Рехабилитација кај дисторзии на зглобовите – Sci дипл. физ. Денис Арсовски

Дисторзиите на зглобовите претставуваат едни од честите повреди во спортот, а исто така и кај популацијата која не се занимава со спорт. Дисторзиите на скочниот зглоб претставуваат едни од најчестите видови на дисторзии, и по пример од овие повреди ќе се објаснат видовите на дисторзии на зглобовите и нивната рехабилитација.

Скочниот зглоб исто така се нарекува и талокрурален зглоб, бидејќи во него се сврзува талусот, со коските на потколеницата. Во талокруралниот зглоб можни движења се плантарна и дорзална флексија, инверзија и еверзија на стапалото. Овој зглоб е опкружен со мускули, лигаменти, тетиви, кои му овозможуваат стабилност потребно за одење и трчање.

Повредите на скочниот зглоб најчесто се случуваат како последица на завртување на стапалото навнатре (инверзија). Дисторзија може да настане и како резултат на еверзија. При дисторзија на зглоб настанува оштетување на лигаментите од различен степен, врз основа на тоа се прави и класификација на повредата. Оваа класификација се однесува на дисторзија на било кој зглоб.

Според тежина на повредата, дисторзиите на зглобовите се делат на:

– Дисторзии од прв степен (лигаментите се истегнати);
– Дисторзии од втор степен (лигаментите се делумно искинати);
– Дисторзии од трет степен (лигаментите се потполно искинати).

Дисторзии од прв степен. Претставува најлесна повреда според класификацијата. Лигаментите се истегнати, а искинати се само мал број на влакна. Болката е умерена. Отокот е мал. Постои мала закоченост. Одот и трчањето се отежнати. Не постои нестабилност на зглобот.
Дисторзии од втор степен. Претставува потешка повреда од претходната. Лигаментите делумно се искинати. Некои вкална се потполно прекинати, додека други се потполно зачувани. Присутна е умерена или јака болка, оток или ограничено движење. Одењето е отежнато, а зглобот е умерено нестабилен.
Дисторзии од трет степен. Претставува најтешка повреда во класификацијата. Поедини лигаменти се потполно искинати. При самото повредување настанува интензивна болка која трае и по повредувањето. Исто така постои и голем оток и изразена нестабилност на зглобот. Овој вид на повреда во некои случаи бара хируршка реконструкција на искинатите лигаменти.

Лекување на дисторзиите на зглобовите
Непосредно по дисторзијата, се применуваат истите мерки како и кај контузиите и дистензиите на мускулите. Тоа се мерки кои во англиската литература се нарекуваат RICE:

– Мирување со цел да се спречи понатамошно повредување и намалување на болката;

– Лед (криотерапија), со цел да се намали болката и да се намали отокот;

– Компресија за додатно да го спречи правењето на поголем оток;

– Елевација, за да ја подобри венската дренажа и елиминација на отокот.
Иако почетниот тераписки пристап кај повредите на зглобовите и повредите на мускулите е идентичен, сепак постојат некои разлики:

– Кај повредите на зглобовите оганичувањето на движењето е редовна пропратна појава, така да вежбите за зголемување на обемот на движењето е составен дел од рехабилитациониот програм.

– За дисторзиите на зглобовите потребно е да се постави имобилизација. Таа овозможува на пациентот да оди, а сепак спречува понатамошно повредување на зглобот. Меѓутоа, долгата имобилизација наштетува на зглобот и претставува опасност за настанување на контрактури. За тоа да се превенира, гипс имобилизацијата се поставува само на тие места каде е најнеопходно (3 степен) а во другите случаи се носат ортози кои се симнуваат со цел спроведување на вежби и физикална терапија. Не е неопходно да се носи имобилизација (ортоза) за дисторзиите од прв степен. Во тие случаи доволен е еластичен завој.

– Кај повредите на мускулите пак, движењето во зглобовите најчесто не е ограничено, а во рехабилитацијата на мускулите треба да се обрати внимание на истегнување и појачување на мускулите. Ограничување на движењето може да настане поради комплетна руптура која се решава хируршки, и тогаш се поставува гипс имобилизација. Ограничувањето на движењето кај полесните повреди е како последица на болка и оток.

– Кај повредите на зглобовите, сврзното ткиво кое се формира при зараснување на повредите е нормален елемент на тетивата и затоа треба да биде што повеќе јако и ”квалитетно”. Сврзното ткиво кое се формира при зараснување на повредите на мускулите не е нормален елемент на мускулите и тоа треба да биде што повеќе минимално и поеластично.

Докажано е дека раната мобилизација по повредите на скочниот зглоб и раниот почеток на рехабилитацијата, допринесува за оформување на појако и поотпорно сврзно ткиво. Предолгата имобилизација пак, претставува тераписка грешка.
Рехабилитацијата по дисторзиите кај лицата спортисти подразбира:
– Елиминација на болката и отокот;
– Правење услови за регенерација и репарација на ткивата;
– Воспоставување на нормален обем на движење во зглобот;
– Прогресивно зајакнување на мускулите;
– Проприоцептивен тренинг;
– Тренинг специфичен за спортската, односно физичката активност.

Кај лицата кои се занимаваат со спорт, во рехабилитацијата не се само воспоставува поранешниот обем на движење, туку и се враќа претходната мускулна сила. Кај овие лица се води рачун и за специјалните барања врзани за спортската активност. Така да, се тежнее за максимално заздравување на функцијата. За ваква рехабилитација се користи и терминот функционална рехабилитација.

На пример, скочниот зглоб ќе се објасни во сите фази на рехабилитацијата.
Физикалните агенси се применуваат во зависност од тоа кои биолошки ефекти сакаме да ги постигнеме. Еве неколку примери: за намалување на болката се даваат DD струи, анодна галванизација, ласер. За ресорпција на едемот и хематомот се даваат магнетотерапија и интерферентни струи. За омекнување на цикатриксот се дава електрофореза со калиум јодид, ултразвук и термички агенси, како и вовед во кинезитерапија.

За воспоставување на нормален обем на движење во зглобот, една од можните вежби е пасивна дорзифлексија која се изведува со помош на трака, или тенок пешкир. Со истиот се опфаќа стапалото во пределот на дисталниот дел на метатарзалните коски и лесно се влече спрема лицето. Вежбата се прави до граници на болка. Вежбите преку границите на болка не се прават за да не се провоцира појава на посттрауматски компликации како што е Судековата болест или Судековиот синдром.

Прогресивното зајакнување на мускулите може да се прави со помош на гумена трака. Повредениот екстремитет со траката се затегува, со тоа мускулите се јакнат, а кај здравиот екстремитет траката се фиксира. И овие вежби не треба да се прават над граници на болката за да не се испровоцира настанување на посттрауматски компликации.

Проприоцептивниот тренинг подразбира вежби усмерени кон контрола на балансот и постуралната контрола (контрола на положбата на телото). Тоа се, на пример, вежби во смисла на стоење на прсти, одржување на рамнотежа на даска со округол под и сл. Овие вежби се прават дури тогаш кога веќе е воспоставен полниот обем на движење и зајакнати мускули на повредената регија. Тие претставуваат вовед во спортската активност која е следна фаза на рехабилитацијата.

Завршната фаза на рехабилитацијата на дисторзијата подразбира тренинг специфичен за спортската активност. Оваа фаза на рехабилитацијата подразбира работа со квалификуван тренер кој спортистот постепено го воведува во тренинг и прогресивно го оптеретува, за спортистот да се врати на претходното функционално ниво. За повреда на скочен зглоб би се почнало со праволиниско трчање (напред-назад) и постепено зголемување на брзината на трчањето и должината на праволиниското трчање. Ако напредувањето е задоволувачко и нема појава на болка, на праволиниското трчање се надоврзува и трчање со промена на правците (цик-цак заедно со напред-назад). Паралелно со тоа следи и вовед во тренингот но постепено, според можностите и состојбата на повредената регија, и на крај, вовед во натпреварување. Завршната фаза, бара работа со квалификуван тренер кој знае да процени момент кога ќе се напредува според поголемо оптеретување, а при тоа да не дојде до влошување на состојбата во смисла на појава на болка и оток на повредениот зглоб.

И кога лекувањето е завршено, може да се продолжи со носење на лесна имобилизација, посебно во тек на спортските активности, а посебно ако зглобот е нестабилен. Имобилизацијата додатно го стабилизира рано повредениот зглоб. За да биде ефикасна, имобилизацијата мора да биде со одговарачка големина за на зглобот да му пружи одговарачка поддршка. Така да, не треба да биде многу лабава бидејќи како таква ја губи својата цел, или тесна бидејќи ја влошува циркулацијата. Додатно, имобилизацијата не треба да смета на нормалните движења во зглобот.