Ветерниците и нивните одржувачи

Кога ветерниците се расипуваат, ретки се луѓето кои можат да ги поправат бидејки работата бара основни вештини кои ги имаат само качувачите на карпи…

Ветерниците се едни од клучните алатки кои ги користиме насекаде во светот за производство на струја без горење на карбонски соединенија, давајќи ни 100% чиста енергија за користење.

Досега во светот имаме поставено околу половина милион ветерници, а оваа бројка произведува скоро 1% од енергијата што ја користиме. Во наредните 30 години процентот на енергија што ја користиме од ветерниците треба да порасне на 20% а бројот на ветерници на повеќе милиони низ целата планета, на копно и на вода.

И не е само бројот на ветерници што се зголемува, нивната големина и моќност исто така расте. Ако пред 20тина години големината на ветерниците била 50-70 метри и капацитет од 1-1.5 МWh за 20 години од сега се очекува да имаме ветерници со големина од 250 метри и капацитет од 20МWh.

Но нивното работење подлежи на природните елементи (дождови, громови, мразови, сончева радиација…) кои самите ветерници не можат да ги поднесат на долг рок ако нема човечка рака да ги обнови и одржува. Висината и тешкотијата за достигнување до секое делче од ветерницата ја прават задачата за редовно одржување и поправки доста комплексна и уникатна – за обичните луѓе.

Токму овие комплексни и уникатни подвизи се предизвик за качувачите на карпи кои постојано се стремат да ги надминат во своите искачувања. Со својата издржливост и умешност во качувањето тие можат да ги совладаат и најтешко достапните места, па така качувачите на карпи се природни професионалци за одржување и поправање на ветерниците.

Сторијата на great big story е токму за оваа професија со поглед на животот на качувачка на карпи која сега работи како одржувач на ветерници.

Како што бројот на ветерници и нивната големина расте така и потребата за искусни качувачи кои можат да ги одржуваат ветерниците е се поголема. Веќе постојат компании низ светот на кои единствената дејност им е одржување на ветерници и во кои сите вработени им се качувачи на карпи. Rope Partner (видеото погоре) е одличен пример за тим од 50тина качувачи кои досега имаат поправено над 10000 ветерници низ 11 држави во светот.

Компанијата е американска но своите корени ги добива од Европа, поточно од Германија уште во 90тите години на минатиот век. Во тоа време Германија е многу понапред во однос на останатите држави со новата индустрија за ветерници, па така уште во 90тите години во Германија се јавуваат качувачи на карпи кои можат да ги одржуваат ветерниците. Основачите на Rope Partner биле дел од оваа група, кои со здобиеното искуство го осетиле огромниот потенцијал и можност за работа кој бил само на повидок во Америка и останатиот дел од светот. Повеќе за нивната сторија имате овде.

Во Европа, индустријата за ветерници иако е постара од останатите континенти, сепак е многу нова индустрија, со 20тина години постоење. Како млада индустрија, за неа постојано се бараат искусни луѓе кои можат да ги одржуваат ветерниците, да се грижат за нивната оперативност и да бидат дел од производството на нови ветерници.

Токму одржувањето е тоа што го продолжува животот на една ветерница, а колку е подолг нејзиниот живот толку поголеми се добивките за нивните сопственици. Ако една ветерница имала 20 годишен животен век, со постојаното одржување тој век се продолжува на 30тина години и повеќе. Така потребата од луѓе за оваа професија во наредните 10тина години се очекува да се дуплира и да фалат околу 15 илјади оперативци и одржувачи на ветерници на ниво на Европа.

Заинтересираните спајдерменци можат да прочитаат повеќе на следниов документ, каде се прикажани и програмите за едукација на нови професионалци во ветерната индустрија и веб страната на skillwind иницијативата за едукација на професионалци за оджување на ветерници.

И како за крај, дали знаете која држава во нашиве краишта има најмногу ветерници? Пронајдете на следниов линк, но накратко би ви кажале дека на Балканот ни вртат околу 3500 ветерници.