Заврши драмата на Нанга Парбат – Елизабет е спасена, Томек вечно останува горе

Изминатите неколку денови на планината Нанга Парбат во несакана ситуација беше заглавена алпинистичката двојка Елизабет Револ и Томек Мацкиевич кои беа во обид да го направат второто успешно искачување на 8000-метарскиот врв во зимски услови. На СОС повикот веднаш одговори полската експедиција на К2 кои како најспремни во регионот со помош од пакистанските воени сили се впуштија во спасувачка акција. 

Алпинистичката двојка Елизабет Револ и Томек Мацкиевич беа на планината повеќе од 1 месец, во обид да го искачат деветиот врв по височина во светот но во зимски услови, подвиг кој за прв пат успешно беше остварен во 2016 година. На 24 јануари тие најавуваат дека се отвара мал „прозорец” на добри услови и решаваат да направат обид за искачување. 

Сепак, на 25 према 26 јануари, двојката објавува СОС повик во кој се вели дека се наоѓаат на висина од 7500 метри и се во критична ситуација. Томек има премрзнатини и снежно слепило, а Елизабет е во подобра состојба и има само премрзнатини на нозете, но е во состојба подоборо да се движи. 

На повикот за помош веднаш со огласи екипата која беше во најдобра ситуација да ја спроведе спасувачката акција – полската експедиција на К2 кои беа на достапна воздушна релација од Нанга Парбат, дел од екипата веќе беше подготвен и аклиматизиран, а и во тимот имаа едни од најелитните качувачи во светот кои се во можност да реагираат. Практично да не беше тимот на К2, тешко дека некоја друга екипа ќе беше во можност да помогне во вакви специфични услови. 

По административни и финансиски препирки помеѓу полското МНР и пакистанските власти, како и со помош на донирањето на средства за спасувањето (собрани беа 60000 долари за помалку од 6 часа), екипата е спремна за спасувачката акција, а пакистанската војска го има хеликоптерот. 

Тим од четворица полски високогорци – Адам Биелицки, Денис Урубко, Јарек Ботор и Пиотор Томала се истоварени на стената Диамир на планината (некаде високо на 4800 метри близу C1) каде првите двајца се впуштаат во експресно качување кон Елизабет која се пријавува на висина од 6100 мнв, а останатите припремаат база за помош. Во тој период јавено е дека Томек е заглавен во шатор на 7300 метри надморска височина. 

Во останатиот период следи вистинска драма на едно од најнегостопримливите места на планетата. Урубко и Биелицки качуваат со експресна брзина по насоката Кинштоф која во поголемиот дел е обезбедена со фиксни јажиња и скали. На висина од 6000 метри успеваат во темница да ја лоцираат Елизабет која е преморена но е во добра состојба. Спасувачите поставуваат мал залсон и овозможуваат 3 часа одмор за алпинистката, за во раните утрински часови заедно да го започнат симнувањето надолу. 

Поради екстремните услви на планината, големиот ризик за спасителите и лошата прогноза во најава тимот не е во можност да организира спасувачка акција за Томек кој е заглавен во шатор во таканаречената „зона на смртта” каде владеат екстремни услови на ниска температура и недостаток на кислодор. 

Елизабет и останатите се спасени, а полскиот качувач Томек ќе остане вечно на Нанга Парбат. 

Според првични информации на француската алпинистка која преживеа и веројатно ќе помине со некоја ампутација на рацете и нозете, таа и Томек успеваат да се искачат на Нанга Парбат на 25.01.2018 година, а незгодите започнуваат на симнување. 

Доколку се потврди искачувањето, ова е второ успшено зимско искачување на Нанга Парбат а Елизабет е само втората жена која успеала да искачи 8000 метарски врв во зима. 

За Томек Мацкиевич, пак, ова ќе биде трагично остварување на неговиот голем сон. Алпинистот во последните десетина години се опседнува со зимското искачување на Нанга Парбат и прави вкупно 6 неуспешни обиди досега. Во последните три тој е придружуван од Елизабет Револ, а на седмото тој веројатно успева да се искачи. 

Воедно, доколку се потврди искачувањето, Томек ќе го даде својот доприност кон зимскиот полски хималаизам кој му беше и негов огромен сон. Досега Полјаците (главно во сопствени експедиции, и помалку во мешани) имаат искачено 12 врвови повисоки од 8000 метри во зима. Во списокот останаа уште Нанга и К2 каде немаат стапнато луѓе од оваа националност. Томек се стремеше кон Нанга Парбат во луциден алпски стил, а експедицијата на Вијелицки продолжува со обидот на К2 по опоравувањето на нивните страшно спремни планинари. 

Останува да видиме како ќе се испише историјата во овој дел од високогорството и екстремиот зимски хималаизам. 


Дополна / Кампањата за донации на средства за спасувачката акција ги надмина потребните 80000 долари, и сега има собрано 120000. Разликата ќе биде наменета за семејството на Томек, неговата сопруга Ана Антонина и неговите три деца. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија