Чичко Буран овој викенд ја искачи Солунска по 1000-ти пат

Викендов на 22 септември на највисоката точка од масивот Мокра, на тазе поставеното обележје на врвот беше поставено нова плоча која вели – Солунска Глава 2540 мнв – 1000 искачувања – Буран. 

Сали Буранедин e еден од поактивните планинари на ПСД Бистра, кој овој викенд на негови 67 години, во придружба од уште 60-тина други планинари успеа по негов јубилеен илјадити пат да се искачи на врвот Солунска Глава.

Чичко Буран за прв пат се искачил на Солунска во 1976 година, а за комплетирање на 1000 искачувања му беа потребни 40-тина години. Желбата за исполнување на оваа цел му се родила во последните 10 години, а оваа сабота на 22 септември 2018 тој го одбележа своето 1000 искачување. 

На убавиот јубилеј присуствуваат повеќе други планинари кои ја споделија радоста со Чичко Буран, а на врвот, на новопоставениот столб беше прикачена табла со неговиот неофицијален рекорд во искачувања на Солунска Глава. 

Буран досега има искачено повеќе други високи врвови во Европа, Африка и Азија, а во 1996 година заедно со планинарот Стојанче Костовски од Крива Паланка за еден месец пеш ја изоделе територијата на Македонија по граничната линија долга над 900 километри. 

Посакуваме што повеќе луѓе, независно од нивната возраст, да започнат со планинарење и уживање во планините по стапките на Буран. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија