Ден 3. понеделник, 5 јули Симитли – г.п. Егзохи, 112 км
Велоаџилак – ден 3
Имав некое чудно чувство за ова место. Претходната вечер кога баравме најудобно место за спиење тргнавме накај реката, а таму видов една камп-приколка, чудно паркирана, како нешто да се случуваше внатре. Не му кажав на Марко дека сум се исплашил. Сепак решив да спиеме на таа полјана, иако ми беше страв, само за да не паничам.
Сврти на претходна страница >> Ден 2
Целото место изгледаше како оние фарми за коњи што ги гледавме на Алпите. Подоле дури и имаше една шатал со коњи. Но што се случуваше во таа приколка и зошто беше дури таму паркирана? Затоа и не спиев опуштено. Вечерта беше убава, топла. Се будев поврмено и ги гледав ѕвездите. Бевме завлезени во планината и немаше светлина од градовите што обично смета на погледот. Беше темно и можеше да се види секоја ѕвезда. Беше тивко. Само повремено ќе помиинеше некое возило и ќе ја растуреше тишината. Ама ова со приколкава ми работеше во позадина и не ме пушташе да се опуштам.
Сабајлето се разбудивме рано. Марко застанал над мене и ме клоца да ме разбуди. Ајде Боби, време е, ми се смее. Јас пак, сум заспал стутулен во вреќата. Најверојатно ми достудело сабајлето и сум се стуткал да се стоплам. Тој бил буден веќе некое време и се подготвувал за тргнување, а јас не сум го сетил. Набрзинка собравме шатор, вреќи, изомати, се облековме и се качивме на патот. Убаво правевме што рано се будевме и рано тргнувавме на пат. Иако бевме на планина, беше жешко, а и таков беше планот. На почетокот од патот сеуште беше блага угорница. Патот само ни го најавуваше она што не очекуваше тој ден. Сепак требаше да ја преминеме Пирин планина. Тој дел од Пиринска Македонија го меркав одамна. Сега имав шанса да го извозам. Никогаш немав возено по течението на реката Места и кон Гоце Делечв.
Од Симитли до преминот Предела има 24.6 километри.
Почетокот е благо искачување и потоа нагло почнува стрмна угорница уште 12 километри. Во почетокот се држевме заедно. Не брзавме. Уште не бевме рассонети. Никаде покрај патот не начекавме некое место со клупи за да доручкуваме. Ние уште ни лице немавме измиено. Некако патот беше пуст. Така возевме се до село Градево, каде што на патот имаше проширување и таму се сместивме. Нешто како паркинг за камиони. Седнавме на проширувањето на патот и извадивме да доручкуваме. Одвај чекав да седнеме. Некако не ми се возеше. Дали бев исцрпен од претходниот ден или не бев убаво спан? Ама некако накренав сила после доручекот. Набрзо потоа најдовме и убава чешма со студена вода покрај патот. И тука си сендавме и одморивме. Па продолживме. Марко веќе го зголемуваше темпото, а јас повеќе не можев да го следам. Не можам да објаснам зошто ми доаѓаат нервози кога нема да можам да држам темпо. И само се тешам дека, ете, јас носам повеќе тежина, тој повеќе возеше оваа година, јас не сакам да форсирам. Вистината беше само дека Марко на целото патување беше во многу подобра форма од мене. И да сака заедно да возиме, сепак не сака да го задржувам и си тргнува со посилно темпо.
Така си возам, си се поздравувам со камионџиите, и кога покрај патот гледам столб. На столбот плоча на којашто пишува: „ На ова место на 3 септември 1901 година Јане ја граби мис Елен Стон”. Ај мајката, си помислив. Па ова навистина се претвора во аџилак. Стоев на истото место на коешто пред некое време стоел лично Јане Сандански и неговата чета. Тука всушност ја запреле мисионерката Елен Стон од САД заедно со нејзината придржуба и ја киднапирале. За потоа таа да стане најголем поборник за македонското ослободително дело во САД. Си постојав така. Го изгледав местото. Па си мерев, правев сценарио. Од која страна им пришле, па дали овие можеле да избегаат, па колкумина комити биле. Убаво, убаво. Така додека возам си загледувам на страна и ете ќе начекам некое вакво свето место.
Тоа па преминот Предела далеку. Вози, вози, не се довозува. На едно место Марко застанал под сенка и ме чека. Ајде Марко, му викнав. Тргна по мене и од позади ми покажува кон патот. Тука угорницата зарамнуваше и се порадувавме дека тука е преминот. Ама се излажавме. Пак почна да станува стрмно. Мајката, си велам, угорницава не се предава. Ама ќе ја искачиме. Ајде полека. Најважниот совет што си го давав на ова патување е дека не треба да брзам на долгите угорници. Треба само да врткам и ќе се искачам. Погоре па видовме знак. Пишува „Предела”. Епа ова да не е преминот? Не беше ни тоа. Којзнае за што беше таму ставен? Па почнаа некои кривинчиња, па некои напуштени објекти, па ресторани и рековме доста е. Одморивме надевајќи се дека тука е преминот. Нормално, рестораните секогаш се на прмеинот. Јадевме по некое барче и с напивме студена вода од чешмичето во шумата. Легнавме и се истегнавме на клупите под длабоката борова шума. Туку сум заспал. Јас ноќеска ич не сум спиел. Во позадина постојано ми работел стравот од приколката и не ми давал да заспијам целосно. Па тргнавме и пак угорница. Ама ќе си вртиш, колку има толку. Застанав десно од патот да се поклонам на споменикот на војникот Иван Рачев, кој што бил дел од одредот на Никола Парапунов, за време на Втората светска војна. Тука го убиле.
Набрзо стигнавме на превојот. Тој е означен со еден споменик со орел. Многу интересен симбол. Го означуваше почетокот на општина Разлог. Тука имаше и многу возила што застануваа да налеат студена водичка од шепурките што бликаа со вода. Ама една студена вода, да ти смрзнат забите. Малку разговарав со полицајците. Што има, како има, општи муабети. И тргнавме надоле. Е сега не очекуваше долг спуст. Прво требаше да ги поминеме Разлог и Банско па да продолжиме по течението на реката Места се до градот Гоце Делчев.
И тргнавме надоле. Коловозот беше нерамен од камионите и моравме да внимаваме, посебно на свиоците. Но сепак бевме брзи и летавме надоле. Доста беше страдање по угорници за тој ден. По некое време стигнавме до Разлог но само го поминавме не свртевме лево за да го видиме. Продолживме по патот кон Банско. Јас прв пат бев таму и се вчудоневидив од тоа колку се гради и изградило, посебно хотелите. Не знаев дека е толку развиен скијачки центар. Си мислев, онака, Банско. Ама ова да ти било нависитна светски. После Разлог патот почнува благо да искачува. А и жешкото не фати веќе. Застанавме под едни тополи што фрлаа сенка врз еден споменик на близок соработник на Гоце и Јане. Насекаде споменици на видни револуциенери. Пуштивме изоматите и заспавме. Не ни сметаа колите што непрестано поминуваа на патото што водеше кон Банско.
Истото тоа жешко и не разбуди. Сакав да тргнеме по патот и се надевав дека кога ќе влеземе во долината на Места ќе биде поладно. Собравме се и тргнавме. Патот водеше право во градот, а ние свртевме лево кон село Добриниште. Многу интересно име, Добриниште. Сигурно сите се добри таму. Тука започна и удолницата. На излезот од Банско наполнивме студена водичка и летнавме надоле по удолницата. Пирин планина беше околу нас. Во височините се гледаа скијачките терени и врвовите обраснати со шума. Прекрасна планина. Патот кривулесто се пробиваше во клисурата. Реката Места сме ја спомнувале во учебниците по историја, но сега бев таму и се уверив во нејзината убавина и значење. Така летајќи низ клисурата наидовме на село Места. Брзо го поминавме и на излезот нешто ми заличи како место каде што би можеле да одмориме на жешкото. Иако бевме на високо и во планина, сепак моравме да одмараме за време на жештините.
Му реков на Марко да ме причека на патот, а јас се симнав и се мушнав низ едни грмушки и најдов место од соништата. Дефинитивно тука ќе го поминеме пладнето. Тоа беше место каде што имаше воденица и валавница. Во таа валавница доаѓаше водата од воденицата и имаше некаква конусовидна форма. Како корито во коешто водата се вртеше во круг заради падот на водата од високото. Внатре во вителот со круг се вртеа неколку жаби и змии. Жабите се трудеа да им избегаат на змиите, а овие па се зафркнале влегувајќи во валавницата мислејќи дека ќе фатат лесен плен. И така цел ден си се бркаа додека не ги ослободив со еден од стаповите за стискање на јамболиите. Тука ручавме, па спиевме. Беше убаво свежо, немаше никој, а звукот од водата не зашемети и не успа.
Море, ама сме се успале? Кога се разбудив не знаев каде е горе каде е доле. Само ги отворив очите, се соземав малку и така легнат разгледав наоколу дали се е тука. Апаратот и торбата со вредни предмети си ги наместив до главата демек за побезбедно. Ама џабе, кога ќе се изгубиш така во сонот ништо не сеќаваш. Може сосе партали да те однесат. Ама мирен народ живее таму. Бев опуштен, знаев дека не може ништо да се случи.
Ги собравме работите и полека се спремавме за на пат. Излеговме на патот и тргнавме. Набрзо, за последен пат тој ден ја поминавме реката Места и продолживме на југ. На овој дел рамницата се проширува и патот се повеќе се одалечуваше од реката. Тоа ќе значеше дека ќе го изгубиме наклонот што ни го даваше реката. Можеби малку ќе се успориме. Со поглед го барав излезот од таа рамница. Гледав во ридовите што не пречекуваа обидувајќи се да откријам во кој правец ќе се движиме. Го поминавме и село Господинци и набрзо стигнавме до знакот што го означуваше влезот во Гоце Делчев. Конечно стигнавме.
