Искачени сите врвови над 2000 метри на Баба Планина за помалку од 24 часа
Прилепскиот планински тркач Александар Стојкоски заедно со важната помош од една мала логистичка екипа, вчера на 17.10.2018 успеа да ги искачи и поврзе сите врвови над 2000 метри на планината Баба (на македонска територија) за помалку од 24 часа. Ако се прашувате колку се на број – скоро 1 врв за секој час.
Ако Англија го има кругот на Боб Грахам, тогаш зошто Македонија на толку планини и врвови да го нема кругот (иако не е круг) на Баба?
Проектот „Баба 2К” е идеја на неколкумина прилепски планински тркачи кои поставија замисла за врзување на сите врвови повисоки од 2000 метри на македонска територија на планината Баба.
Околу Пелистер, кој претставува круна на целиот планински масив сместен помеѓу Преспа и Битола, се наоѓаат огромен број на други помали но интересни планински врвови. Вкупно 23 изброи екипата чија цел беше истите да се изминат и поврзат за помалку од 24 часа.
Во тоа успеа Александар Стојкоски, еден од најдобрите планински тркачи во Македонија кој заедно со логистичката поддршка од Филип Туманоски, Александар Еленин, Мери Мирческа, Антонио Каранфилоски, Златко Жоглев и Пецо Стојкоски успеаја во комплетирање на проектот.
Стартот беше во 12 часот на полноќ од селото Маловиште од каде се искачи првиот врв Вртешка 2010 мнв, за потоа преку Голема и Мала Чука и Пелистер да се поврзат сите останати 20-тина врвови со финиш за нешто над 21 часови во селото Љубојно.
Вкупната должина на патеката е 84 километри со 5400 метри висинско искачување, сите 23 врвови се:
- Вртешка 2010м
- Мала Чука 2009м
- Голема Чука 2179м
- Козји Камен 2180м
- Пелистер 2601м
- Илинден 2542м
- Стив 2468м
- Широко Стапало 2415м
- Партизански Врв 2349м
- Ветерница 2420м
- Мразарник 2235м
- Марушица 2091м
- Големо Врвче 2103м
- Орлов Врв 2260м
- Голема Грива 2195м
- Скрково 2146м
- Муза 2351м
- Баба 2093м
- Лош Камен 2081м
- Шкамби и Рофес 2196м
- Бојаџиев Врв 2331м
- Балтан 2117м
- Цуце 2120м
„Патеката е многу тешка и во голем дел оди по беспатје, само 10% си на пат. Многу тешка рута” – изјави Александар.
„Бидејќи често тренирам на оваа планина и истата ми е омилена во Македонија, ми се роди желба и идеја за овој подвиг. Отпосле му ја кажав идејата на Александар Еленин со кого направивме целосен детален план за рутата и точките на логистика.
Дефинитивно оваа патека без силна логистика, тешко дека ќе може да се измине. Со ова би сакал да се заблагодарам за целата екипа бидејќи заслугата е подеднаква” – изјави Стојкоски.
Целата патека може да ја видите на ГПС записот на Александар.