Кина го затвора базниот камп на Еверест за туристи

Кина става забрана за туристичка посета на базниот камп на Еверест поради еколошки причини. 

Кинеските власти соочени со огромната количина на ѓубре која ја прават луѓето при посета на базниот камп решаваат да воведат забрана за посета на истиот за сите оние кои немаат дозвола за качување.

Ваквата мерка доаѓа по зголемената популарност на оваа страна на Еверест во последните неколку години бидејќи до истата може да се стигне со автомобил за разлика од базниот камп во Непал до кој се пешачи речиси две недели. Ова значи дека од сега па натаму обичните туристи ќе можат да дојдат само до висина на која се наоѓа манастирот Ронгбук т.е. нешто пониско од 5200 метри.

Според статистиките на Кинеската Планинарска Асоцијација околу 40000 туристи годишно го посетуваат базниот камп додека пак властите на Непал во 2016-2017 година пријавиле 45000 туристи во јужниот камп.

Во Кина и Тибет се надеваат дека на овој начин ќе успеат полесно и поефективно да се справат со ѓубрето кое луѓето го оставаат зад себе. Покрај ова тие оваа година планираат да отпочнат и извлекување на телата на планинарите кои загинале при обидот за качување на Еверест во зоната над 8000 метри.

Уште една мерка на Кинеската Асоцијација е ограничувањето за вкупниот број на алпинисти кои можат да се качат годишно на Еверест на само 300.

Да потсетиме дека само пред неколку години на јужната страна на Еверест во Непал беа исчистени 140 тони ѓубре кои планинарите и туристите ги оставиле зад себе.

Подолу споделуваме едно комично видео со не толку комична содржина која ја опфаќа оваа тематика.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија