Европа гласаше за забрана на пластика за една употреба

Бидејќи проекциите велат дека ако човекот продолжи со ова темпо на производство на пластика до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластика отколку риба, како еден од важните чекори кон заштита на животната средина европскиот парламент ја изгласа забраната за производство на пластика за еднократна употреба. 

Со 571 наспрема 53 гласа, европскиот парламент оваа недела го изгласа предлогот кој беше донесен уште во мај оваа година каде треба да се донесат важни мерки за затегнување на производството на пластика како и нејзиното депонирање и рециклирање.

На мета се оние пластични производи за една употреба кои претставуваат најголема закана за животната средина и океаните како пластични сервиси за јадење за една употреба, пластични чашки, цевки, чепкалки за уши итн.

На годишно ниво бројките велат дека во океаните завршуваат околу 8 милиони тони пластика која има ужасен ефект по живиот свет.  Пластиката многу тешко и споро се разградува и честопати е причина за смрт кај многу водени но и други животни.

Истотака, во план е да се стави регулатива и за производителите на цигари каде отпушоците се едни од најголемите загадувачи на плажите во целиот свет. Предлогот е до 2025 производителите на цигари да ја намалат пластиката во нивните продукти за 50% а до 2030 година и за 80% – пренесува BBC.

Покрај овие мерки, планот е да се зголеми стапката на рециклирање со што до 2025 година дури 90% од пластиката би завршувала на рециклажа.

Се очекува во Европската Унија оваа забрана да стапи во сила до 2021 година, а покрај Европа, и одредени држави од САД веќе имаат слични забрани за пластика за една употреба.


Дополнително на темата – КАДЕ (ЌЕ) ОДИ ЦЕЛАТА ОВАА ПЛАСТИКА?


 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија