетување нема да е важно, се додека е на копно нормално. Тој ќе нишани на Франција, но дали ќе слета во Африка, Европа или горе во Велика Британија баш и не е некој важен момент се додека Џон го достигне својот подвиг.

Тест летот кој беше извршен месецов во Мексико помина одлично и сега останува само малку да почекаме!