По норвешките стапки кон чиста и среќна иднина

Која ви е првата замисла кога некој ќе ја спомне Норвешка? Најкратко ние би ја опишале како “среќните Викинзи кои се возикаат со електрични автомобили и му покажуваат на светот каков треба да биде во иднина”.

Норвешка официјално е најсреќната држава во светот, но за нас од еколошка гледна точка, еко-подвизите ја прават Норвешка држава што го турка светот кон посакуваната иднина. 

Една работа која особено ги прави многу понапредни од скоро сите држави се електричните возила, поточно, нивниот број. Норвешките патишта имаат 10 пати повеќе електрични автомобили по лице во однос на повеќето држави во светот.

Како за споредба, во Европската унија, која има над 510 милиони жители на своите патишта имаат околу 500000 електрични возила, a Норвешка со 5.2 милиони жители веќе ја надминаа бројката од 100000 електрични возила.

Тоа што е особено интересно кај нив е огромната желба за купување, која во оваа 2017та година се очекува да го надмине бројот на нови електрични возила во однос на возилата со внатрешно согорување. Секој втор Норвежанец кој купува нов автомобил веќе почнува да одбира електричен автомобил.

Моментот на достигнување на толкав број на купувања на електрични автомобили значи и нова ера за автомобилските компании, кои за да ги задоволат се поразличните желби на Норвежаните мораат да нудат многу повеќе различни електрични возила со што би одговориле на тамошниот пазар.

Ова значи промена и кон останатите автомобилски пазари во развиените држави, со што електричните возила ќе станат уште подостапни за купување.

Норвешка заедно со Холандија, како втора држава во светот по бројот на електрични возила, се единствените држави кои имаат уникатна цел да ги забранат продажбите на сите возила со внатрешно согорување до 2025та.

Двете држави со огромниот број на потенцијални нови купувачи ги поттикнуваат автомобилските компании да содаваат нови електрични модели на нивните сегашни автомобили. Елон Маск, по објавувањето на веста за целта на Норвешка да ги забрани продажбите на возилата со внатрешно согорување, ги пофалил со твитот “What an amazingly awesome country, you guys rock”.

Тоа што сега имаат цела инфраструктура од полначи насекаде низ државата и најмногу ел. возила во светот е резултат на успешни иницијативи уште во 1990тите со цел да го намалат загадувањето, бучавата и метежите во урбаните центри. За да ги направат електричните автомобили пожелни за купување почнале со употреба на повеќе различни субвенции и регулативи. 

Денеска, електричните автомобили имаат 4 главни предности во Норвешка: 

  • Прво, при самото купување на било какво возило постои голем данок од 25% што ја крева цената на сите автомобили на пазарот, па луѓето не се одлучуваат така лесно да купат каков било автомобил. Но за електричните возила не постои тој данок, така што за норвежаните тие се економски многу поприфатливи.
  • Втората огромна предност се бесплатните станици за полнење на батериите за ел. возила што им овозможува на сопствениците бесплатна енергија за возење. Имајќи ја оваа можност, сопствениците на електрични возила можат скоро без никакви трошоци да патуваат со своите возила во текот на целата година а тоа е огромна економска предност што ги прави електричните возила уште поевтини. Иако полнењето е бесплатно тоа не значи дека нема доволно места за полнење, мрежата на места за полнење им е огромна, само во Осло имаат над 50.000
  • Трето, ослободувањето од трошоци за паркирање и патарини, како и бесплатно користење на фери службите за транспорт преку вода. Електричните возила можат да се паркираат бесплатно на секој паркинг и да патуваат бесплатно на сите патишта низ целата држава.
  • Четвртата предност се рестрикциите за сите возила на внатрешно согорување во урбаните места каде постои јавен превоз, тие немаат право да ги користат градските улични линии кои се наменети за јавниот превоз. Овие рестрикции не важат за електричните возила, така што сопствениците на електрични возила можат слободно да ги користат сите улични линии и да се движат слободно низ градот.

Желбата за купување не им е поради неиспуштањето на штетни гасови во воздухот туку поради тоа што им се поисплатливи, поевтино им е да купат електрично возило одколку било какво возило со внатрешно согорување.

Автор

Ekologika

Берово

Македонија