Жената која уништи машки рекорд на трка долга 430 километри

Ако се инспириравте од приказната на ултра мајката Софи Пауер, која го истрча УТМБ доејќи го малиот Кормак минатиот септември, спремете се за уште една супер мајка…

На 13 јануари стартуваше една од најтешките ултра трки во Европа, Спајн Рејс, која се одвива по ‘рбетот на Пенините во централна Англија. Станува збор за трка со должина од 429 километри и околу 13.500 метри висинско искачување, за кои имате лимит од 7 дена, или во превод една цела недела на отворено низ променлив терен од калливи долини и снежни врвови. Да го споменеме и фактот дека контролните точки се наоѓаат на раздалеченост во просек од 70 километри, што значи дека сосебе си носите и голем дел од храна и облека.

Она што оваа година ја направи поинаква од другите е тоа што Спајн Рејс има жена победник во генерален пласман. Јасмин Парис е позната во британските ултра кругови, затоа што често застанува на женскиот подиум на локалните трки. Но нејзиниот резултат на Спајн Рејс е дефинитивно едно од нејзините најголеми постигнувања.

Не само што ги победи сите останати учесници, туку дополнително го сруши и машкиот рекорд на Еоин Кит поставен во 2016 година (95 часа и 17 минути) за цели 12 часа, односно нејзиното време изнесува 83 часа и 12 минути. Конкуренцијата се состоеше од 136 други натпреварувачи од кои 125 мажи.

И секако за приказната на Јасмин биде уште поинтересна, сето ова го направи измолзувајќи млеко на контролните точки за нејзината ќеркичка Рован, која има 14 месеци. Во припремниот период, Јасмин имала обид да ја одвикне малечката од мајчино млеко, но 2 вирусни инфекции кои се накалемиле една на друга, ја искомплицирале ситуација за Рован да може да јаде нешто друго.

Така Јасмин морала да дои до последен момент, а измолзувањето и било неопходно за да не се здобие со маститис за време на трката. Првите 24 часа биле најтешки, а понатаму заради огромниот напор, продукцијата на млеко се намалила, што било олеснителна околност, објаснува во интервјуто за Гардијан.

Што се однесува до тренинзите Јасмин ги вклопувала во секојдневниот живот исполнет со обврски кон детето и работата, со тоа што станувала секое утро во 4 часот и тренирала на околните брда додека сите други спиеле. Секако упорноста и влогот на крај се исплателе со тоа оваа мајка, жена и атлета на крајот стигна на подиумот 20 часа пред вториот финишер.

Жена победник во генерален пласман, особено на вакви тешки, брутални и долготрајни натпревари и не е така ново. Да се навратиме и на феноменалната Кортни Даувалтер минатата година на трката Моаб 240, која можните 112 часа за финиширање на долгите 240 километри, ги компримира во 58 часа и со тоа се качи на победничкиот подиум, речиси 10 часа пред првиот маж.

Иако се уште нема доволно истражувања кои се посветени на споредбата помеѓу женската и машката издржливост на трки подолги од 200 милји, сепак познавачите на тематиката сметаат дека како што расте дистанцата така биолошката предност на мажите се намалува.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија