Втор дел

Улични игри (Втор дел)

Некако успеавме да собереме што повеќе правила за улични игри и да ги документираме во нашата база. На вам е редот да ги испечатите и да ги повторите со вашето дете, а уште поубаво би било децата да си се вратат на улиците со оваа oldschool конципирана забава и дружење.

Сепак, оваа база на улични игри немаше да изгледа вака без нашите пријатели, македонскиот блогер – волан и македонскиот проект за деца – Учиме низ игра. Ви благодариме многу за некои од игрите и среќни сме што некој сеуште се обидува да ги зачува и повтори на улица!

Физички активни игри – поттикнуваат развој на моториката и умот кај децата

Брканица
Потреби: За оваа игра е добро тоа што не треба ништо да се поседува. Само добра волја и неколку другарчиња излезени на улица, пред зграда или на било кое место … може и школските ходници.

Правила: Па правилата се прости, едно дете ги брка другите деца и кога ќе го допре – “шугата” поминува кај него – па тој сега е тој што брка … и така до бескрај … Обично играта почнува изненада – спонтано – кога некое дете ќе допре друго и со извикот “Шугата е во тебе” …. почнува да бега да не се врати шугата кај него. Се троши енергија и се расте одлично со оваа игра.

Сервис
Потреби: Потребна е една топка, креда и парен број на играчи /1 на 1 или 2 на 2/ (односно минимум двајца а максимум зависи од бројот на луѓето). Може да има и “бољи пар”, односно играч(и) што чека некој да изгуби па да го замени и да игра со победникот.

Правила: Варијанта на фудбал каде се црта поле на улица слично на тениско (само помало) а топката се подава само со нога. Ако топката излезе од полето тогаш спротивниот тим од тој што ја шутнал надвор добива поен. Нормално се настојува спротивниот тим или да не ја фати пуштената топка или да шутира во “аут”. Се игра до 11 или до 21, по договор.

Џамлии
Потреби: Минимум 2 деца се потребни за игра за да биде интересно. Од реквизити се разбира потребни се колку што е можно повеќе видови на џамлии. Се игра на тврда, рамна земја без трева со тоа што во земјата се копа дупче во форма на полукруг кој се нарекува “шлајка”.

Правила: Има правила за неколку вида на игри со џамлии. Воопшто за да играш џамлии – главен услов е да имаш “џамлии” – да имаш желба и да најдеш други деца што сакаат да играат џамлии.
Самиот збор етимолошки укажува дека се работи за играчка која е составена од “џам” – стакло. Значи се работи за округли Џамлии – изработени од стакло – кои се во разни големини – нормални Џамлии – мали “цимпури” и големи “картали”. Стаклените џамлии се изработуваат од прозирно стакло а во внатрешноста на стаклото близу до средината се вметнуваат разни листови и други фигури во живи бои. Имаше безброј варијанти на бои и фигури во внатрешноста на џамлиите – што им дава посебна убавина.
Имаше џамлии од метал – ги вадевме од разни лагери. Овие беа добри за да пукнеш туѓ коњак – но и незгодни за некои други исфрлања (има правило да со онаа џамлија што си ја почнал играта играш до крај). Ако не сте се согласиле и во текот на играта да имате право да менувате џамлии – коњаци, каде сепак најдобри се стаклените џамлии. Во недостаток на џамлии по селата се играше со мали ореви и лешници или со природни џамлии од мали камчиња кои се бараа по течението на реките и потоците.
Џамлии може да се играат на ограничен – исцртан простор – во форма на круг (се исцртува со оштар камен или стап) или било која друга форма – квадрат, правоаголник и сл. или на неограничен простор.
Важна работа е “основната црта” од која се почнува да се игра играта и шлајката да се изработува најубаво со пета од чевелот. Ставаш “пета” и со вртења во круг изработуваш мала вдлабнатина – која се нарекнува шлајка.
За да почне играта т.е. редоследот на играчите кој ќе биде прв, втор и т.н. играчите се редат кај шлајката и ја џиткаат својата џамлија “коњак” (омилената џамлија која има и фетиш во себе). Оној што ќе биде најблиску до основната црта – ја започнува прв играта и така редоследно… Важни се и милиметри од цртата. Се мери со методата “од око” – а во критично блиски ситуации се мери со петици (фути), но за ситни должини се користи и стапче – па со прстето поставено на стапчето се споредува кој е поблизок до линијата.
Има и драматични ситуации во кои мора да суди некој кој ке се прогласи за судија!
Значи оној кој е прв ја фрла џамлијата најблиску што може до шлајката (важно во играта е да имаш шлајка – без тоа и да погодиш некого тој останува во играта се додека не влезе играчот во шлајка), а се труди и од прв потез да влезе во шлајката. Другите играчи имаат различни тактики.
Една тактика е да влезеш во шлајката со еден потег (со самото влегување во шлајката се изборуваш да почнеш да играш со променет редослед стануваш прв. Во шлајката можеш да се одлучиш да “спиеш” – што значи не се мрдаш од шлајката и чекаш погодна ситуација некој да се приближи до шлајката или можеш да отидеш на некое место во зацтаниот круг и да чекаш да ти дојде редот. Друга тактика е да се тргнеш понастрана од близината на другите играчи… Цели стратегии се правеа во текот на играњето.
Кога сите што се во игра и сите со првиот потег се влезени во зацртаниот круг, со првиот потег започнува играта со редослед кој како стасал до линијата или со изменет редослед. Заборавив да кажам дека редоследот се изменува и во случај кога од основната линија со својот коњак некого си погодил од “тепка” (директен воздушен погодок) или само ќе го “цакнеш” (џамлијата оди по земја и во своето движење допира друга жамлија “цакнува”) . “Те имам тебе и тебе” е израз кој играчите меѓу себе го изговараат во текот на играта – додека не влезат во шлајка – а означува дека си цакнал некого или си го погодил од тепка, но не си влегол во шлајката. А да, погодувањето од тепка е со посебен бонус … обично бонусот се изразува во ќарување на две џамлии ако играта се игра на “ќар”. А скоро секојпат се игра на ќар!
Значи оној што влегол во шлајка и удрил од тепка некого или само го цакнал – ќарува една или две џамлии од оние кои излегуваат од игра. Џамлиите ги чува во раката со која не игра – или ако се повеќе ги става во џеб се прави купче од џамлии во џеб кои даваат карактеристичен – мил звук на џамлии што удираат една од друга.
Самото исфрлање на џамлијата од раката со карактеристичен покрет на една рака каде џамлијата оди во едно движење на палецот и допалецот и се исфрла врвот од палецот … се исфрла силно за да се удри со тепка (ако тепката ја најавиш пред да го изведеш добиваш бонус уште една џамлија – но има и казна ако промашиш а си најавил тепка губиш една џамлија). Заради ова играчите те деконцентрираат додека го изведуваш ударот со разни магии кои ги прават со удирање на ногата пред или позади џамлијата. Извикуваат одредени фетиш зборови кои ги користат за да те деконцентрираат. Тука има доста и “иље” (Илеџија – е играч кој не ги почитува правилата и игра по свои правила и не признава видни факти – со илеџија никој не сака да игра и затоа децата се трудат што помалку да се илеџии)!
Може да се исфрли и со технички дотеран удар (вртено) за да џамлијата дојде на некое посакано место или влез во шлајка.
“Спие” и “шлајка спие” е правило кое играчите го употребуваат во тактика да не се мрднуваат од место, кое по нивен избор е погодно или да не се мрднуваат од шлајката. Ако спиеш во шлајка а некој влезе во шлајката, тој за да те ќари ќе мора со еден потег-удар да те исфрли од шлајката. Понекогаш се создава збир од повеќе шамлии во шлајката и оној кој ги вади џамлиите е мајстор ако ем ја извади противничката џамлија од шлајката, ем џамлијата сеуште останува во шлајката… (вртен удар) … со тоа тој повторно е на потег и вади друга џамлија или игра по своја желба.
“Колено” е правило кога некој играч го изведува удар од своето колено – за да надмине некој природен сокривач на противничката џамлија – камен или висинка.
“Спотер” е правило кога мавајќи еден играч од тепка или со цакнување, имаш право повторно на следен потег, да удриш друг играч или да пробаш да влезеш во шлајка. Еднаш влегување на шлајка (имам шлајка) важи за целата игра (кругот на играта). Спотер може да направиш и со влегување во шлајка (имаше мајсори за тој потег), за да од подобра близина некого мавнеш од шлајката.
Ако излезеш од кругот – со твојот удар (зависи од правилото-договорот на играчите) или излегуваш од игра, а џамлијата ја даваш на оној кој ќе победи во играта (оној кој последен некого ќе исфрли) или застануваш на самата црта од местото каде си излегол.
Резултат на играта секогаш е убаво поминато време со другарите и обавезно валкани раце – особено раката со која играш! Следува добро миење на раце со сапун. На јаките играчи со џамлии секогаш десната рака им е валкана, поготово делот на зглобовите на секој прст кој за друга прилика служи да каже кој месец колку денови има…
Весели се оние играчи кои се шетаат со полни џепови џамлии и кои успеале да го ќарат и коњакот на противничкиот играч. Џамлиите беа ефтини и другиот ден оној кој ги изгубил сите џамлии оди и во трафика купува нови. Во текот на играта од меѓусебните удари џамлиите и се оштетуваа од силните удари од тепка – и само колку тага имаше на лицето на играчот на кој му е оштетен коњакот ….

Народна
Потреби: Се игра со топка по можност “тешка топка” – за што е погодна топка за ракомет – или фудбалска топка… Кошаркарската топка е претешка.

Правила: По некаков договор меѓу децата се бираат двајца “конзули”. Сите преостанати деца стојат во средина на обележано поле обично правоаголник (со димензии 4х8 м да речеме). На двата потесни краеви на полието стојат конзулите… Тие имаат задача со топката да удрат некого од средните деца. Маваат што посилно со топката – а богами пуштаат и вртени топки за да не ја фатат топката жива децата од средината… Ако некое дете биде удрено два пати со топка од конзулите тоа е надвор од игра – “изгорено е”. Но ако некое дете фати “жива топка” двапати тогаш горат конзулите… и детето што ги фати двете живи топки – бира уште еден конзул – и одат на цртите каде сега тие маваат со топка – стануваат нови конзули. Конзулите сега одат внатре во полето заедно со сите други деца и почнува нов круг на игра! Ако се предалеку децата кои како конзул ги маваш тогаш – може тактички да ја префрлиш топката кај другиот конзул – кој заради близината на децата до него може лесно да погоди некое дете во полето … Е сега мајсторство е да ги префрлиш децата – а да не ти ја фати некој жива топката. Исто така, мајсторство е и оној кој ја прима топката да ја прими во еден потег – за да има време веднаш да мава – кон децата од средината/полето. Така требиш/гориш едно по едно дете од полето… додека не останат две деца во полето. Последните две деца, по заслуга во нова игра стануваат конзули… и почнува нов круг на игра… ако во меѓувреме не те викнат дома за ручек! Играта знае да трае доста долго… децата трчаат наваму, натаму (трошат енергија и растат), маваат и вежбаат удари со топка и прием на топка – што е многу потребно при игри како ракомет. Често оваа игра ја игравме и на часови по физичко. Има и доста смеење и забава – заради разни смешни ситуации.

Продолжува…