Болки во вратот и рамената… и јогата

Во последните 30-ина години бројката на луѓе кои имаат проблем со вратниот дел од ‘рбетниот столб и рамениот појас е порасната од 40% на над 85% од светската популација. “Благодарејќи” на современиот начин на живот и седечката положба на телото во која поминуваме најголем број часови во денот, нашето грло и градниот кош се затвораат а тоа, на физичко ниво, се манифестира како болка во вратот и рамената.

Дефинирање на болката
Болката има повеќе манифестации: прекин на духовно ниво, чувство, мисловен процес и физички последици. Уште пред болката да се појави во нашето физичко тело, таа на различни начини се обидува да не предупреди за прекините кои се случуваат во нас. Најпрво се појавува прекин на духовно ниво, кој потоа преминува во чувство или емоција, кое станува мисла и на крај се појавува во вид на манифестација во физичкото тело како болка.

Нашиот дух, сосема тивко, уште во најрана фаза ни дава сигнали дека постои некој прекин во нас. И доколку не им обрнуваме внимание на тие сигнали, тие ќе станат поголеми и погласни и на крај ќе се претворат во болка. Длабоко во нас, во нашето срце, постои внатрешен глас кој е тивок и ни вели: “Внимавај, нешто не е во ред!”. Но, тој глас е речиси нечуен во споредба со гласот на нашиот мозок, кој е бучен и ни го одвлекува вниманието. Ние, нели, имаме толку многу работи на ум – треба да се пожалиме дека животот ни е многу тежок, да одиме на шопинг, да исчитаме еден куп весници и списанија, треба да ги раскажеме сите афери и скандали и бројни други многу важни работи.

И како тогаш ќе имаме време да си обрнеме внимание себе си, да му обрнеме внимание на тивкиот глас во нас. Од толкава галама, не можеме ни да го чуеме. Затоа, со тек на време, тој глас станува погласен, и погласен, се’ додека не се претвори во болка. А, зафатени со важните работи, некогаш ни болката не можеме да ја чуеме. И тогаш таа се претвора во болест. Е, тогаш веќе се будиме. Вообичаено, тогаш е доцна. Затоа е важно да најдеме време да го чуеме гласот во нашето срце, постојано обувајќи се да направиме баланс меѓу бучавата во мозокот и тишината во срцето.

Психологија на болката
Вратниот дел од нашето тело одговара на грлената чакра. Тоа е чакрата на комуникација, говор, дијалог, експресија. Кога нашата грлена чакра е затворена, кога ќе почувствуваме дека “никој не не слуша”, тогаш енергијата престанува да се движи нанадвор. Природно, нашето грло е отворено и тогаш лесно комуницираме, ги изразуваме нашите емоции, чувства, мисли. Кога ќе го затвориме грлото, енергијата се враќа назад и се јавуваат пречки во комуникацијата. Анатомски, вратот го поврзува мозокот со телото. Тоа е патеката низ која мозокот комуницира со нашето тело. И кога таа патека е затворена, комуникацијата се прекинува. Оттука, од клучно значење е вратниот дел од ‘рбетниот столб да биде слободен, отворен.

 

Рамениот појас, пак, има поинаква манифестција на болката. Психолишки, рамениот дел ја претставува природата на бремето. Tоа е местото каде го носиме чувството на тежина. Дури и во јазикот се употребуваат изрази од типот “носи тежина на плеќите” , па и во грчката митологија, Богот на астрономијата Атлас, е претставен како ја носи земјината топка на рамената. Кога бремето натежнува, рамениот појас почнува да се грчи, да се затвора, се затега. Грбот се извиткува, а градниот кош се повлекува навнатре. Анатомски, нашите раце се природно спуштени надолу и нивната тежина го ослабнува рамениот зглоб па ние постојано мора да го одржуваме зглобот во нормална позиција, влечејќи ги рамениците наназад и нагоре, со помош на мускулите.

На тој начин се спротивставуваме на гравитацијата за да ги одржиме рацете во нормална положба. Во јогата, треба да најдеме начин како да ги опуштиме мускулите кои го држат рамото во правилна положба а истовремено да ја одржиме кохезивноста и цврстината на зглобот.

 

Последниот дел од психологијата на болката во вратниот и рамениот дел е природата на стравот. Во состојба на страв, бубрезите се повлекуваат наназад, грбот се свиткува, рамената паѓаат нанапред, а грлото се затвара. Како резултат на стравот, целиот грб и рамената заоблуваат што е спротивно на она што се обидуваме да го постигнеме со јогата – бубрезите да дојдат напред и нагоре, плешките назад и надолу така што градниот кош ќе се отвори а рамената ќе дојдат на своето место, во зглобот.

Анатомија
Постојат повеќе мускули чија задача е да ја мобилизираат лопатката и да го држат рамениот појас и вратот во правилна физиолошка положба. Тие мускули се трапезоидниот мускул, кој ја поврзува плешката со базата на черепот и сакралната коска; ромбоидните мускули кои ја поврзуваат лопатката со горниот дел од градните прешлени; мускулите кои ја поврзуваат лопатката со градната коска наречени serratus anterior, кои речиси никогаш не ги користиме, а се реципрочни инхибитори на претходно споменатите мускули (кога ќе се контрахираат испраќаат сигнали во мозокот да се опуштат ромбоидните мускули).

Понатаму, други четири мускули ги поврзуваат надлактицата и лопатката и го држат рамото во зглобната чашка; делтоидните мускули кои се површински и го обвиткуваат рамото. На ова друштво припаѓаат и меѓупрешленските мускули кои ги поврзуваат вратните прешлени и длабоките скаленски мускули кои го влечат вратот назад.
Природните движења во вратот се екстензија и флескија, латерална флексија и увртување. Кога слободно можеме да ги изведуваме овие движења, болките во вратот постепено ќе исчезнат.

Јогата, со помош на асаните, има задача преку истегнување и опуштање на целиот овој спој на мускули и коски, да го одржи вратниот и градниот дел од ‘рбетниот столб исправен и флуиден а рамениот појас цврст.

Во нас постои внатрешна мудрост која знае што треба да направи и ние треба да и’ веруваме. Но, сепак, треба да ја преземеме контролата над нашите животи и да носиме одлуки кои ќе влијаат на физиологијата на телото и на психологијата бидејќи на тој начин се поврзуваме со внатрешната мудрост.

Во продолжение следи кратко видео со неколку вежби кои со редовно практикување ќе Ви помогнат да се ослободите од болките во вратот и рамената.