Јога и трчање – длабока конекција

Сите тркачи се свесни за придобивките од практикување на вежби со кои на индиректен начин ќе го подобрат она што најмногу го сакаат – трчањето. Некои од нив се одлучуваат за кросфит, некои за аеробик, некои за бодибилдинг и така натаму. А што мислите за јога?

Бројот на тркачи кои практикуваат јога на редовна основа за жал е многу мал. Дел од луѓето кои се бават со трчање веројатно мислат дека не се доволно флексибилни или пак дека јогата не е доволно тешка за нив. Ако и вие сте дел од нив веднаш треба да знаете дека грешите. Јогата и трчањето се совршена комбинација и оваа активност со сигурност ќе ве направи подобар тркач на физички, психички и емотивен план.

Да почнеме со физичкиот дел. Редовното практикување на јога еднаш до два пати неделно е гаранција за зголемено ниво на динамична флексибилност и изградба на тело кое е помалку подлежно на повреди кои во тркачкиот свет се и тоа како чести. Покрај тоа, јогата ќе ви помогне да го забрзате периодот на регенарција од напорните тренинзи и ќе ви обезбеди длабока релаксираност, смиреност и одмор. Одлична е за зголемена мобилност но и за круцијалната стабилност во централниот дел од телото. Секоја вежба ќе ве ослободи од чувството на крутост и мускулна напнатост.

Сте чуле ли за тоа дека јогата е вежба на сегашниот момент. Тоа значи дека практикувајќи јога ќе бидете пофокусирани и свесни за есенцијалните работи врзани за трчањето како што е на пример правилното дишење. Изведувањето на јога вежби помага да се постигне поврзаност помеѓу телото и духот и да се постигне смиреност и присутност. Исто така може да помогне и да бидете ослободени од мисли кои ве попречуваат од добра трка или ви го одземаат вниманието за време на тренинг. Пробајте, вашата психа ќе ви биде благодарна.

Што се однесува до емотивната страна, јогата ќе придонесе да се соочите со вашите емоции за време на трчањето и да ги согледате од поинаков аспект. Со други зборови, јогата ќе ви даде моќ да ги набљудувате сопствените емоции и да менаџирате со нив во позитивна насока.

Почнете да практикувате јога. Не заборавајте да одберете час кој вам ви одговара и кој ќе биде прилагоден на вашето темпо на живот. Почнете во почетничка група и полека напредувајте. Запаметете дека јогата не е уште еден тренинг на кои треба да се даде се од себе, напротив. Бидете со отворен ум и дозволете и на јогата да ја направи својата магија.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија