Светскиот ден на физиотерапевтите во корелација со менталното здравје

Почитувани колеги физиотерапевти,

Секоја година, на 8 Септември, го славиме светскиот ден на физиотерапијата – глобален настан кој ја препознава неверојатната улога на физиотерапевтот во општеството и односите кои ги имаат со своите пациенти. Светската конфедерација на физиотерапевти, оваа година ја буди менталната хигиена како неминовен дел од физиотерапевтскиот процес на третман кај пациентите. На истиот начин, како денталната хигиена вклучува четкање на забите, а личната хигиена вклучува грижа за самите себеси, емоционалната хигиена се однесува на нашето психолошко здравје и усвојување на кратки секојдневни навики за следење и решавање на психолошките рани.

Доброто ментално здравје е од фундаментално значење за благосостојбата на поединците и нивните семејства, додека слабото ментално здравје се смета за една од најголемите причини за попреченост, слаб квалитет на живот и намалена продуктивност. Во оваа ера на експоненцијален раст на метаболниот синдром и дебелната, промените на начинот на живеење можат значајно да го подобрат здравјето и квалитетот на животот.

Човечкото страдање е големо, бидејќи менталната болест е социјално изнемоштена и поврзана со самоубиствени идеи и обиди, злоупотреба на дрога и алкохол, како и бездомништво.

Луѓето кои имаат сериозни ментални болести, вклучувајќи депресија, шизофренија, биполарни растројства често се поврзани со лошо физичко здравје и имаат значителна психијатриска, социјална и когнитивна попреченост. Физичката активност има потенцијал да го подобри квалитетот на животот на лицата со сериозни ментални болести преку два правци – преку подобрување на физичкото здравје и со олеснување на психијатриската и социјалната попреченост.

Улогата на физиотерапијата во оваа област влучува лекување на пациенти со болка, соматоформни нарушувања, анксиозност, депресија, нарушувања на личноста, здобиена повреда на мозокот, деменција, бихејвиорални однесувања, нарушувања во исхраната, зависности и др.

Затоа, би сакал да назначам неколку здравствени придобивки од редовното вежбање кои играат значајна улога во подобрувањето на менталното здравје:

– Подобар сон;
– Подобра издржливост;
– Ослободување од стресот;
– Подобрување на расположението;
– Зголемена енергија;
– Намален замор, кој може да ја зголеми менталната будност;
– Намалување на телесната тежина;
– Намален холестерол и подобрена кардиоваскуларна кондиција.

Секој физиотерапевт треба да си постави цели кога се соочува со ваков вид на третман кој покрај хроничната болка, вклучува и нарушување на менталното здравје кај индивидуата која побарала помош од физиотерапевтот, а тие се:

– Зголемување на самодоверба и доверба;
– Подобрување на расположението и промоција на благосостојба преку структурирана програма за вежбање;
– Мотивирање на пациентите и промовирање на самостојно управување при ментални и физички здравствени проблеми;
– Промоција на позитивна слика за телото;
– Намалување на социјалната изолација.

Почитувани колеги, го промовирав менталното здравје со голем аспект на значењето на самиот третман во корелација со стандардната кинезитерапија бидејќи самата Светска конфедерација повикува на побудување на свеста за менталното здравје кај нашите пациенти.

Ви посакувам среќен ден на физиотерапевтите а воедно и честит празник – денот на Републиката.

Со почит,
Денис Арсовски
Дипломиран физиотерапевт, специјалист по рехабилитација во травматологија, ортопедија и хирургија, генерален секретар на МАКЕДОНСКОТО ФИЗИОТЕРАПЕВТСКО ЗДРУЖЕНИЕ (МФЗ).