#Тур де Македонија со Кристијан Ќулумовски – Преспа Бајк

После долго време и желба за поминување на преубавите предели на Македонија со точак, дојде денот кога се решив сам да ја шетам Македонија. Со изминати 18 града и извозени 726.2 км во 7 од 10 дена може да се каже дека поминав еден незаборавен одмор со толку убави луѓе низ цела Македонија.
А, како започна, продолжува надолу.

15 април недела Старт: 6.30ч
Ресен – Велес = 155.9км

Веќе од вечерта спремен, сабајлето со поздравување на моите родители, тргнав на патешествието кое ме чекаше во наредните дена. Временската прогноза кажуваше за дожд во наредните 2 дена, но со Господ напред јас тргнав да возам без разлика на временските услови, бидејќи и да врне и да вее и бура да коси, јас секој крај на турата сум под покрив. И така почна. Возењето до Прилеп ми беше доста познато и од претходни возења со точак на така, но за прв пат Плетвар го качував од Прилепска страна. Иако веќе по патот го искачив и Ѓавато од Ресен, Плетвар не беше нешто опасно бидејќи е доста пократко од колку да го качуваш од другата страна. Првата пауза ми беше на бензинската пумпа во Црна Река во Возарци каде за прв пат бев сретнат од комшии ресенчани каде ме испрашуваа каде одам. Кога им кажав уште колку пат имам за возење, се чудеа како ли ќе го извозам. Но веќе јас сум тргнал на пат кој со кејф , дружба и желба ќе го извозам. Додека возев кон Велес цело време небото беше покријано со облаци а за мене беше во добивка бидејќи одев кон топол крај. Како што се ближеше крајот, јас се појќе брзав да стигнам до Велес што порано, за да имам и појќе време за одмор. Кога стигнав до Градско, како што одев кај роднините со автобус по стариот пат на истиов овај што го возев, мислев дека Градско и Велес се многу блиску. Но малку и заморот, малку и долгиот пат, видов дека е доста напорен и цело време со премногу мал успон и многу ветер . На спуштањето на удолницата пред Агриа, веќе како што имам к’смет а и доста дебел, пукна и првата шпица. Извозив со шантање на колцето некако до Велес, стигнав до кај мојата најмила брачеда Менче.

Малку опуштено стигнав пред зграда и кога веќе сум Велес, кој да го барам ако не Претседатело на Велес бајкинг и мој многу добар другар Зоран Јаневски. Со едно до две пива , иако недела, веќе Зоки го договори Орце кој несебично стана од својот ручек и го отвори дуќанот за да ми го спреми точакот за наредниот ден и наредната тура. Премногу благодарност до нив двајца бидејќи ќе морав да чекам наредниот ден и ќе изгубев доста време за возење. Го средивме точакот и со Зоки со возење заминавме дирек во Паб каде требеше да фрлиме уште по некое пиво и да се сретниме со Коста , исто така добар другар со кој се знам од порано. Седнавме, се видовме, фрливме по некое пивце и време беше да се оди дома на ручек. Брачеда ми веќе го спремала ручекот , па со некое ракивче се префрливме на салата па една мусака прсти да излижиш. Се најадовме, помуабетивме што следно и му спомнав дека одам накај М.Каменица. На цела среќа, и како што имам к’смет цело време, брачеда ми веќе има човек во М.Каменица и мене веќе уште од вечерта ми беше среден и смештај и пречек со сите нишани. Голема благодарност до Ивица што бев пречекан како господин и благодарност до газдите на Хотел Шизик.

16 април Понеделник Старт: 7.00ч
Велес – Македонска Каменица = 100.1км

Спремен за нова авантура заминав да возам за Каменица. Пред да заминам, морав да се поздравам со мојот тетин и тетка во Велес па после тоа за Штип. Патот до Штип е преубав, нов и се е надолу, освен Велешкото брдо со успон од 6% и некојси 4 км, излегува еден видик преубав и спуштање се до Штип т.е клучката за Кочани. Како што возев, уживав во зеленилата, посадените ниви и преубавите пејсажи. Времето беше исто како и претходниот ден и на моја среќа беше и ладничко, но бев убаво облечен и полека се движев кон Штип. Поминав низ Лозово, Кадрифаково, Три чешми и на надвожњакот па лево за Кочани. Првата пауза ми беше на првото село на излегување од Штип за Кочани Чардаклија.

Таму веќе опуштен без да знам уште колку имам за возење, јадов и м’тнав едно пивце. Имав околу 27 километри прав пат со кратки успони и дирек за Кочани и да се сретнам со мојот пријател Столе кој веќе се знаевме многу години, исто така љубители на ликот и делото на Тома Здравковиќ но никогаш не бевме седнати да напреме мубает уз пивце. Веќе стигнав, се договоривме да се сретниме во “Coffee House” во Кочани. Јас стигнав нешто порано и веќе си нарачав пивце, а времето веќе почна да роси. Стигна Столе, фрлив јас некое пивце Столе кафе па се размуабетивме за точаци, за дружба и др. Имав уште 30 км до Каменица и морав да возам.

Излегов од Кочани и заминав кон Истибања па од селото Брегалница почна успонот за Каменица. За прв пат возев по тој пат и на кој се сретнав со многу убави пејсажи и возење меѓу две планини. Пат со многу одрони но за мене не беше проблем бидејќи беше многу мирен и без сообраќај. Уживав и како искачував до браната, имаше работа на патот и се асфалтираше целиот пат што вози за Каменица. Стигнав до браната,сликнав и заминав за спустот до Каменица. Кога стигнав таму го побарав хотелот Шизик и само што ме сместија и ме пречекаа со пивце и веќе цело небо се истуре на Каменица со дожд. На среќа моја. Се сместив во собата, а собата шо да кажам, освен да пофалам. Голема, со голем кревет, спална, тушови од сите страни, со голем телевизор. Едноставно перверзија. Се средив, па заминав на ручек пастармајлија и пивце и уживање.

Додека ручав, стапив во контакт со мојот пријател Бошко, шампионот во бенч и брат на градоначалничката на М.Каменица. Беше на смена во Саса и се договоривме да се сретниме во теретаната која интересно е направена за Каменичани и бесплатна за секој. Се видовме, па му предложив после тренинг дека ќе го чекам во Шизик. Дојде таму, се видовме, помуабетивме, фрлив по некое пивце а тој салата и вода и така заминав в кревет да одморам за наредниот ден.Уште еднаш голема благодарност до Ивица и газдите на Шизик кои несебично ме сместија и угостија во овој прекрасен Хотел – Ресторан.

17 април Вторник Старт: 7.30ч
М.Каменица – Делчево 27 км.

Иако првиот план беше да возам до Берово и плус тој ми беше најлесниот ден за возење, морав да го прекинам бидејќи имаше доста големи најави на дожд. Планот беше да одам со автобус од Каменица до Берово, но како што станав сабајлето, а автобусот од Каменица до Берово беше во 11.30, решив да тргнам со возење барем до Делчево. Како што излегов од Каменица, со успон од 1-2 км веќе излегов на калиманско езеро и се движев цело време по него. Морам да кажам дека сум среќен што го фатив овај период за возење, бидејќи каде и да се движев, секаде беше разеленето и преубаво. Како што се движев по езерото уживав во тишината која ја имав по целиот пат и со многу малку сообраќај и по некој работник на патот кој го завршуваа асфалтирањето на целиот пат.

Брзо стигнав до Делчево и го фатив и првиот училишен одмор и децата веќе беа излезени на поручек. Интерсно што забележав во Делчево ми беше дека сретнав појќе пиљари од колку маркети.Како што се движев низ градот, решив да не го возам делот до Берово преку Пехчево, туку да си фатам автобус и да си стигнам до Берово. Претходно добив информација дека нема никаков проблем да ти го земат точакот во багажник. Така и направив. Си зедов чипси, пивце и на “gps” џоа странец да ја барам автобуската станица. Ме води кон неа, стигвам и не гледам ни натпис ни ништо дека тука е автобуска, но “gps” знае. Излезен еден човек од билетара, ми објасна кога е автобусот, се раскомотив, си отворив пивце и седнав да чекам автобус. Додека чекав се размувабетив со една сопатничка за животот во Делчево и како и секаде, и тука беше истото. Се нема пари, се нема работа, младите заминуваат странство, изваат бугарски пасоши и тн.

После канење од пола час, стигна автобусот, го сместив точакот и дирек за Берово.Времето веќе се отворе со малку облаци и на толку чекање ми дојде и мака за толку време зошто можев да го извозам тој пат за Берово дур чекав автобус. Но за моја среќа, да не ми е м’ка, кога се движевме по пат пред Пехчево, едно невреме, еден силен дожд абе страшно. И бев среќен што не извозив. Стигнав во Берово и кај кого ќе стигнам ако не кај главниот на Малешевијата Гоце Шутевски. 

Со Гоце се познававме уште од првата тура на Мариово и бевме станати веќе многу добри пријатели.Ме пречека, се поздравивме и заминавме дирек в кафана во ресторан МРС. Се најадовме, се напивме и бидејќи стигнав таму рано, решивме да извозиме до Аурора. Тргнавме по пат и на излез од Берово видовме дека невремето доаѓа кон нас и решивме да не возиме до таму, туку да го посетиме Св.Архангел Михаил и Етно ресторанот Манастир. После посетата се спуштивме в центар и за тој 1 км возење, јадов дожд колку за сите дена. Седнавме во еден од кафичите се напивме пивце и чекавме да стивне времето па правец во Русиново, во родното село на Гоце.

Заминавме со возење натака на некои 5 км со добар успон до селото, се сместивме во куќата на Гоце и како што носи редот, музика, пивце и одмор на душата. Така уживавме до кај 22.00 часот и в кревет за наредниот ден да сме спремни на кој Гоце ќе ме испрати до 20-от км.

18 април Среда Старт: 7.00ч
Берово – Демир Капија = 113 км

Рано утрото излегов да го видам прекрасното Русиново обвиено во магла и слана која се креваше многу тешко нагоре.Тој ден на радио кажаа дека во Берово е измерена најниската температура во Македонија и тоа 6 степени. Денот беше прекрасен но многу ладен. Се спремавме со Гоце, тој по долги а јас мажов по куси и спуст надолу. Каснавме нешто на продавница и заминавме на пат. Успонот што го качвевме претходниот ден, денеска беше спуст и со најниска температура во Македонија. Уште ми студит ко ќе ми текнит. Бавчите обелени со се трева со се дрва. Преубав поглед, но тешко за нив. Почна нашата тура и се упатувавме кон превојот Преведена на 1167 м.н.в од каде и ме испрате Гоце. Уживавме по успоните и спустовите со музика и мајтап и тие 20 км не ни ги сетивме. Стигнавме до Преведена, на чешма наполнав вода, Гоце преку планина за назад стандард, а јас за Д.Капија. Се поздравивме, се изгушкавме и патот под нозе.

После превојот имав добар и стрмен спуст кој водеше до долго очекуваниот спуст преку Суви Лаки за Струмица. Години го мерев, го гледав и дојде денот и да го извозам. Но Берово не е Берово ако не е стрмно. Мислев дека ќе дојде брзо спустот но имаше уште неколку успони за спремност кој морав да ги искачам и на места со 11%. Извозив и стигнав до спустот што води до Суви Лаки.

Поглед шо да зборвам. Разеленета цела планина, погледи до недоглед, абе да се збудалит чоек, да не му се бегат!!! Како што се спуштав, уживав и застанвев да сликам на секое. Имав предупредување од Гоце да пазам по пат дека има крави и други животинчиња кои можат да попречат на пат. Тоа и се случе но со ум и полека слегов надолу. Кога се спуштив надолу, брзо стигнав до Струмица но за да не губам многу време и да не фатам многу топло, одма заминав за Валандово и Валандовско брдо. Патот од Струмица до Валандово е низ разеленета шума и со преубави погледи. Имаше доста возила, но тоа не ми сметаше. Си возев така со пол гас и мислев дека за брзо ќе стигнам до Д.Капија. Но како што одев по пат со душа го чекав Валандовското брдо и да го фатам тој спуст пред Валадово. Имаше доста камиони и тука имав информација од Гоце да се пазам дека имам доста камиони и испуштаат масло и е поопасно од на зима. Така и беше, но немаше некој проблем и за брзо го спуштив брдото. Стигнав во Валандово но не застанав туку заминав за Демир Капија и интересно беше тоа што на никој знак не пишеше Демир Капија туку Удово како тоа да е град а Демир Капија не е. Како и да е, како што ме носеше патот преку Пирава, Јосифово, стигнав за Удово. Но место да се приклучам на главниот пат, заминав низ Удово.

Ги поздравив едни господа кои си мезеа со ракивче и продолжив на право по пат. Од тука една жена си ги вадеше цвеќината и видов дека патот нешто не ми е јасен. Се вратив да ја прашам но не знаеше точно како да ми кажит, па си изовзив назад до господата и ги прашав: Добар ден. Дали можете да ми го кажете патот за Демир Капија? И од тука едниот господин ми рече : Чекај, застани, слези од точакот и ела да мааниме по една па после ќе си го фаќаш патот, шо се брзаш. Како знеше дека сум мераклија. Си седнав, си мезнавме, си удрив една ракија и ми дадоа два правци. Или по стариот или шо го викаат преку автопат. Се решив да одам по “автопатот”. Како што возев, ми останаа уште некаде 24 км од кои душата ми излезе. Вози, вози, никако патот да не излезит. 

Веќе беше 14.00 часот а Демир Капија ја знеме сите како многу топол град. Се движев, возев и стигнав до Демир Капија каде ме пречекаа мојот тетин и тетка. Ме угостија, ме испраа а јас веќе брзав да се видам со Славе RockGate и пријателите од Демир Капија Илија Мицев ,за на таен состанот во Моклиште каде се сретнав со сите мои другари, бајкери од поголемиот дел од Македонија. Па ко напревме една софра, па ко се изнапивме абе мераци. Назад за Д.Капија во 00.00 па малку сон и станвење за возот да го фатам за Скопје.

19 април Четврток Старт: 4.45ч
Д.Капија – Скопје (ама со комбе за весници на слободен печат)

Овај дел немав ни од почеток желба да го возам па сакав да се снајдам со возило за Скопје. Станавме со тетин ми сабајлето рано па да чекам воз. Стигнавме на железничка и на тоа чоекот шо го пречеквеше возот, ми кажа дека не е сигурен дека ќе ми го земат точакот. Возот стигна и кондуктерот со трчање кон мене во како хитлер ми напре со раката НЕ точакот!!! Сега шо ќе прам си реков? По малце размислување, тетин ми ми рече вози до Неготино па ќе стигни во 6.30 и таму имам комбина каде точакот го земаат за Скопје. Тргнав да возам и место по стариот пат, јас уште нерасонат, слегвам надолу низ тунел еден низ земја и одма се свестив. Кај одам бе јас? И како што реков на многу наврати наназад, со Господ напред и со к’смет се вратив назад, почнав да качвам на угорница и во моментот само што излегов на виделина, комбето веќе ме чекало. Здраво му велам. Да не го згрешив патот малце? Го згреше ми велит и то убо, туку ајде клавај го точакот од назад. Ама како му велам? Ајде клавај го тетин ти ме замоле да те носам. Се прерадвав ко дете мало и тргнавме по пат. Му велам ќе одам до Неготино па ќе барам превоз. Абе каков превоз ми велит, весници носам и те носам право во Скопје. Од радост и солзи ми дојдоја. Прерадвам стигнав многу рано во Скопје. Се средив, се сместив и планирав како да го започнам денот. Како и по обичај ојдов во седмица7 но уште беше рано за отворање (7.45ч). Ама домаќин чоек од сабајле со плескавици.  Се изнашетав низ Скопје со точакот, го посетив Лазе Пробајк за честитање на новиот дуќан и веќе од тука почна
дружбата со другарите Скопјани.

Продолжеток на 19 април четврток во Скопје

Веќе се слушнав со долго годишниот другар Горан Василев да се најме на пивце во Конак,па после со долго годишната другарка Емилија Чатлеска и заминавме во Паб Порта на уште по некое пивце. Тие се најголемите виновници за тој преубав поминат викенд во Скопје и на планина. Дур муабетевме со пивце, Горан и Емилија ме договорија да останам викендов и да заминиме на Планинарски дом Караџица. Се сложив зошто време го гледав на слики но никогаш не ме носеше патот за да дојдам до таму. И еве ја шансата. Си се наместе. Се договоривме за сабота со тргање во 8 сабајле на која ја имав таа чест на тазе купениот држач за точак на новата кола на Емилија, да купит уште еден и за мојот точак и ко паша да ме однесат до Принц Алдинци. После тоа заминав на дружба со бајкерот од нашиот клуб Преспа Бајк на пивце па потоа на претстава Хадерсфилд кај нашиот сограѓанин Хари Михајловски во дружба на Ирена Маџаровска и Кирил Шентевски Ресенскиот-скопјанец. После преставата заминавме на пивце дружба со еден куп ресенчани и тоа: Живка Груевска , Ана Икономовска, Никола, Ирена, Кирил и глумецот Хари. Се подруживме, станавме и после тоа јас и Никола да не е рано, заминавме во Салоон на уште по едно пивце и сите за дома.

20 април Петок Старт:7.00
До Водно.

Долги години ги гледав сите другари како го искачват Водно со точак или пешки и имав голема желба да го искачам и јас и ете ми се остваре. Како и секаде, и таму беше разеленето и преубаво Скопје како што не го имав досега видено. За среќа го искачив рано баш пред да се пуштит и жичарата и без да го фатам топлото. Се спуштив долу, се прошетав низ Скопје и морав да се вратам дома, да се средам, бидејќи веќе бев договорен да се видам пак со Горан Василев на пивце, домашно мевце во домашна атмосфера и плус на една добра пијанка со едно многу опасно и ајлија бате Бране Петровски. Си ојдовме во пивница горе, си мезнавме, се напивме, напревме муабет шо како ќе биде викендот и заминав на друга дружба во парк и тоа со главната Мила Тасевска ака Мис Покрвеник. Се сретнавме во парк каде имаше некој си ден на конопот или шо знам јас. Мене пивцето ми беше битно и дружбата, па така ко домаќинка часте некое пиво и така си се дружевме во зеленилото на паркот. Убаво беше, но за да биде уште поубаво, дојдоја и Дарјан Раденковиќ и мојата сограѓанка Ирена Маџаровска на која дружбата во парк траеше до касните сатови со јадење во Силбо со Дарјан како шо требит со сите нишани.

21 април Сабота Старт: 8.30

Денот за мерак, времето топ, се спремаме полека да се пречекаме карши силбо на паркинг за да тераме кон Караџица. Дојде Никола Трајковски и ги чекавме Емилија и Горан. Пристигнаа на паркинг па заминавме да пазариме во маркет. На бензиска се пречекавме со изненадувањето на денот до тогаш непозната на многуте што беа на Караџица, Марина Маќенаџиева која до тогаш не присуствувала на никаков планински велосипедизам или планинарење но многу спремна фитнес љубителка. Пазаривме, се средивме и заминавме по пат за Драчево кое е го памтам многу време поради лудото и слатко возење на Емилија по пат. Првото запирање и среќавање со едниот дел од екипата беше на Горно и Долно Количани. Ко се сретнавме со екипата немав прерадост. Од целата екипа, со појќето имам седенка и то уба напрена. Кој од кој по ајлија. Веќе уште од тука бев свесен каква дружба не чекат горе в планина. Другите почнаа да возат со точаците, а јас, Горан, Емилија и Марина тераме со џипот за Принц –Алдинци. По нерамен и земјен терен, стигнавме некако до таму, се облаживме со трилече, ги спремаве точаците и дирек за Караџица. Се дружевме по пат со Тале и Емилија и кога стигнавме пред домот, останав без зборови. Сум го гледал на слики, ама немат споредба то шо можиш да го осетиш во живо. Преубај погледи, преубав чист воздух и планинарски дом среден за мерак. Неизбежно беше добар викенд. Се истуширавме, се средивме и седнавме на ракии и салата. Како што носеше денот, така се поуба и поуба беше дружбата со песни и веселби и уживање на во природа. Како шо се дружиме на другите тури, така и оваа. Се запознавме и се здруживме како да се знаеме цел живот. Преубо нешто се случува на тие турите, а кој не ги искусил, многу пропушта во животот. И така тераше денот надвор, на преубавото сонце, со многу песни и дружби и како паѓаше денот, се раѓаше ноќта за уште поголема дружба. Е после тоа што се случуваше, останува таму и уште многу текст ќе треба да се напише и никако нема да се објасни без да се осети во живо. А во целата таа дружба една огромна благодарност на домаќинот на домот Гоце кој несебично се дружеше со нас до крајот на забавата и со музиката на Тома Здравковиќ.

22 април Недела

Кој порано, ко покасно, сите до 8 станати. Кој мамурен, кој свеж, денот дали со кафе,ракија или пиво, морат да се почнит. На барање на домаќинот Гоце, се качивме на тераса, која сеуште не беше заштрафена, имаше барање да ја испробаме дали е добро средена и дали ќе искрепит. Арно ама, ние не сме да не викнит чоек на маса. Како шо тераше пробвењето на терасата, со мубаети едно кон други, замина на ракија, пиво и пак го почнавме денот со убо. Дружба невидена, погледи чудесни и така си тераше денот. Идеше денот за планинарење до Кадина река, а мене, Бране, Горан, Тале и екипа никако не ни се станвеше од тераса, ама некако со “оружје” за по пат шо велеше Ѓорѓи Колозов : Нога за нога, ајак з ајак тргнавме на прошетка. Дружбата на река беше преуба и како не ќе е во придружба на толку жени – Сања (главниот организатор), Марина, Емилија и др. Се подруживме, се омакавме во водата и назад во домот па спремање за спуст за дома. Со поздравување на домарот и екипата со тага но и радости од претходниот ден, заминавме назад за Алдинци од каде бегаме за Скопје. Стигнавме долу, се наместивме па во Драчево на пиво. И така поминавме еден преубав викенд, со преубави луѓе, многу дружба и шо велам секогаш: Со овие слики ќе умираме!!! Фала Ви на сите што ми го овозможвте овај викенд шо ќе го памтам цел живот!!!

23 април Понеделник Старт: 7.00ч
Скопје – Бигорски = 142.5 км

По утрото денот се познава, а јас во двоумење дали да останам и понеделник во Скопје или да возам за Бигорски, решив да тргнам и да ја избегнам горештината. Поручав сабајлето и терам за Тетово. Патот до тетово беше преубав, рамен и на места со мали успони и брзав да стигнам до најдобриот паб во Тетово – Викториан Паб кај газда Бубе кој ми е другарче веќе 3 години, од кој порачвев пива за проба, но ни еднаш не се имавме видено во живо. Дојде и тој ден. Само што стигнав пред Тетово беше 8.45 и му пратив порака дали точите пиво пред 9? Одма беше вратено на то: Брат, доаѓај отворено е те чекам. Жеден и возам со пабот, се видовме, се размуабетивме, се напив точено Сараевско на кое е тој главен дистрибутер од Сараево за Македонија, поседов, се сликавме и заминав за Гостивар.

За Гостивар по разговор со другарчето Николче Арсовски од Скопје, страствен љубител на точак а и во разговор со Бубе, ми предложија да возам преку Брвеница -Радиовце – Волковија – Чегране – Форино и дирек за Гостивар.Продолжив по тој пати не зажалив, бидејќи природата од таа страна беше многу убава. Како што терав, ми се случи една интересна средба со жител на Чегране со име Кенан Имери, кој исто така си вози точак низ околните села но и до Тетово и Гостивар. Му понудив да возиме заедно до Гостивар на тоа се сложи но пред да тргне, рече дека без музика не вози. Се наместе на точак и пуште Јашар Ахмедовски со негови зборови славејот што пее и така продолживме за Гостивар. Како што за прв пат го посетив Гостивар, морам да кажам дека ми осте многу добар в печаток, бидејќи е многу добар и среден град. Пристигнавме, си разменавме фејзбук и со еден ручек во Гостивар, заминав за правен кон Маврово и Ростуша.

На стартот за вртење за лево за Маврово имав еден необичен момент каде главните на државава не блокираа за да поминат тие а јас останав 15 и згора минути да паузирам на семафор за да поминат тие без проблем. Продолжив нагоре, имаше интересен спуст но со три ленти до скршнувањето за Маврово до кој немав никаков проблем, но проблемот беше кога на последниот завиок прочитав Св.Јован Бигорски 43 км.Тој пат веќе сум го имал возено, но успонот беше премногу лош, бидејќи имав веќе извозенон 100 км на многу тешко и топло време. Како и да е, со води и со паузи стигнав со Маврови анови, кои ми беа врвот на искачувањето и после нив имав 30 км спуст до Бигорски манастир. Спустот беше предобар со многу погледи на природата и убавините и искрено се изнагледав убајни. Стигнав во Бигорски, се сместив и од после тоа останува мистерија како си ги поминав тие два дена во тој прекрасен мир на Господа.

25 април Среда Старт: 6.30ч
Бигорски – Ресен = 130 км

Стартот беше тажен и со поздравување на отците и со благослов на игуменот, јас тргнав за Ресен со желба да ја извозам послената рута до мојот роден крај. Како што се движев по патот, утрото беше премногу ладно и ме потсеќаше на истото утро од Берово. Беше премногу со слана но беше прекрасно како и секогаш. Како се движев надолу, гледав доста убавини кои до претходно сум ги поминал со кола, а никогаш не сум ги забележал во живо така со точак. Времето беше мирно и така се движев кон Рајчица. На самото искачување од Рајчица, добив телефонски повик од мојата мајка која ми кажа дека кога веќе сум пред Дебар, ќе ме чека пред за замине во 14.00 за на работа.

Веќе по патот му објаснав дека не е толку блиску за да стигнам во толку краток период до Ресен. И во еден момент (сакам да објаснам што е љубов и желба) кога се замислив дека можам да ја стигнам мајка ми пред да замини на работа и да ја земам мојата внука Јована од градинка, имав една таква моќ, после сите тие денови, возења и тешкотии, имав таква сила што место да стигнам во 15-16 часот, јас стигнав во точно 13.00 ч во Ресен и со поздравување на моите родители кои беа првите и кои ме испратија за на пат, јас ја пречекав и мојата внука во градинка. Иако мала, после толку долг период, кога ме здогледа дека сум јас тој кој ја пречека на вратата, толкава љубов немам, и никогаш немам да сетам во мојот живот до сега, и никогаш понатака. Таа со својата радост, со својата љубов, не знаеше од која страна да истрча и да го изгушка ЧИЧО кој толку долг период го немаше во својот дом да ја пречека во градинка или во својот дом.

Тоа беше едно гоемо патешествие кое никогаш нема да го заборавам, никогаш нема да ги заборавам тие прекрасни луѓе кои се дружев во целиот период и никогаш нема да се разминам со тие прекрасни луѓе во мојот живот.

Наравоучение: Тие луѓе што си ги сретнал во планина, тие луѓе сметај ги за твои блиски засекогаш. Зошто на толкава подолга дружба, ќе го сетиш човек дали е вистинскиот или не е кој се здружил со тебе во таков момент. Планината е дел, каде човекот ги покажува своите искрени желби и недостатоци. Во тој момент ќе одлучиш со кој да го продолжиш своето дружење по планините или ќе го раскрстиш засекогаш. Можам да кажам од моја страна, дека со тие што сум се здружил, засекогаш останале мои пријатели. Ви благодарам уште еднаш до срце за прекрасната дружба на сите и има тури каде што иако не сме на Караџица, ќе се сретнеме на некое друго место, со некоја друга екипа, со некоја друга музика и ќе продолжиме да се љубиме како и претходно.

Ве сака, Кристијан Ќулумовски.
Претседател на Велосипедско-планинарскиот клуб Преспа Бајк – Ресен

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија