Еден учесник од Македонија меѓу 2500 останати на Ултра Треил ду Мон Блан

Денес во 18 часот по локално време во Шамони, Франција, започнува една од најпознатите трки во планинско трчање на светско ниво – Ултра Треил ду Мон Блан. Македонија ќе ја претставува еден учесник – Дејан Крле. 

Настанот трае веќе неколку дена со финализирани неколку од трките во целата УТМБ серија – трките OCC и TDS, најдолгата PTL и 100-километарската CCC се уште се во тек, а во очекување сме на стартот на најпознатата трка од целата серија – УТМБ – Ултра Треил ду Мон Блан. 

Оваа година трката ја има една од најдобрите стартни листи со имиња на силни атлети кои ќе ја направат конкуренцијата на високо ниво. Меѓу главните фаворити од машка категорија се Килиан Жорнет, Франсоа Деан, Ксавие Тевенард, Зак Милер, Џим Валмси и многу други тркачи кои се во можност да изненадат и остварат сериозен резултат на екстремно тешката стаза. Од жените тука се Каролин Шеверот, Андреа Хусер, Фернанда Мациел и други. 

Се работи за планинска трка која го заобиколува целиот масив на Мон Блан во должина од 170 километри во кои се сместени околу 10000 метри денивелација – качување и спуштање. Истата се одвива на живописниот алпски терен по најразлични стрмни и благи планински патеки, a натпреварувачите имаат 48 часа да го комплетираат кругот. 

Оваа година дополнително возбудливо ќе биде и поради проблематичното време каде се очекуваат ниски температури особено на повисоките превои (околу нулата) како и извсна најава за дожд и снег. Патеката поради безбедносни причини е скратена само на делот Тет ау Вентс (последното искачување) во должина од 2-3 километри и 400 метри денивелација.

Македонија оваа година ќе има еден учесник на главната трка УТМБ – Дејан Крле од клубот ТРЕКС/ПСД Макпетрол од околу 2500 тркачи кои треба да стартуваат. Неговиот стартен број е 2328 и можете во текот на целата трка да го следите на следниот ЛИНК

Настанот можете да го следите комплетно во живо на УТМБ ТВ.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија