Што претставува баротраумата? – Дипл. физ. Sci Денис Арсовски

Баротраумата претставува повреда предизвикана од притисок и може да настане при нуркање во вода и при изнуркување од вода. Баротраумата која настанува при нуркање во вода настанува поради зголемување на притисокот на воздухот во шуплините во кои се наоѓа воздух (на пример, во уво, синуси, бели дробови, гастроинтестинален тракт). Поради зголемениот притисок на воздухот во нив доаѓа до оштетување на околните ткива со кои воздухот се граничи.

Баротраумата која настанува при изнуркување условува диспропорција помеѓу зголемениот притисок на воздух во белите дробови (кој бил во длабочината) и намалениот притисок на водата (при површината), така да белите дробови повторно се под влијание на зголемен притисок. И во едниот и во другиот случај доаѓа до прскање на епителот на воздушните патишта.

Знаци и симптоми на баротраума се:

– Мачнина;
– Вртоглавица;
– Отореја, блага до остра болка во увото;
– Блага до остра болка во синусите;
– Крварење од носот;
– Тешко дишење, болка во градите, кашлање, белодробен едем;
– Блага до остра абдоминална болка.

Терапијата се состои во општи реанимациски мерки, како што се одржување на проодноста на горните дишни патишта и оксигенотерапија, а некои автори сметаат дека артефициелната вентилација кај овие пациенти била контраиндицирана бидејќи предизвикува ризик за создавање на нови оштетени белодробни паренхими.

Специфичната терапија би се состоела од давање на аналгетици и тампонада на носната и ушната шуплина. Неопходен е мониторинг кај овие болни. Болните со баротраума треба веднаш да се транспортираат во првиот болнички центар.