Прекината потрагата по Бојан Петров на Шишапангма

Откако беа направени неколку обиди за потрага по исчезнатиот бугарски искачувач на врвот Шишапангма во Кина, и откако беа направени неколку безуспешни прелети со хеликоптер, мешаната спасителна екипа реши да ја прекине акцијата. Бојан Петров останува вечно на Шиша. 

Бојан Петров беше во обид да го искачи својот 11-ти врв повисок од 8000 метри, врвот Шишапангма кој се наоѓа на целосно кинеска територија и е висок 8027 м.н.в. На 29 април тој заедно со остатокот од експедицијата се упатил кон погорните висински кампови. Веќе на 2 мај откако останатиот дел од екипата не се чуствува доволно аклиматизирано и решава да спушти висина, Бојан одлучува да продолжи соло до врвот. Последен пат е виден (од базниот камп со помош на двоглед) на 3 мај некаде на висина од 7500 метри. 

По овој период следеше дестабилизација на времето со лоши услови и бура кои оневозможија било какви активности на планината. Откако настапи подобрување на временските услови беа направени неколку обиди за спасителна акција кои завршија безуспешно. Последен обид беше направен денес на 16.05.2018 година кога двајца бугарски спасувачи Дејан и Кирил Петков заедно со екипаж од Непал направија хеликоптерски прелет на врвот во добри временски услови по што не беше забележана никаква трага од бугарскиот искачувач. Друга пак екипа од шерпаси стигна на 10 метри до врвот каде не пронајде никаква трага од Бојан, единствено некои лични работи но во 3 висински камп каде последен пат беше виден. 

Со оглед на временскиот период во кој Бојан е исчезнат, многу малку и можеше да се очекува дека исходот на овие акции ќе биде позитивен. Тој е исчезнат веќе 13 денови, а по последната обиколка на врвот, спасувачката екипа, а и неговата сопруга Радослава Ненова изјавија дека веќе нема потреба да се ризикуваат животите на други спасувачи и дека сите акции за спасување се запираат. 

Бојан Петров беше еден од најистакнатите бугарски и балкански искачувачи. Заедно со Виктор Грошељ од Словенија тие се засега единствените од Балканот кои имаат искачено по 10 врвови повисоки од 8000 метри, а Бојан имаше желба и цел да ја искачи цела хималајска круна. 

Македонската јавност имаше можност да се запознае со Бојан Петров на 11 декември 2017 година кога тој присуствуваше со презентација на неговиот проект „Бугарин кон 14х8000″ за време на активностите по повод светскиот ден на планината. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија