Мијачка трансверзала – четиридневна планинска авантура во западните краишта
Минатата недела во времетраење од четири денови, младите планинари Коста Тасески и Марко Филиповски ја минаа нивната интересна планинарска замисла – првата т.н. Мијачка Планинска Трансверзала.
Идејата на планинарите кои се родум од Скопје но имаат потекло од мијачките краишта на Македонија, поточно од селата Битуше и Галичник беше врзување на токму овие две села преку најубавите, високи и диви делови на Дешат, Стогово и Бистра.
Стартуваа од селото Битуше на 13 јуни, а четири дена подоцна и со околу 77 километри под нивните нозе тие финишираа во Галичник. Попатно минаа низ осум села – (Битуше, Бањиште, Броштица, Гари, Лазарополе, Тресонче, Селце, Галичник), градот Дебар, искачија повеќе планински врвови на планините Дешат и Бистра и уживаа во недопрената природа на Мијачијата.
Поделено во денови, нивната авантура изгледаше вакa:
Ден 1 – Битуше – под Веливар – Крчин – Црква
Ден 2 – Црква – Бањиште – Дебарско езеро
Ден 3 – Броштица – Гари – Лазарополе
Ден 4 – Лазарополе – Тресонче – Селце – Говедарник – Галичник
„Поминавме вкупно осум села, градот Дебар, 77км во четири денови со околу 4000 метри висинско искачување. Имавме дружба со разни луѓе, поддршка имавме и бодрење каде и да одиме.” – вели Марко.
Подолу следат повеќе фотографии од трансверзалата.