Интервју со националниот шампион во маратон Александар Кираџиев

Александар Кираџиев и оваа година беше најдобриот македонец кој го истрча Скопскиот Маратон. Во интервјуто за karas4training.com тој открива повеќе за останатите постигнати успеси од оваа година, за понатамошните планови и за општествената одговорност на компаниите во Македонија.

Пред сѐ честитки за постигнатиот успех на Скопскиот Маратон. Повторно сте најдобриот македонец кој истрча 42 км со одличен резултат од 2:42:48. Како течеа подготовките за овој маратон и дали сте задоволни од постигнатиот резултат?

Александар – Благодарам на искрените честитки. На денот на трката бевме соочени со сериозно екстремни амбиентални услови, па тие лимитирачки фактори допринесоа ние маратонците особено да имаме сериозен предизвик во постигнување повисоки резултати. Сепак, пласманот на Маратонот во овој случај е поважен, па така веќе четврта година во низа сум Национален Шампион во Маратон и целта е постигната.

Позади секој успешен спортист стојат општествено одговорни компании кои го поддржуваат. Позади вас како една од поголемите компании стои Фибернет. Дали соработката продолжува во текот на оваа година и каде сѐ планирате да учевствувате со нивната поддршка?

Александар – Се согласувам со вашата теза и идеја. Потребна е поголема поддршка од компанииите, бидејќи тоа што јас и таквите како мене го добиваме, засега е солидна поддршка за спортистите, кои во време на негативни и деструктивни ситуации во земјава преку спортот ја подигнуваат и водат нашата младина во вистински колосек. Фибернет и оваа сезона е со мене, придонесувајќи да се покрие дел од агендата која ми престојува.  Првата полусезона почна одлично, а планирам малку да се одморам после двата Маратона и двата пиедестала оваа пролет, па на есен повторно да трчам на неколку полумаратони и Маратони. 

На кои други маратони учествувавте во последниве месеци? Какво беше вашето искуство и какви резултати постигнавте?

Александар – Пред 5 недели учествував на Маратонот во Јагодина, каде го добив и мојот прв меѓународен пиедестал, односно финиширав како второпласиран, во исто така исклучително лоши амбиентални услови.

До крајот на оваа година се организираат повеќе маратони на Балканот и пошироко. Дали веќе направивте план на кои ќе учевствувате и дали има некој што ви претставува посебен предизвик?

Александар – Планирам да учествувам на неколку други (полу)маратони оваа година. Во план ми е трката на 10км во Охрид (Охрид ТрчаТ), понатаму трката на 10км во Прага, како и полумаратонот во Усти Над Лабем (Чешка), Маратонот во Софија (Бугарија), а најверојатно оваа година повторно на Маратонот од Улцињ (Црна Гора) до Скадар (Албанија).

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија