Луто здравје

Можеби многу од „манијаците“ по лута храна не се ни свесни што нуди нивното помалку или повеќе болно задоволство на јадење различни видови изгор пиперчиња, и најверојатно тие ги јадат само поради тоа што им го зголемува апетитот. Дополнително, тие се исклучително здрави, а еве неколку причини да Ве предомислиме и да Ве натераме барем некогаш малку да се излутите.

Состојката капсаицин која е составен дел на сите лути пиперки е всушност фитохемикалија која има голема анти-оксидансна моќ и доколку можете да ја издржите лутината, солзите и жарењето кои се пропратен елемент на лутите пиперки таа ќе ви возврати со низа на позитивни ефекти врз вашето здравје.

Инаку чисто информативно, колку полута пиперка толку поголема количина на капсаицин таа содржи, па затоа бидете храбри.

 

Слабеење
Тоа што јадењето на луто ве препотува и зацрвенува не е за џабе. Капсаицинот го активира лачењето на адреналин и ја подигнува телесната температура, а со тоа го зголемува метаболизмот и горењето на екстра калории.

Тој исто така претставува вистинска печка за горење на маснотии со што ја подобрува метаболичка активност на масните клетки (адипоцити) и ги прави помали.

Срце
И машинеријата што не одржува во живот има бенефит. Покрај слабеењето кое помага на работата на срцето, капсаицинот го намалува крвниот притисок и ја проретчува крвта со што спречува несакано згрутчување на крвта.

Студии на нации кои уживаат лути пиперки како Тајланд покажуваат дека редовното јадење на луто ја намалува инциденцата на многу срцеви заболувања.

Рак
Студија објавена во Cancer Research во 2006 пронашла дека капсаицинот спречува понатамошно размножување на канцер клетките од простата. Дури 80% од клетките на простата афицирани со канцер кај експерименталните глувчиња биле уништени.

Дополнителна студија покажува дека тој помага и во превенцијата на рак на панкреасот за 50%, но сепак оваа супстанца сеуште не добила дозвола во третирањето на рак, бидејќи потребни се дополнителни студии.