Спремни за Момата Рок Треил 2018!!
Со минимално изменета патека и максимално одличен и предизвикувачки терен, оваа недела на 20 мај ќе се одржи четвртото издание на трката „Момата Рок Треил” на Селечка Планина во Прилеп.
Трката е во организација на здружението ЗАПС Единак и оваа 2018 година ќе го има четвртото издание. Стазата започнува од манастирот Св. Димитрија во селото Селце – непосредно до Прилеп, а минува низ ридот Топташ, се искачува кај импозантната карпа Момата, по карпестиот терен се стигнува до планинарскиот дом Томе Темелкоски откаде се качува врвот Чуле.
Потоа следи благ и рамен дел на гребенот на Селечка планина со поглед према мариовската дивина пред финалниот спуст преку Дуна Нива кој ќе ве однесе повторно во манастирот во селото Селце. Оваа година трката ќе има плус 2 километри во должина – од претходните 19 на 21 со висинска разлика до 1100 метри.
Стартот е закажан за 10 часот а котизација за трката е 450 денари. Пријавувањето можете да го направите на следниот линк или на лице место, а учество може да земе секој кој има желба да помине една одлична патека на гранитното прилепско тло.