Време е за „чистка” после празници!

Периодот на празници е нешто што сите со нетрпение го очекуваме. Сите сакаат да бидат супер опуштени и да бидат опкружени со се она што ги прави среќни. Но, времето на празници полека завршува а тоа е знак дека е време и за пост празнично чистење и враќање на старите здрави навики.

Сите сакаат да уживаат во богатата трпеза за време на новогодишните празници. Изобилство од храна, алкохол и тренинг на минимум. Ништо лошо во сето тоа, напротив, сето ова е еден вид на релаксација и награда за тоа што сте биле дисциплинирани и посветени во текот на целата година.

Сепак, во моментот кога ќе почуствувате грижа на совест, недостаток на енергија, чувство на постојана поспаност и немотивираност, знак е дека е време новата година навистина да почне а најдобар начин да го направите тоа е со едно сериозно чистење на органско ниво.

Зошто детокс?

Храната и алкохолот кои ги внесуваме за време на празниците во голема мера го закиселуваат нашето тело. Дополнително, истите изобилуваат со заситени и транс масти и празни калории кои се створени за создавање на масни наслаги. Ваквата исхрана на долг период го нарушува нормалното функционирање на метаболизмот, значително го успорува и може да има штетно влијание врз севкупното здравје.

Како да се детоксифицирате?
Детоксификациајата подразбира враќање на телото во неговата алкална состојба и враќање на метаболизмот во неговата природна состојба. Еве како да го постигнете тоа.

Течности – ВОДА

Водата е број еден. Не постои сериозно чистење на телото без добра количина испиена вода во текот на секој ден. Таа игра важна улога во разградување на мастите и од неа зависат безброј функции во нашето тело. Доколку сакате водата можете да ја збогатите со сок од свежо цеден лимон или портокал кои дополнително ќе ве алкализираат.

Зеленчук и овошје

Зеленчукот и овошјето се богати со фитонутриенти, витамини и минерали кои имаат огромна улога во чистењето на црниот дроб, борбата со слободните радикали и снабдување на телото со неопходните антиоксиданси. Изберете сезонски овошја и зеленчуци и нека истите бидат присутни во секој оброк и тоа во свежа форма.

Ферментирани млечни производи

Во прв ред мислиме на јогуртот и кефирот. И двата производи поседуваат пробиотици кои се клучни во обнувавање на цревната флора и оптимален баланс на микроорганизми во неа. Внесувајте и кашкавали и разни видови сирења, но внимателно со количините.

Интегрални житни култури

Сите житни култури во својата природна интегрална форма се неопходни за човековото здравје. Изобилуваат со растителни влакна, Б витамини, магнезиум и протеини. Редовниот внес на интегрални житарки во умерени количини докажано го забрзува метаболизмот и помага во исфрлање на наталожените масти.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија