Одлична дружба во природата на Азот – МТБ предизвик 2017

Изминатиов викенд низ регионот на с. Богомила и околните села се возеше третиот по ред АЗОТ 2017 МТБ предизвик.

Настанот траеше два дена со однапред предвидена програма, од која во првиот ден беше предвидено шетање низ Богомилската околина, а во вечерните часови имаше луда журка до DJ Crazy Slave и лудите рокери EPIDEMY од Неготино.

Вториот ден предвиден за возење. Поради лошите временски услови организаторите решија во последен момент да ја скратат патеката за првиот дел од големиот маратон, па така должината на овогодинешната тура беше 38,4 км со елевација од 1156м. Втора измена од страна на организаторите беше едно големо и пријатно изненадување за сите, посебно за оние кои биле присутни во изминатите две години на АЗОТ МТБ предизвик.

Промената беше во возењето во „обратен правец”, односно се возеше на релација Богомила-Папрадиште-пл.дом Чеплес-Нежилово. Оваа промена внесе многу возбудување и емоции кај сите учесници, посебно поради трите водопади низ која мине делот од патеката кој е „угорнина”, и посебно адреналинскиот спуст во должина од 11 км.

Покрај велосипедизмот, за прв пат оваа година организаторите од ЗГ Велес Бајкинг-Велес организираа и планинарење кон Мокренскиот крај, т.е. до месноста наречена „Стојкова ливада” на висина од 950мнв. Иако имаше најава за планинско трчање, сепак тоа не се одржа поради тоа што не се пријави ниту еден учесник. Генерално, по оцена на сите учесници, настанот заврши со сите најдобри оцени и коментари.

Гледано низ бројки, АЗОТ 2017 МТБ предизвик го посетија преку 250 велосипедисти и 30-35 планинари од цела Македонија , со еден гостин од Литванија и неколку странци кои живеат и работат во Скопје. Богомила и целиот регион АЗОТ се покажаа во сиот свој сјај и покажаа дека овде има материјал за ваков вид на туризам.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија