Моќниот витамин Е

Витаминот Е е липосолубилен витамин (растворлив во масти) кој има бројни значајни ефекти во здравата функција на човековото тело.

Неговиот дефицит доведува до појава на: хронична дијареа, неадекватна продукција на жолчка, мускулна слабост и грчеви, бавно заздравување на рани, кршлива и слаба коса, побрзо стареење, катаракта, неспецифични невролошки симптоми, дисфункција на репродуктивните органи и други афекции на различни органи и системи.

Најзначајни природни извори на витаминот Е во исхраната се: масло од пченични никулци, сончогледови семки, бадеми, лешници, кикирики, соја, спанаќ, брокула и домати. Бидејки потребните количини на витамин Е во најголем дел не е можно да се внесат преку исхраната, најчесто се препорачува суплементација со овој витамин.

Во продолжение се набројани само дел од корисните ефекти на витаминот Е кои учествуваат во здравата функција и заштитата на организмот од штетните влијанија.

Антиоксидантно дејство – Витаминот Е е најважниот антиксидант растворлив во масти. Тој ги штити структурите на клеточните мембрани од влијанието на слободните радикали, се бори против воспалителните процеси и на тој начин природно го забавува стареењето на клетките. Витаминот Е ги штити деловите и материите во организмот кои се посебно подложни на дејството на слободните радикали како: полинезаситените масни киселини, некои супстанци (витамин А и некои Б витамини), хормоните на хипофизата, надбубрежните жлезди и половите жлезди.

Учествува во балансирање на нивото на мастите во крвта – Благодарение на неговиот антиксидативен ефект и неутрализирањето на слободните радикали, витаминот Е помага во спречување на оксидацијата на холестеролот. Според одредени истражувања витаминот Е може да биде ефективен дополнителен третман на хиперхолестеролемија. Неговото дејство се однесува на нивото на ЛДЛ холестеролот, додека пак нема значајно влијание на ХДЛ холестролот и триглицердите.

Ја инхибира агрегацијата на тромбоцитите – Витаминот Е учествува во намалување на создавањето на тромбогени процеси преку механизам кој ја инхибира стимулацијата на протеин киназа Ц кој во агрегацијата на тромбоцитите. На тој начин делува протективно од настанување на мозочен инсулт и инфаркт на миокрад. Она што е значајно да се потенцира е дека иако витаминот Е има ефект во намалување на згрутчувањето на крвта, сепак кај здрави лица не го зголемува ризикот од краврење.

Делува превентивно на настанување на коронарна срцева болест – Благодарение на двата погоре споменати ефекти: инхибиција на оксидацијата на ЛДЛ холестеролот и антиагрегационот дејство, витаминот Е има значајна улога во заштита од настанувањето на артериосклеротични процеси, кои пак се круцијален дел од појавата на коронарна срцева болест.

Ја подобрува функцијата на ендокрините жлезди и нивото на хормоните – Во повеќе минати и актуелни истражувања се докажува повразноста помеѓу витаминот Е и функцијата на ендокриниот систем. Тоа особено се однесува на функцијата на половите жлезди, преку ефектот на продукцијата на простагландини, кои пак од друга страна ја намалуваат продукцијата на пролактинот. Исто така во голем број од случаите на пациенти со метаболен синдром е пронајден дефицит на витаминот Е.

Ги олеснува симптомите на ПМС – Докажано е дека земањето на суплемент на витамин Е три дена пред почетокот на менструалното крварење до три дена по завршување на истото, може да влијае на олеснување на тегобите како што се грчеви, анксиозност, емоционална нестабилност и други ПМС симптоми. Витаминот Е исто така се смета дека може да ја намали болката и губитокот на крв за време на менструалното крварење. Преку природно балансирање на половите хормони може да помогне во регулација на ментруалниот циклус.

Го подобрува видот – Макуларната дегенерација и катарактата кои се почести кај повозрасната популација се сметаат за најчести причини за намалување на видот во таа возраст. Иако не е дефинирана нивната етиологија, се смета дека кумулативните ефекти на оксидативниот стрес имаат значајна улога. Во таа насока суплементацијата со витамин Е може поради антиоксидативното дејство да делува заштитно од овие состојби. Треба да се напомене дека потребна е комбинација на витаминот Е со други антиоксиданси како бета каротенот, витаминот Ц, селенот и цинкот за подобар ефект во насока на заштита на функцијата на очите.

Помага во одржување на когнитивните функции на мозокот – Мозокот има значајно голема потреба од кислород, а воедно клеточните мембрани на невроните содржат голема количина на полинезаситени масни киселини. Во повеќе истражувања е дојдено до сознание дека кумулативните дејства на слободните радикали на невроните во подолг временски период може да придонесат до намалување на когнитивните функции и развој на невродегенеративни болести (како Алцхајмеровата болест). Во таа насока суплементацијата со антиоксиданси – витамин Е, може да придонесе во заштита од настанување на невролошки заболувања кои се карактеризираат со намалување на когнитивните функции.

Помага во заштита од туморски процеси – Благодарение на значајната антиоксидативна улога, витаминот Е може да помогне во заштита на клетките од оштетувањето предизвикано од слободните радикали и на тој начин индиректно да делува на заштита од настанување на туморски процеси. Во одредени истражувања е докажано дека витаминот Е може да го блокира и создавањето на карциногените нитрозамини во дигестивниот систем од одредени состојки во исхраната. Протективната улога на витаминот Е се должи и на неговиот ефект на јакнење на функцијата на имунолошкиот систем.

Ја подобрува физичката издржливост и мускулната сила – Витаминот Е се смета дека значајно влијае на подобрување на физичката издржливост преку зголемување на енергијата и подобрување на циркулацијата. Исто така помага во намалување на нивото на оксидативен стрес на мускулното ткиво по физичката активност.

Делува против стареење и ја враќа младоста на кожата – Витаминот Е помага во одржување на еластичноста и влажноста на кожата преку зајакнување на капиларните ѕидови и намалување на инфламацијата. Истражувањата докажале дека овој витамин ја намалува инфламацијата во телото и на кожата и помага во одржувањето на здравата кожа. Исто така витаминот Е е значаен за заштита од изгореници од сонце, побрзо заздравување на рани, намалување на акните и брчките, а заедно со витаминот Ц може да делува и на подобрување на симптомите на егзема.

Значајно е да се спомене и дека е потребен адекватен внес на овој витамин за одржување на здравјето во текот на бременоста и правилниот развој на плодот.

д-р Бисера Пандовска