СЕРИЈА НА ИНТЕРВЈУА ОД НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ТАКТ НА ТЕМА ЖЕНИТЕ ВО СПОРТОТ

Ана Богдановски: ,,Љубовта кон мојата татковина ми е мотивација и инспирација”

Ана Богдановски е млада девојка, по потекло Македонка, која живее, се образува, спортува и професионално се надградува во САД. На Олимпијадата во Рио 2016 година го вееше македонското знаме и се натпреваруваше под боите на нашата држава. За подготовките вели дека сè се одвиваше според планот и е многу задоволна од своите резултати таму, што е уште еден поттик за постигнување поголеми резултати на наредната Олимпијада во Токио 2020 год. Весна Стојановска е нејзиниот пливачки идол, пливањето за неа е страст која нема старосна граница, а професионално би сакала да биде хирург ортопед.

1. На која возраст почнавте со пливање? Од каде љубовта кон пливањето?

Почнав да пливам од петгодишна возраст. На 12 години направив пауза од две години и повторно се вратив на пливањето кога почнав во средно училиште. Во вода се чувствувам многу добро и многу сакам да се натпреварувам.

2. Кои се Вашите најзначајни натпреварувања досега?

Најзначајно натпреварување досега ми е Олимпијадата во Рио. Тоа е сонот на секој спортист – да се натпреварува на Олимписките игри. Исто така, светските првенства во Барселона, Москва и Будимпешта имаат посебно место во моето срце.

3. Ја претставувавте Република Македонија на Олимписките игри во Рио 2016 година и како од оваа временска дистанца гледате на тамошното натпреварување? Дали би промениле нешто? На кој начин Ви помогна да напредувате во спортската кариера?

Јас сум многу задоволна од мојот резултат во Рио. Искуството што го стекнав таму ми помага да продолжам да тренирам и понатаму и да посегнам кон нови успеси и надвор од спортскиот живот. Да се натпреваруваш меѓу најдобрите во светот е голема привилегија и те поттикнува да посакаш да им се придружиш.

4. Како течеа подготовките и што доживеавте во Рио 2016?

Пливањето е голем дел од мојот живот. Одлучив да направам пауза во студирањето и да се посветам на пливањето. Тренирав заедно со други олимпијци и сè се одвиваше по планот.

5. Која е Вашата мотивација/инспирација во пливањето? Вашата инспиративна приказна…

Мојата љубов кон мојата татковина е голема мотивација и инспирација и би сакала да ја претставам преку пливањето насекаде во светот. Големо е задоволството да се натпреварувам под македонското знаме. Бев многу радосна кога за прв пат разбрав дека ќе можам да се натпреварувам како Македонка и дека моите резултати се на врвот во женско пливање. Пливањето на мојот универзитет ми помогна да бидам уште побрза и да имам уште поголема доверба во себе. Покрај македонските рекорди постигнав и неколку рекорди во Џон Хопкинс и бев 10 пати национален шампион во NCAA во дивизија 3. Бев избрана и за пливач на годината во целата девизија и бев во „Today’s Top 10″ што е најголемо признание што еден спортист/студент може да го добие во својата студентска кариера. Тоа признание е за сите универзитети во САД, во сите спортови – и машки и женски.

6. Кој е Вашиот идол во спортот?

Идол од нашата земја ми е Весна Стојановска.

7. Што би им порачале на младите девојки и жени кои имаат желба да се занимаваат со пливање, рекреативно или професионално?

Би сакала да им препорачам да веруваат во себе и никогаш да не престанат да одат кон својата цел. Можностите се безгранични! И никогаш не е доцна. Пливањето е доживотен спорт, нема старосна граница и е позитивен за целото тело.

8. Од сопственото искуство, по што се разликува тренирањето пливање во САД и во Македонија? Дали воопшто може да се направи споредба?

Во САД пливањето е цела наука. Многу се вложува во тренирањето од сите аспекти, во базен и надвор. Тоа го има и во Македонија, ама овде е во многу големи размери. Има многу организирани натпреварувања на сите нивоа.

9. На кои вредности Ве научи спортот? Дали нè прави подобри луѓе?

Пливањето ме научи да бидам издржлива и поупорна. Да работам повеќе на мојата цел како во базенот така и во мојата професија надвор од спортот. Ме научи да го ценам времето и да бидам поорганизирана.

10. Дали со спортот се остваруваат соништата?

Соништата во спортот може да се остварат со многу труд, работа и верба во себе.

11. Кои се Вашите цели и планови во иднина?

Моите планови во иднина се да продолжам да тренирам и успешно да се натпреварувам со поглед на следната Олимпијада во Токио. Планирам да ги завршам медицинските студии и да бидам хирург ортопед.

Подготви: Адријана Ананиева

Автор

TAKT NGO

Скопје

Македонија