halftime фартлек

Фартлек сценарио по сечиј вкус

Фартлек тренингот може да биде вистинско освежување во понекогаш здодевниот и монотон тренажен процес.

Фартлек тренингот не е нешто што е непознато за активната популација, особено за тркачката заедница. Сепак се чини дека овој, би се рекло, совршен начин на тренирање често пати е заборавен или недоволно применуван.

Ваквиот тип на тренинг нуди слобода во целиот процес и замена за целата современа технологија која понекогаш само го оптоварува тренингот. За него ќе ви биде потребен еден најобичен часовник и малку желба за игра со брзината. Нема темпо, нема монитори за срцеви отчукувања, нема дистанци…

Фартлекот со децении наназад го применуваат од аматери кои се во потера по својот спортски сон па се до тркачи на врвно ниво во речиси сите атлетски дисциплини. Убавината на овој метод е во тоа што истиот е приспособлив за секого и е одличен за развивање на чуството за брзина без да гледате во часовникот.

Рамката на фартлек тренингот е секогаш иста (брз интервал-спор џогинг-брз интервал) но таа може да се приспособува на моменталната форма на спортистот и неговата крајна цел. Со други зборови, суштината на тренингот останува иста за сите, се менува само времетрањето на интервалот и времето на опоравок пред да се започне со новиот интервал.

Ви го презентираме таканаречениот halftime фартлек, кој подразбира сет од опаѓачки интервали со пауза меѓу нив која ќе трае точно половина од последниот истрчан интервал. Еве како тоа изгледа во пракса:

  • 10-15 минути загревање
  • 5 минути интервал- 02:30 минути лесен џогинг
  • 4 минути интервал – 2 минути лесен џогинг
  • 3 минути интервал – 01:30 минути џогинг и така натаму се до едноминутен интервал
  • 15 минути ладење

Интервалите секогаш треба да се трчаат во брзина која ни е таргет за трката која следи, односно тие не треба да се трчаат на максимум, туку со контролиран напор. Подолгите тркачки дисатнци подразбираат и подолги временски интервали, додека пак за трки на 5км или 10км интервалите може да се 4-3-2-1 минута но во два сета еден по друг

Повеќе на тема ФАРТЛЕК – читајте тука

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија