Компост - Што, Зошто и Како

Што е компост?

Компост е темно ѓубриво кое се добива од разни видови органски отпад како што се лушпи од зеленчук и овошје, трева, лисја, слама, пилевина, талог од кафе и чај. Овие материи се разложуваат и создаваат органски хумус кој може да се користи во нивите и градините. Со компостирањето се овозможува да се врати органскиот материјал во почвата од каде што потекнува, по истиот тек како што се создава во природата.

Зошто треба да се компостира?

Органскиот отпад најчесто завршува во депониите, покрај реките и патиштата, што претставува огромен проблем. При гниењето на органските материи се испуштаат штетни гасови како што се метанот и јаглеродниот диоксид, кои се главни виновници за глобалното затоплување и климатските промени. Дури 40% од одпадот во домаќинствата може да биде компостиран, со тоа ќе се намали одпадот во депониите, ќе добиете одлично природно ѓубриво и ќе заштедите со тоа што нема да треба да купувате ѓубриво.

 

Како да започнете со компостирање?

Компостирањето е едноставен процес особено доколку поседувате двор. Доколку живеете во зграда или немате двор можете да се истражите каде во ваша близина има групен компост и да се придружите.

Можете да компостирате суви и влажни материи:

Суви материи:

– суви лисја

– сено и слама

– пилевин и струготини

– хартија и картон

– леб

– суви растенија и гранки

– нокти и влакна

Влажни материи:

– зелени лисја и растенија

– талог од кафе и чај

– искосена трева

– лушпи од овошје и зеленчук

Не се компостира: животински производи, пластика, метали, стакло, текстил, коски, болни растенија, животински измет и обоена хартија.

Компостот може да биде изграден од дрвени палети, даски, жица, да се искористи старо буре, канта или нешто со слчна намена. Во дождливите сезони пожелно е да биде покриен со пластичен или дрвен капак, а во топлите сезони пожелно е еднаш неделно да се додава малку вода. Потребно е повремено да се промешува и да биде поставен на место каде нема силен ветер. Ѓубривото е спремно за користење по 1-3 месеци. Во продолжение погледнете го ова видео за како лесно и едноставно да започнете компост или во оваа брошура прочитајте нешто повеќе за Компостот.

Продолжете да танцувате во ритамот на природата!

Оргиналниот блог објавен на „Во Ритамот на Природата

Автор

Vo Ritamot Na Prirodata

Скопје

Македонија