СЕРИЈА НА ИНТЕРВЈУА ОД НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ТАКТ НА ТЕМА ЖЕНИТЕ ВО СПОРТОТ

Рамо до рамо со сите веслачки ѕвезди во светот

Александра И. Маленкоска на свои 10 години почнува да се натпреварува во веслање и освојување трофеи. Во 2007 год. на Светското првенство во Минхен го освојуваат 16.место во дубал скул.

 

Мајката на Александра била шампион во веслање во СФРЈ и е најголемиот ,,виновник” кој ја всадил љубовта кон веслањето кај младата девојка. Вели со спортот научила кога е време да стегнеш заби и да го дадеш својот максимум кога е најтешко. Оваа девојка несомнено ќе биде повторно на спортските страници со своите успеси.

1. Веслањето не е чест спорт кај нас, обично имаат привилегија да го практикуваат оние кои живеат покрај вода. Вие сте една од ретките кои ја имаат привилегијата и можноста. Од каде се роди љубовта кон веслањето?
– Љубовта кон веслањето ја носам уште од мали нозе, мојата покојна мајка беше најголемиот „виновник” да се занимавам со овој спорт. Таа беше најтрофејната веслачка во СФРЈ и во Македонија, балкански шампион и доста успешен тренер. Секое утро наместо во градинка таа ме водеше во клубот. Лека полека ми ја всади желбата за и јас да почнам да тренирам. Како што растев ги гледав нејзините трофеи и признанија на ѕидот и тоа ми даваше дополнителен мотив да успеам и да се борам.

2. Како поранешен репрезентативец кои натпреварувања и успеси би ги издвоиле?
– Секоја трка на свој начин ми е драга, си има своја тежина. Но горда сум на првата извеслана трка на само 10 години. Инаку дефинитивно за најголем успех го сметам Светското првенство во Минхен во 2007 година каде што првпат учествувавме со женска екипа и го освоивме 16. место во дубал скул.

3. Која е Вашата мотивација? Вашата инспиративна приказна која би ја поттикнала особено женската популација да се занимава со веслање?
– Не се опишува чувството кога сте над вода, а чамецот под вас како да лета, во тој момент имате чувство дека сте непобедливи, сè околу вас е мирно, градот спие, го слушате само звукот на веслата кои влегуваат во водата. А од друга страна во зимскиот период имате тренинзи на ергометар кога боли секој атом од телото, не знаете веќе од каде да направите уште еден завеслај, но нема предавање, работите со своето тело, нешто што ни еден нормален човек не би го направил. Но, некако е полесно кога знаеш дека и клупските другари поминуваат низ истите маки… Се шегувам, се разбира.

 

Благодарение на спортот стекнав работна навика, многу пријатели и премногу самодоверба.
Научив колку е важно да стегнеш заби и да го дадеш својот максимум тогаш кога е најтешко, научив никогаш да не се предавам и дека ништо не се остварува преку ноќ. Спортот отсекогаш ми бил начин да се искажам себеси и да ги тестирам своите лимити. Поради тоа што на своја кожа сум осетила како е кога се бориш за нешто, кога ќе успееш во тоа и кога непрекинато си поставуваш нови граници и успешно ги поминуваш, сфатив дека е потребно таквото свое искуство да го пренесам и на другите. Затоа заедно со моето семејство почнавме постапка за да направиме нов веслачки клуб и да успееме да ги мотивираме дечињата да се занимаваат со спорт. Жално е што кај женската популација сè уште владеат предрасуди и стереотипи околу спортот. Кога јас почнав, седум-осум години бев единствено женско во клубот. Многу родители не дозволуваа да тренираат девојчињата со изговор дека тоа е машки спорт и ако тренираат ќе изгледаат како бодибилдери.

4. Што Ве очекува Вас и веслачкиот клуб „Југ” од Охрид во блиска иднина?
– Заради негрижа од управата, федерацијата и од другите служби надлежни за спорт, клубот се доведе во катастрофална ситуација. Пред извесно време одземени му се дел од чамците, сметката е блокирана. Но и покрај лошата состојба нема предавање. Двајца наши членови наредниот викенд ќе учествуваат на Балканското првенство за кадети и јуниори во Р.Турција, а на крајот од септември нè очекува државно првенство во Струга.

5. Кои се најважните квалитети кои треба да ги поседува еден веслач/-ка?
– Веслањето, а и секој спорт е начин на живот и бара максимална посветеност, не само на тренинзите и на натпреварите, туку и во сите аспекти од секојдневието. Да се избориш со притисокот, да се грижиш за сопственото тело, како и менталното и емотивното здравје. Да го задржиш позитивниот дух во тешки моменти, но и да одбереш вистински пример кој ќе ти дава волја за успех.

6. Што би можело да се подобри во нашата држава за да напредуваме, особено женската популација во спортот дома и во светски рамки?
Семинарите и бесплатните тренинзи не се доволни за да се направи суштинска промена. Тие секако се почеток и чекор понатаму, но за да живееме во здрава средина, потребно е физичкото воспитување да биде еднакво важно како и математиката и македонскиот јазик. Жените во многу средини претставуваат маргинализирана група и изложени се на разни облици на дискриминација. Учеството на жените во спортот го ограничуваат голем број на фактори, како што се економската зависност, патријархалната средина, религиозните верувања, помалку слободно време итн. Недоволната застапеност на жените во спортот посебно се согледува кога станува збор за управувачката, техничката и судиската структура. За да имаат жените свое место во спортот потребни се системски промени на повеќе нивоа. Има премалку спортистки на спортските натпревари кои се сметаат за најважни, со оглед на тоа добиваат премалку медиумска поддршка за разлика од машките спортисти. Наградите во многу спортови не се еднакви со машките спортисти. На прсти може да се избројат телевизиските преноси каде што настапуваат женските спортистки. Она што мене лично ме иритира е честата појава во медиумите, кога новинарите го опишуваат физичкиот изглед на некоја олимпијка или светски шампион и нејзиниот приватен живот, наместо нејзините врвни спортски достигнувања.
За да се промени позицијата на жената во спортот, потребно е да се зголеми бројот на жени во раководните структури како на локално така и на државно ниво, односно да бидат застапени еднакво со мажите.

7. Дали имате идеи за проекти и планови кои би можеле да Ве однесат чекор подалеку во веслањето?
– Најголем план и окупација наредниов период ми е формирањето на нов веслачки клуб кој ќе го носи името на мојата покојна мајка. Пред сè сакам да му се заблагодарам на сопругот кој безрезервно ја поддржува мојата идеја. Сакаме Охрид повторно да биде препознатлив по чамците распослани низ езерото како лебеди бидејќи неоправдано остана без тој украс. Воедно предизвик ми е конечно да видиме претставник од веслањето на следните ОИ и верувам дека тоа и ќе успееме да го исполниме.

8. Кој е Вашиот идол во спортот, во светот и кај нас?
– Дефинитивно најголем идол и инспирација е мојата мајка Јулијана Николиќ. И благодарам за сè! Исто така премногу им се восхитувам на спортистите во индивидуалните спортови. Обожавам кога има светски првенства во атлетика, пливање, гимнастика. Не сум пропуштила ниту една трка од Усеин Болт, Мајкл Фелпс, Јелена Исинбаева… Секоја чест што имавме можност да ги гледаме нивните врвни достигнувања.

9. Дали се исполнуваат соништата преку спортот?
Ако силно веруваме во своите соништа, тие се остваруваат. Со верба и невозможното е возможно. Лично сметам дека сон на секој спортист е да го облече националниот дрес и да ја претставува својата земја на Светско првенство или ОИ. Благодарение на вербата во себе и упорноста, успеав да бидам рамо до рамо со сите веслачки ѕвезди на светов и гордо да го носам македонскиот дрес.

Подготви: Адријана Ананиева

Автор

TAKT NGO

Скопје

Македонија