Кога пазаревме во Делчево се договоривме да купиме се што ни треба за два дена, за да не трошиме пари во Бугарија. Најмногу затоа што ќе треба да бараме менувачници за да размениме евра. Но сепак, моравме да пазариме. Па најдовме Лидл на влезот, ама не ми примија евра. Отидов до првата бензиска и таму ми разменија. Пазаривме и продолживме надвор од градот. Се уште се движевме на југ и многу брзо не очекуваше угорница што ќе не однесе до граничниот премин. Ги поминавме селата Ново Лески, Копривлен и Садово. Тука застанавме да полниме вода и да каснеме нешто за последната угорница за тој ден. Водата од селската чешма беше топла но ќе ни заврши работа за вечер кога ќе готвиме. Пред да се сместиме секогаш полниме многу вода за готвење, пиење, миење сабајле. Од тука се гледаше градчето Хаџидимово. Многу сакав да го посетиме, но се наоѓше во дол, и ако се симневме потоа ќе требаше да ја искачуваме таа угорница назад. Градот е наречен според големиот македонски револуционер и мислител Димо Хаџи Димов, еден од најблиските соработници на Гоце Делчев. Затоа и градовите така им ги сместиле, во една долина, на една пољана. Да дружат.
Тргнавме на пат и често се свртувавме назад да го гледаме сонцето што заоѓаше позади Пирин планина. Величенствена глетка. Беше навистина убаво. Кога сум на пат си дозволувам да се радувам на секое зајдисонце и да уживам во најситните нешта. Возејќи по угорницата од левата страна на патот ни се придружи едно слатко малецко кутре. Му се закачи на Марко и постојано го следеше, па му лаеше весело покрај тркалото. Веднаш направија тим. Марко го нарече Луси. Иако беше машко. Јас сакав побрзо да ни се откачи зошто секако немаше да може да не следи по удолниците. Веднаш почнав да мислам дали е можно да го спакуваме во некоја торба и да си го носиме со нас на удолниците, а нагоре нека си трчка.
Така играјќи си со Луси Марко ми кажа дека го заборавил листот за на граница. Ај мајката, си помислив. Кај ќе најдат сега па овие од тоа листовите? Ми текна дека можеби ќе се јават на ГП Дојрани, да речеме, и по меил да им пратат и тука ќе го испечатиме. Малку се возбудив и почнав да правам план како тоа ќе се вратиме до Македонија преку Ново село и ќе излеземе на Дојран. Прво стигнавме на ГП Илинден каде што требаше да излеземе од Пиринска Македонија. Полицајците повеќе ни се смееја за кутрето и не се замараа со прашања. Веднаш не пуштија. Навистина беше интересно. Доаѓаат двајца велосипедисти и со нив кутре. Понатаму угорницата не донесе до еден тунел каде што на влезот пишуваше дека е изграден во знак на пријателство помеѓу Грција и Бугарија при влезот на вториве во ЕУ. Абе пријателството ви е светло и искрено како темницана во тунелон, си помислив.
На излезот од тунелот беше ГП Егзохи и влезот во Егејска Македонија. Јас цело време со мислите дали ќе ни прават проблем заради листот. И тука застанавме. Ги дадов пасошите и мојот лист. Каде е неговиот, ме праша. Па нема, му одговорив. Седнете, ми рече. Еј седнете, си помислив. Толку едноставно ќе биде ова? Излезе едниот и почна да ни врти муабет каде одиме, што правиме, кучево наше ли е. За тоа време другиот полицаец работеше на компјутерот. Му предложив на Марко да спиеме токму на граничниот премин. Ем побезбедно, ем има вода, тоалет. Ама Марко сакаше уште малку подоле да одиме. Тука му беше светло од портокаловите рефлектори. По некое време не викнаа и ни ги дадоа пасошите. Тоа е тоа, го прашав. Толку, ми одговори. Дури и ми кажа дека на неполн километар надоле по патот има црквичка со убав двор со вода, тоалети. Џабе кренав паника.
И како што ни најави полицаецот, ја најдовме црквата веднаш покрај патот. Бевме уморни и сакав веднаш да пуштам шатор. Пред да јадеме. Зошто ако се најадеме повеќе мака ќе ми биде. Се сместивме веднаш до влезот на црквата и седнавме на тремот да вечераме. Бев многу весел дека ќе спиеме на убаво мирно место каде што ги имаме сите услови за кампинг и хигиена.
Откако вечеравме Марко веднаш си легна, а јас останав да перам на чешмичето. Садови, облека, крпи, се сум испрал. Потоа ги оптегнав на една врвка и влегов во вреќа. Јас спиев под тремот на влезот во црквата. Така не ме фаќаше влага, а имав топлина од каменот што се грееше цел ден на сонце. Сообраќај немаше, беше тивко и темно. Идеално место за кампинг. Само Луси ќе мрднеше и ќе ја растуреше тишината.