Одлични презентери на 9-тото ЕХО – Кшиштоф Вјелицки и Силво Каро доаѓаат во Скопје

Покрај екстендираната петдневна програма со одличен избор на филмови, оваа година на деветтото издание на фестивалот на планински филм – ЕХО ќе можеме да проследиме и четири одлични презентации од звучни светски имиња во планинските спортови. Во прилог опфаќаме две од овие четири презентации.

Како едно од најзвучните имиња кои оваа година ќе имаме можност да ги гледаме со свои презентации на деветтото издание на филмскиот фестивал посветен на планината е Кшиштоф Вјелицики, еден од најистакнатите полски алпинисти кој има бројни важни искачувања на Хималаите. 

Тој е петтиот човек кој ја искачува т.н. „Хималајска Круна” – сите врвови повисоки од 8000 метри, а во најголем дел тоа го прави по нови насоки, во алпинистички стил и во зимски услови. 

Тој заедно со Лешек Чиши се првите луѓе на Еверест во зима, со Кукучка на Канџенјунга во зима, а на Лотце соло во зима. Голем број од искачувањата на врвови над 8000 метри му се во соло и исклучително брз и лесен стил што своевремено претставуваат пионерски чекори во алпинизмот. 

Во 2003 година тој е добитник на наградата Order Odrodzenia Polski за својот значаен придонес во алпинизмот и популаризација на спортот. Минатата година тој беше водач на полската експедиција која беше во обид за прво зимско искачување на К2 кое се уште не е остварено.  

Презентацијата која ќе ја одржи Кшиштоф Вјелицки е насловена: „МОЈОТ ИЗБОР” и ќе може да се проследи на 20 ноември во киното Фросина со почеток од 20 часот и 30 минути.

Подолу следи список со првите негови искачувања на 14 планини повисоки од 8000 метри:

-Монт Еверест (8848м, во 1980 година) – преку нормалмата насока од Непал, заедно со Лешек Чихи, но – во зимски услови. Тоа е прво искачување на планина повисока од 8000м во зимски услови;
-Броад Пик (8051м, во 1984) – преку нормалната насока, но во еден ден! Ова е прв пат планина од 8000 метри да биде искачена во еден ден и тоа соло: му беа потребни 16 часа за качување и 6 часа за симнување;
-Манаслу (8163м, во 1984) – преку нова насока, на југ-југоисточната страна, заедно со Александер Лвов;
-Кангченџунга (8586м, во 1986) – преку нормалната насока, но ова е прво качување во зимски услови на оваа планина, заедно со Јержи Кукучка;
-Макалу (8485м, во 1986) – по нормалната насока, но во алпинистички стил, заедно со Марсел Руеди;
-Лотце (8516м, во 1988) – по нормалната насока, но: прво зимско искачувањена оваа планина – соло;
-Даулагири (8167м, во 1990) – нова насока на источната страна – соло, за 16 часа до врвот;
-Анапурна (8091м, во 1991) – по британската насока на јужната страна, заедно со Богдан Стефко;
-Чо Оју (8201м, во 1993) – по полската насока, заедно со Марко Бјанки;
-Шишапангма (8027м, во 1993) – по нова насока на јужната страна – соло, во 24 часа;
-Гашербрум 2 (8035м, во 1993) – по нормалната насока – соло;
-Гашербрум 1 (8080м, во 1995) – по јапонската насока, во алпинистички стил, за 30 часа од база до врв, заедно со Карлос Карсолио, Ед Вистурс и Јацек Бербека;
-К2 (8611м, во 1996) – по јапонската насока, заедно со Марко Бјанки и Кристијан Кунтнер;
-Нанга Парбат (8126м, во 1996) – по насоката на Кинсхофер – соло.

Покрај Вјелицки, второто звучно име кое доаѓа од балканскиот регион е словенечкиот алпинист Силво Каро, еден од врвните алпинисти на Словенија. Каро има направено повеќе од 2000 алпинистички искачувања од кои преку 320 првенствени на различни делови од светот, од Патагонија, Хималаите, Јосемити, Каракорум и Алпите. 

За своето искачување на гранитните патагониски врвови тој има издадено есеј кој е дел од книгата „Гласови од врвот” (Voices from the Summit) издаден за Нешнл Џиографик. Во книгата, есејот на Каро се наоѓа помеѓу натписи на 30-тина други звучни имиња од планинските спортови како Меснер, Лин Хил, Катрин Дестивел, Крис Бонингтон, Џеф Лоу, Ивон Шуинард итн. Добитник е на бројни награди и признанија за неговите достигнувања. Оваа година тој ја објави неговата автобиографија – Алпинист. 

Минатата година Силво Каро беше гостин на презентација во организација на Македонската Алпинистичка Федерација. 

Презентација која Силво Каро ќе ја одржи е со наслов – „40 ГОДИНИ АЛПИНИЗАМ” – среда 21 ноември – кино Фросина 20 часот.

Покрај Силво Каро и Кшиштов Вјелицки, на репертоарот ќе има уште две презентации кои ќе ги опфатиме во текот на оваа недела. 

Целата програма може да ја најдете тука

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија