Палците горе за уличните игри

Многу убави сеќавања од детството се поврзани со дружењето и со игрите по улиците во нашето маало. Но како да се пред исчезнување  генерациите кои играат ластик, криенка, грабни стапче, плочка, народна, граница или џамлии. За жал, децата на денешницата се повеќе играат игри на компјутер и преку интернет се дружат со своите врсници.

Најновото истражување спроведено од Светската Здравствена Организација, покажува дека повеќе од две третини од младите не ги исполнуваат препораките за физичка активност од еден час на ден, шест дена во неделата. Ова истражување е извршено на деца на возраст од 11, 13 и 15 години од 35 земји во Европа и во Северна Америка. Заклочокот е дека физичката активност значително опаѓа кај децата на возраст од 11 до 15 години.

Како главни фактори за неактивноста кај децата и адолесцентите се сметаат еколошките, економските и социјалните фактори, како и безбедноста.

Физичката неактивност е главен причинител на речиси еден милион смртни случаи годишно. Со оваа бројка таа ќе стане водечки ризик фактор за глобалната смртност во развиените земји, затоа што создава сериозни здравствени проблеми.

Со игрите кои се играат надвор децата не само што учат како да комуницираат со луѓето, туку и преку забава правилно го развиваат своето тело.

Со игрите на улица се развива и имагинацијата на детето.

Водењето на физички активен животен стил уште во рана возраст е од големо значење за здравиот физички, социјален, емоционален и психички развој на децата и помага во развивањето на основните моторички способности особено на возраст од две до четири години. 

Исто така, најновите истражувања покажуваат голема поврзаност меѓу физичката активност и способноста за учење.

Сте се запрашале ли како да го мотивирате вашето дете да го исклучи компјутерот и да излезе надвор?

Најпрво вие треба да му бидете пример, бидете активен родител! Излегувајте со децата во парк, низ маало, на детските игралишта, возете ролери, одете во природа, наместо со автомобил излегувајте со велосипед, исполнете го слободното време на вашето дете со интересни активности. Објаснете му ги игрите од вашето детство за детето да ги проба надвор со своите другарчиња.

Доколку немате ништо против домашни миленици, убаво би било да одберете некое соодветно на вашиот животен стил. Така детето учи што е одговорност, а и растењето со животно во голема мера влијае на неговиот понатамошниот карактер. Со својот миленик тоа сигурно повеќе ќе се забавува надвор.

Дозволете му на детето да биде независно. Направете взаемен договор да се слушате на одредено време. Децата сакаат да истражуваат, тие се авантуристи, не треба да им се пречи во играта. Без разлика дали имаат ваша забрана, доколку намислиле тие ќе се качат на дрвото. Исто така, извалканата облека и издрасканите колена не се ништо страшно, најмногу што можат да направат е да остават лузна од едно убаво детско сеќавање.

ТУКА можете да го погледнете првиот дел на улични игри.