Сахара Маратон 2018

Спремни за маратон низ Сахара?

Како ви се чини трка низ пустина со неверојатни пејсажи од дини и хамади каде климата си игра со екстремни промени на температури. Вистински тест за издржливост! Но што ако ви кажам дека ова е далеку од обична трка?

Сахара маратонот е меѓународен спортски настан кој започнува со својата традиција уште од 2001 година. Професионалци спортисти и ентузијасти доаѓаат од цел свет за да бидат дел од овој маратон!

Но ова е далеку од обична трка. Се работи за поддршка на еден народ кој веќе 40 години живее во бегалски кампови и се бори за човекови права. Оваа трка е симбол за издржливоста и борбеноста на народот сахрави. Да се биде дел од оваа трка значи да се запознае овој народ, нивната култура, нивните вредности, и да се даде надеж на овој народ дека не е сам, дека неговиот глас е чуен.

Бегалските кампови кои се наоѓаат во денешен Алжир, близу Тиндуф, денеска се дом на 200.000 бегалци сахрави. Секој камп наречен вилаја е како мало гратче кое го носи името на местото од Западна Сахара кое овој народ бил принуден да го напушти. Рутата симболично поврзува три бегалски кампа, Смара, Осерд и Ел Ајун и ги води тркачите низ пустински предели кои бараат физичка подготвеност, издржливост и психичка одлучност. Покрај стандардната должина од 42km, Сахара маратонот исто така вклучува и трки од 21km, 10km, 5km, како и детска трка.

На следниот линк може да дознаете повеќе – www.saharamarathon.org и иако на youtube врие од видеа на кои може да видите дел од атмсоферата, го одбрав следното видео кое го направи мојот драг колега со кој работевме заедно на проект токму во бегалските кампови со сахрави бидејќи најубаво ја доловува душата на овој настан!