Спортско сезонско боцкање

Есента е период кога најчесто се прима имунизација од вируси како грипот. Општата популација може да побара консултација од матичниот лекар и да реши дали ќе прими вакцина против инфлуенца. Но за професионалните спортисти, особено во тимските спортови, тоа е редовна пракса.

Во многу случаи на спортистите им е наложено да се вакцинираат со цел да се спречат можните компликации и последици од грипот како и проширувањето на вирусот кај останатите членови на тимот.

Дополнителна причина за преземање на оваа мерка е интензивната физичка активност на која се изложени спортистите, што доведува до исцрпување на организмот а со тоа и до намалување на имунитетот.

Постојат повеќе студии кои ја обработуваат оваа тема, но не сите се едногласни кога се работи за сезонското вакцинирање од инфлуенца кај спортистите.

Еден пример е Зимската Олимпијада во 1988 година во Калагри, Канада, кога се појавиле многу случаи заразени од инфлуенца. Клиниките кои биле специјално наменети да ги опслужуваат луѓето од медиумите, спортистите и посетителите на олимпиското село  пријавиле пет видови (изолати) на инфлуенца. Но само 84 случаи биле спортисти од вкупниот број на 1200 пациенти кои биле примени со проблеми на дишните патишта. Дури и да биле третирани од личните доктори, немало намален број на настапи или најавено користење на антибиотик (Амантадин не бил забранет за спортистите, но задолжително било да се најави неговото користење). Се чини, останатите 744 слични случаи во главно биле луѓето од медиумите. 

Организацискиот комитет на Олимпијадата пуштила 10.000 бесплатни вакцини против инфлуенца за доброволци, а само 20% се вакцинирале. Сепак, и кај останатите 80% немало    потешко заболени случаи. Олимпискиот комитет ги советувал персоналните доктори дека пожелно е да ги вакцинираат спортистите, но не се знае колку од нив го прифатиле нивниот совет за да се одреди дали имало некаква разлика кај нивната здравствена состојба.  Подоцна, лабораторија во Отава ги тестирала изолатите на инфлуенца и дошла до заклучок дека дури и да примиле вакцина против инфлуенца, таа немало да ги заштити така како што се надевале.

Секако, и покрај контраверзноста на вакцината против инфлуенца, и мислењето дека таа нема да придонесе за комплетна превенција кај спортистите, сеуште се налага тие да ја примат пред големи интернационални настапи особено во критичната сезона на грип.  

За да останат во добра здравствена состојба, поважно е спортистите да внимаваат на нивниот начин на живот, а тренерите да им ги дозираат тренинзите и времето на опоравување според предвидените правила отколку целосно да се потпрат на недоволно истражените влијанија од сезонските вакцини.