Баргиел успеа да го скија К2 во рекорден ден на врвот

Овој викенд во рекорден ден по број на успешни искачувања на К2 се најде Полјакот Анджеј Багиел кој успеа да стане првиот човек што го искачил К2 и го спуштил со скии. 

К2 со неговите 8611 метри надморска височина е вториот највисок врв во светот и еден од технички најтешките и најопасните за искачување и спуштање. Досега имало неколку обиди за качување и спуштање со скии, но подвигот никогаш не бил успешно направен и истиот има несреќна историја. Во 2017 година младиот ски алпинист од полско Закопане, Анджеј Баргиел, го направи првиот обид, но беше спречен поради лоши временски услови. 

Сепак, тој и неговиот тим имаа повеќе среќа оваа сезона кога откако помина неколку недели во масивот Каракорум, на 19 јули тој и неговата логистика тргнаа према врвот. Целта беше да се искачи во „временскиот прозорец” околу 21-22 јули, што на крајот се покажа како успешен обид за Анджеј, но и за уште 30 други искачувачи. 

Ова воедно претставува и рекорд за најмногубројни успешни искачувања на врвот во еден ден (вкупно 31), со подобрување на претходната бројка од 28 луѓе поставена во 2012 година – пренесува Експлорерсвеб.

Иако се уште се очекуваат повеќе официјални фотографии и видеа од искачувањето и спуштањето на Баргиел, на неговиот официјален Фејсбук профил се објавени некои фотографии од спуштањето кое било направено преку комбинација на неколку рути за да се опфатат повеќе снежни делови на инаку доста карпестиот врв. 

Рутата за спуштање одела преку класичната насока на Абруци гребенот, па преку Баскиската насока за да се направи конекција преку траверсот на Меснер и да се заврши преку Полската рута на Кукучка и Пјоторовски.

Баргиел е 13-тиот Полјак што го искачува К2, а оваа година во исполнување на мисијата тој имаше помош од неговиот брат Бартоломеј Баргиел, Јануш Голаб, Пиотр Павлус, Марек Огиен и тим на високо искусни Шерпаси. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија