Килиан со нов брутален тест и резултат

Колку висински метри се возможни за 24 часа?

На 8 февруари овој викенд, Килиан Жорнет и неговата екипа во норвешкиот ски центар Тустен направија 24-часовно тестирање во кое целта беше да се види колку висински метри тој може да покрие со помош на турно скии т.е. со целосно самостојна енергија. 

Досега постоеле бројни обиди со слична тематика од повеќе луѓе низ светот. Во раните денови на скајранингот италијански тркачи правеле слични обиди на одредена секција од планината каде трчале нагоре, а враќањето го правеле со жичара. Понатаму и во светот на скијањето може да се најдат слични тестови, а како целосно самостојни т.е. без користење на жичара или други помошни средства може да се споменат оние 18255 метри на  Флорен Периер во 2011 година, Мајк Фут – 18654 метри во 2017 и најскорешното од истата година кога Норвежанецот Ларс Ерик Скјеврхаим искачи и спушти 20993 метри со неговите турно скии.

Сепак, Килиан Жорнет претставува своевиден раритет во планинските спортови и издржливоста што го има потврдено во повеќе наврати па затоа неговите обиди и тестови се секогаш исклучително интересни за следење.

За предизвикот избрана беше стаза во норвешки ски центар каде стартот беше на 112 м.н.в а највисоката точка на 673 м.н.в, каде тој имаше поставено два круга, подолг со 4.4 км. и 550 метри искачување и пократок од 3.6 км. со 428 метри. Стрмнината  на падината се движи од 12% до 30% што овозможува користење и одмарање на различни мускулни групи. 

Тестот започнал во околу 10 часот наутро по локално време и траел точно 24 часа, за што Килиан и успеал да покрие неверојатни 23486 висински метри искачување во 51 круг. Ова значи дека просечното темпо на качување 978 метри на час каде се вклучени сите транзиции, одмори и спуштања. Целосната измината должина изнесува 200 километри.

Секако, за подвигот да биде успешен потребни се мал милион други работи како соодветни услови, најнова екстралесна опрема, хидрирање, храна и екипа за кои можете да ги прочитате деталите тука, но мора да се сложиме дека подвигот сам по себе претставува врвно психо-физиолошко достигнување. 

Иако веројатно е, сепак ова не може да се земе како рекорд бидејќи секој обид се прави во различни услови и опкружувања, па затоа достигнувањето ќе остане како неофицијално најдобро време за вертикално искачување со сопствени сили.  

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија