Спортскиот џип на вашите деца

Секогаш треба да го цените вашето слободно време, вашето семејство и пријатели за да живеете квалитетен и среќен живот. Но што кога времето е премалку, а работите што треба да ги направиите се многу и ве доведуваат до ситуација да бирате меѓу вашите потреби и потребите на вашето семејство. Тогаш решете се за добро познатата фраза „со еден куршум два зајака”.

Сакате да сте подвижни и кога вашите деца се сѐ уште мали, не сакате да си скратите од попладневното џограње, долгите прошетки во природа или од омилената маратонска трка. Детската количка ќе ви ја даде таа слобода и вашите најмили ќе ги направи верен тренинг-партнер, затоа внимавајте во изборот на спортскиот „џип” на вашите деца. Еве неколку совети што ќе ви помогнат.

Производителите на детски колички и помагала успешно се приспособуваат кон потребите на младите и динамични семејства. Голема е понудата на модели со најразлични карактеристики, квалитет и цена. Кога бирате количка со предзнак „спорт” тоа не само што го надополнува вашиот спортски углед, туку и во практиката ви овозможува да направите работи што со другите колички за деца не можете бидејќи, во најмала рака, се неудобни.

Совет 1
Триколка ќе биде логичниот избор, таа се разликува по својот изглед, компактност, мултифункционалност, по подвижноста и издржливоста. Изберете со гумени тркала, тоа ќе ја зголеми амортизацијата кога минувате низ нерамни површини и ќе го намали шумот додека трчате.

Совет 2
Спортските или џогинг-колички се разликуваат и во подвижноста на предното тркало. Некои производители предлагаат модели со фиксно предно тркало додека други ја имаат и можноста тоа да ротира ако сте во некој супермаркет и сакате лесно да вртите меѓу рафтовите. Затоа, доколку ја користите количката за повеќе од спорт изберете со можност за ротација.

Совет 3
Можете да изберете колички со тркалата што варираат од 12 до 16 па дури и 20 инчи (за најстрастните џогери). Најчесто тркалата може да се напумпаат и во зависност од подлогата да го испуштате воздухот доколку трчате на макадам, трева или на земјена површина. Доколку сакате помал отпор на асвалтот тогаш земете си пумпа за велосипед, таа ќе ви помогне во секое време да можете да го адаптирате притисокот на гумите.

Совет 4
Спортските количките најчесто имаат носивост од 30 до 35 килограми и затоа нема да имате проблем во багажното место на количката за да сместите и дополнителни нешта како, на пример, вашиот ранец. Погледнете ги можностите за склопување и дали ќе можете да ја сместите во багажникот на вашиот автомобил.

Совет 5
При изборот внимателно прегледајте ги безбедносните опции, особено опциите за сопирање во движење и паркинг, пропустливост на вода и цврстината на материјалите од платно. Видете ги опциите за дополнителната опрема како, на пример: држач за шише вода, мрежа за заштита од УВ зраци и комарци.

Совет 6
Доколку имате бебе и сакате да џогирате препорачливо е да се почека додека вашето дете не наполни 6 − 8 недели и секогаш имајте предвид дека добро треба да го облечете доколку времето е посвежо и да го заштитите од УВ зрачење доколку е силно сонцето.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија