Интервју со Александра Војнеска за првиот ЗОО маратон

На 9ти Мај по повод Денот на Европа се одржа за првпат ЗОО Маратон каде учество земаа 200 деца во четири категории. Настанот беше организиран со помош на атлетскиот клуб Работнички, и затоа решивме да поразговараме со Александра Војнеска наша поранешна олимпијка која воедно е и тренер во клубот, а и претседател на советот за спорт при АСМ.

Како се роди идеата за ваков настан и каква соработка имате со ЗОО Скопје?

Идејата за првиот детски ЗОО маратон беше на одговорните луѓе од ЗОО Скопје – Директорот Г. Ѓеорѓи Галетновски и ПР-от Тина Мицковска. Стапивме во контакт, ни објаснија каква им е идејата а ние како организатори се потрудивме да го направиме тоа на најдовар можен начин. Секако морам да потенцирам дека целиот настан немаше да биде реализиран доколку не беше Агенцијата за млади и спорт која беше главен покровител на целиот настан. Директорот Г. Дарко Каевски максимално се залага за активно вклучување на децата во спортот од најраната возраст и ваквите идеи со големо задоволство ги прифаќа и ги подржува.

Кажете ни нешто повеќе за карактерот и типот на настанот и неговата цел?

Пријавувањето на децата беше онлине. Имаше 4 трки – девојчиња 5-6 години, машки 5-6 години, девојчиња 7-8 години, и машки 7-8 години. Малите од 5-6 години трча на 100м додека поголемите од 7-8 години трча на 150м. Бројот на дечиња во една категорија беше органичен на 50 поради условите (ширината) на патеката. Се трчаше во ботаничката градина на ЗОО на тревната површина поради безбедност на дечињата.

Колку луѓе учествуваа во организацијата на овој настан и кои други настани во иднина планирате да ги организирате?

Во организацијата на овој настан беа вклучени 15 луѓе (организатори, судии, фото-финиш). Целиот настан беше организиран од атлетскиот клуб Работнички, во суштина сите инволвирани во овој настан сме активно вклучени во реализација на Скопскиот Маратон, така да мислам дека целиот настан го организиравме на едно високо ниво.

Каков беше одзивот и реакциите на младите учесници и нивните родители?

Имаше голем одзив особено во машките категори, групите многу брзо се пополнија и се бараше број повеќе. На самиот влез се подигаа старните пакети а потоа децата беа упатувани кон ботаничката градина каде што беше стартот. За секое дете беше обезбеден стартен број со чип (електронско мерење), ранче, маичка, медал, вода и ужинка. Сакавме децата да се почувствуваат како прави натпреварувачи да осетат што значи трка и натпревар и со тоа да го дадат најдоброто од себе на самата трка.

Кои се плановите во иднина за овој настан, дали планирате да биде традиционален и во кој правец сакате да го развивате?

Планираме овој настан да биде традиционален. Целта ни е што поголем број на дечиња да бидат вклучени во овој настан. Во Македонија речиси и да нема атлетски натпревар за деца на таа возраст, така што и тоа како се потребни настани од овој карактер. И самите родители после трката го бара тоа од нас. – “Ајде де организирајте друг натпревар! Зошто да чекаме до наредната година?!.” Тоа дополнително не мотивира и ветуваме уште многу вакви трки и дружења за најмалите во иднина.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија