Пирамида склекови

Склековите се неверојатна но и честопати занемарена вежба за горниот дел од телото. Има безброј различни видови склекови и во секој од нив ќе најдете нешто многу корисно. Едни од нив се пирамида склековите.

Пирамида склекот во суштина е комбинација од две вежби: склек и висок планк (штица). Општо е познато дека нема поефикасна вежба и тест за силата во горниот дел од телото од склекот. Планкот пак или по нашки штица, е перфектна и најкомплетна вежба за мускулите на трупот односно јадрените мускули. Измиксајте ги двете заедно и добивате нешто што тешко се надминува и дава феноменални резултати.

Покрај сето горе наведено, огромен плус за оваа вежба е и тоа што за да ја практикувате не ви треба апсолутно никаква опрема или услови и плус потребно ви е многу малку време. Значи нема повеќе изговори па затоа еве како функционира:

-застанете во позиција на вообичаен склек
-направете десет повторувања
-останете во позиција на висок планк во период од 10сек
-напревете девет повторувања
-останете во позиција на висок планк во период од 10сек

И така натаму се додека не дојдете до крајот на пирамидата односно едно повторување со 10 секунди планк.

Можеби ви звучи едноставно, но верувајте дека не е. Во една ваква серија ќе направите 55 повторувања со преку 90секунди изометрични позиции. Притоа мускулите кои се активираат за време на оваа вежба (трицепс, рамо, грб, гради и јадрени мускули) се непрекинато активни во текот на целата вежба. Пирамида склековите ќе ја зголемат издржливоста и агилноста кај спортистите и секако ќе ја развијат силата и мускулната маса. Идеална е за сите кои практикуваат било каков спорт и за оние кои рекреативно се бават со него.

Доколку почетните десет повторувања ви се многу, почнете со помалку и постепено напредувајте, ако пак сметате дека се малку предизвикајте се себеси и стигнете до 20 или пак направете ја пирамидата во двете насоки што би биле 110 повторувања. Каков е и да е вашиот моментален фитнес, никогаш не заборавајте дека правилната форма е предуслов за успешен тренинг.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија