СЕРИЈА НА ИНТЕРВЈУА ОД НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ТАКТ НА ТЕМА ЖЕНИТЕ ВО СПОРТОТ

Мислам дека нема доволно девојки кои спортуваат и дека таа бројка е значително намалена

По најновите вести за победи на професионално поле во ракометот, но сега во улога на тренер, поразговаравме со Андријана Будимир околу значајноста на женскиот спорт и жени со тренерска професија. Во еден момент од својата кариера таа реши да направи решителен пресврт и започна со тренирање на млади надежни кадри во РК ,,Вардар” и со тоа започна нова етапа на ракометните терени. По успешната кариера како играч, за наша среќа таа реши да остане во Македонија и да ја пренесе љубовта и знаењето на младите генерации ракометари/-ки.

По успешната ракометна кариера се решивте за мал пресврт кон професијата тренер. Како се случи тоа, кога почнавте да тренирате младинци/-ки? Која е разликата да се биде играч и тренер?

Уште кога играв, секогаш имав посебна врска со играчите помлади од мене, сакав да им помогнам и ме исполнуваше нивната среќа кога ќе дадат гол или ќе направат некој убав потег, така што кога престанав да играм веројатно спонтано ми дојде да станам тренер. Во 2011 година го отворив моето школо Андријана Будимир, на кое сум многу горда, како и на сите деца кои се дел од школата. Во 2015 година почнав да работам за РК „Вардар” каде што ја тренирам машката пионерска селекција.

Разликата помеѓу играч и тренер е огромна, едното нема врска со другото и слободно од оваа гледна точка можам да кажам дека е многу полесно да се биде играч иако и едното и другото имаат свои предизвици, но сега кога би се вратила да играм со други очи би го гледала тренерот.

Честитки за освоеното прво место на клубот „Вардар” во Зрењанин во февруари. Нека се множат победите. Кој е Вашиот најголем успех како тренер досега?

Благодарам на честитките, многу бев среќна затоа што после три финалиња ова беше прво освоено место! Моето најголемо достигнување како тренер се случува скоро секој ден бидејќи секое дете секој ден учи нешто ново и кога ќе го направи, тоа на мојата среќа и нема крај… Мислам дека за мене најголемо достигнување ќе биде ако сите тие деца станат големи луѓе и играчи со вистински животни вредности.

Колку е важен спортот за девојките? Зошто треба да се охрабруваат да спортуваат?

Спортот за девојките е многу битен и секако дека треба да се охрабруваат од многу причини. Прво заради физичкиот развој, социјализација и затоа што имаат еднаква шанса како и машките да успеат во спортот.

Која е за Вас мотивацијата и предизвикот да се биде тренер на младински ракометни тимови? Која мисла Ве води? Вашата инспиративна приказна.

Да се работи со деца е најблагородна работа, барем за мене, но и мораш да ги сакаш бидејќи ако некој тоа го чувствува тогаш тоа се децата. Мојата мотивација е да ги научам да играат ракомет, но и други животни вредности и еден ден барем на неколку од нив некој мој совет да им помогне во животот или во ракометната кариера. И дај Боже да дочекам ден кога ќе седам дома, а на телевизија ќе гледам натпревар во кој учествува играч кој јас го пораснав од мали нозе. Мислам дека тоа е најголемиот успех за еден тренер.

Што за Вас дефинираат зборовите силна жена?

Силна жена за мене претставува јака и независна жена која е упорна, знае да каже НЕ, која одговорноста и вината не ги префрлува на околината или на судбината и се справува со реалноста сама.

Дали кај нас доволен број девојки спортуваат или бројот на спортистки генерално е уште низок?

Мислам дека нема доволно девојки кои спортуваат и дека таа бројка значително е намалена во последно време. Би требало сите да се потрудиме да направиме нешто во врска со тоа и да им дадеме дополнителна мотивација. Со популарност на одредени спортови и нивните успеси како што е ЖРК „Вардар” бројот на девојчиња ќе се зголеми.

Од наше искуство, девојките спортистки се соочуваат со многу бариери и предизвици во текот на кариерата. Кој ви беше најголемиот предизвик и дали како жена спортистка сте почувствувале дискриминација во текот на професионалната кариера?
Постојат многу предизвици во текот на кариерата, но мислам дека секој индивидуално се справува со секоја ситуација. Дискриминација постои, но како и во сè во животот – опстојуваат најсилните.

Која е најважната лекција што сте ја научиле како тренер? И кои се за Вас предизвиците кои би сакале да ги совладате?

Најважната лекција како тренер е да научиш да ги слушаш своите играчи, да не бидеш горд туку секого да сослушаш, но и другите тренери бидејќи секогаш можеш да научиш нешто од некого. А најголем предизвик за мене е да научам да не се врзувам за децата бидејќи еден ден ќе заминат од кај мене.

На кој начин спортот Ве промени, на какви вредности Ве научи? Дали не прави подобри луѓе?

Можам слободно да кажам дека ние спортистите се разликуваме од другите. Во текот на кариерата учени сме на дисциплина, почитување на постарите, социјализација, помагање едни на други, на порази, на победи, на сите вредности и да мислам дека спортот не прави подобри луѓе.

Во однос на спортот, дали сметате дека е полесно за момчињата отколку за девојчињата во нашата држава?

Да, полесно е за момчињата, но не само кај нас туку и во многу други земји.

Дали се остваруваат соништата преку спортот?

Се остваруваат ако навистина се трудите и достигнете кариера каква што имав јас. Можам слободно да кажам дека се остваруваат во сите можни погледи.

Што би им порачале на сите девојчиња кои сакаат професионално да се занимаваат со спорт? Дали трудот, енергијата и вложеното време се исплатливи?

Би им порачала да почнат да се занимаваат со спорт, да се борат, да веруваат во себе бидејќи иако се викаме понежен пол нашата снага и волја е еднакво јака и целата потрошена енергија и време на крај секогаш ќе бидат наградени.

Претходни интервјуа

Адријана Ананиева

Автор

TAKT NGO

Скопје

Македонија