Јанис Курос – Богот на ултрамаратоните

Постојат спортисти што се синоним за спортот кој го практикувале, спортисти кои ја надминале бариерата на она за што мислиме дека е возможно. Постојат спортисти чии резултати и остварување се граничат со мит кој тешко се достигнува, легенди кои засекогаш ги поместиле границите на човековите можности. Запознајте го Јанис Курос – Богот на ултрамартоните.

Јанис Курос е грчки маратонец и ултрамаратонец. Роден е во Триполи (1956година), а моментално живее во Мелбурн, Австралија. Во тркачкиот свет е познат и како „Тркачкиот бог” и „Наследникот на Филипидес”. Неговите резултати во маратон (најдобро време 2:24) можеби не се ништо специјално во споредба со современите достигнувања, но ако зборуваме за ултрамаратонски трки подолги од маратон, Јанис Курос е рекордер со времиња кои тешко ќе се достигнат во годините што следат.

Тешкото детство и бавењето со атлетика од најмала возраст направиле од него спортист со цврст и нескршлив карактер. За грчката и светската спортска јавност Јанис Курос бил апсолутно непознат сè до Спартатлонот (трка од Атина до Спарта-246км) во 1983 година кога од потполн анонимус успева да победи и тоа со време кое и ден денес е недостижно 20 часа 29 минути и 04 секунди. Време што во просек значи 04мин и 59секунди по километар.

Истата таа година организаторот на трката одбивал да ја додели првата награда со образложение дека е физички невозможно трката да се истрча во такво темпо. За да биде уште поуверлив, наредната 1984 година Курос успева одново да победи со 4 минути побрзо време од она во 1983. Тоа време 20:25:00 е апсолутен рекорд на Спартатлон кој важи за најтешка трка во светот а на истата таа трка Курос има дури 4 победи.

Патот до тркачките легенди за Јанис Курос бил исцрпувачки и полн со скептицизам. Долги години бил под окото на јавноста заради чудниот начин на живот и невообичаениот начин на тренинг и изхрана. Курос целиот свој живот работел физичка работа и во просек спиел по само два до три часа. Како што тој самиот вели, кон крајот на 80тите години спиел само по час и половина за да успее да тренира и да заврши два факултети и една магистратура и сето тоа со бројни светски рекорди.

Курос вели дека никогаш не тренира повеќе од 16км на тренинг бидејќи според неговите сфаќања телото не е во состојба брзо да се опорави ако се надмине таа граница. На неделно ниво никогаш не истрчал повеќе од 130км и тоа во ретки случаи. Уште една работа која е „несвојствена” за него е што тој речиси целиот свој живот е веган.

Гледајќи го начинот на кој тренира и начинот на кој живее, лесно може да се заклучи дека тајната на неговите резултати е многу подлабока од тренинзи и исхрана. Курос вели дека за него секоја трка е уникатна можност да се биде најдобар и дека за време на ултрамаратонските трки тој се доживува како бог и е во состојба со умот да го натера своето тело да продолжи да трча. За време на трките мотивацијата често ја наоѓа слушајќи музика.

“Најголемиот дел од луѓето застануваат кога ќе се заморат. Јас не го правам тоа. Продолжувам да трчам кажувајќи му на телото дека не е уморно и дека може да продолжи.”

Јанис Курос во својата кариера има победено на повеќе од 70 ултрамаратонски трки и тоа со светски рекорди или рекорди на патеката. Покрај многуте победи на трките на 6 часа, 12 часа, 24часа и 48 часа, тој е легендарен победник на трката Сиднеј-Мелбурн. На оваа трка која се одржувала од 1983 до 1991 и била со должина од 875 километри Курос има победено дури пет пати. Неговото најдобро време, и се разбира рекорд на патеката, изнесува 5 дена 2 часа и 27 минути или во просек 175 километри дневно. Во најголемиот дел од случаите второпласираноиот учесник доцнел нешто повеќе од еден ден.

Во продолжение погледнете ја листата на светски рекорди кои сеуште никој ги нема надминато:

12часа

отворено

162,543 км

13,543 км/час

12 часа

кружна

162,400 км

13,533 км/час

24 часа

отворено

290,221 км

12,093 км/час

24 часа

кружна

303,506 км 

12,646 км/час

48 часа

отворено

433,095 км

9,023 км/час

48 часа

кружна

473,797 км

9,875 км/час

6 дена

отворено

1028,370 км

7,142 км/час

6 дена             

кружна               

1038,851 км        

7,214 км/час        

Тој е исто така сопственик и на светски рекорди на трки кои се трчаат на одредена дистанца:

100 милји

отворено

 11ч:46мин:37сек

13,665 км/ч     

1000 км

отворено

 5д:20ч:13мин:40сек

7,131 км/ч

1000 км

кружна

 5д:16ч:17мин:00сек

7,338 км/ч

1000 милји         

отворено        

 10д:10ч:30мин:36сек            

6,424 км/ч

Резултатите на Јанис Курос уште долго ќе сведочат за гоемината на човековите можности и ќе бидат предизвик, мотивација и сон за многу идни генерации на тркачи.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија