3 заеднички работи за сите диети

Расчистување на митовите, заблудите и нејаснотиите околу диетите и совети за правилна исхрана…

Почнува, делот од годината со диети за извоз — јуен, Орниш, Хроно, макарони и чоколадо, бејби храна диета и сите други шеми кои ви го намалуваат IQ-то и ви ја одземаат гордоста само за некое килце масти. Помалку. Повеќето од нив, колку и да се бизарни или не, работат…барем некое време. Она што треба да го направиме, е да ги пуштиме низ сито сите овие диети и да видиме дали воопшто има зрно вистина? Дали има некоја ефективна стратегија и дали е можно сите овие диети да имаат нешто заедничко?

Излегува дека сите диети или барем оние кои ги сметаме за малку ефективни да имаат барем 3 заеднички работи.

Инцидентна рестрикција на калории

Во ноември 2016, кардиолозите и нутриционистите на Американската Асоцијација за Срце во рамки годишните Научни Сесии дискутираат за се’ поврзано со срцето, вклучително и диетите. Кристофер Гарднер, професор на Стенфорд Универзитетот по Медицина, како еден од презентерите, говори за ефективноста на диетите.

Без разлика на диетата, најбитната промена е да се случи накаква рестрикција на калории. Ако диетата доведува до намалување на енергијата, субјектот губи тежина. Но, големо НО, неговото истражување го следи еден голем услов: Намалената енергија треба да биде инцидентна, случајна, ненамерна. Ако на субјетите им се каже да следат некој внимателно подготвен план за исхрана со помалку калории, едноставно не ја следат диетата. Познато?!

Ако, тоа што го правеле, во однос на диетата, довело до тоа да внесат помалку калории тогаш губењето на тежина функционирало. Со други зборови, диетичарите треба да се третираат како 5 годишни деца. Треба да им се прави “авионче отвори уста” со варена брокула.

Чудно или не, вежбањето не е ниту спомнато, можеби затоа што повеќето од овие хронични диетичари и диетичарки не ни пробуваат да вежбаат. Во основа да го прескокнат она “абе јас без благичко не можам” или симит за доручек, ќе има поголем ефект од тоа што го сметаат за вежбање, активности како, чистење, градинарство или одам до кеј.

3 заеднички работи

Гарднер забележува дека диетите кои функционираат т.е. оние кои довеле до инцидентна рестрикција на калории, имаат 3 заеднички работи:

 

1. Во успешните диети има многу зеленчук

Ова не е само битно за да преживеете бидејќи зеленчукот содржи така прилично битни нутриенти туку со истиот може да го наполните стомакот со практично скоро ич калории.

Наша препорака е да се сконцентрирате на зелениот оддел во супермакет или на пазар, да екпериментирате со подготовка на, карфиол, брокула, спанаќ, зелка, сладок компир, боранија, грашак, дали на пареа, дали варени, дали во рерна, сеедно. Истурете малку маслиново масло и не заборавајте дека зачините ви се пријатели. Никој не сака да јаде чорапи. Ова нека го дополнува ручекот или вечерата. Како десерт ставете си во чинијата заедно со зеленчукот парче месо.
Вака ќе бидете најадени и ќе доведе до ненамерно намалување на калориите.

2. Успешните диети ги избегнуваат додадените шеќери и рафинираните житарици

Знаете во што се има додаден шеќер. Знаете и како изгледаат рафинираните житарици. Генерално нив ги има во храна која има мазна и константна текстура, како лепак за тапети обоен вештачки со беж боја. Храна која има помалку рафинирани житарици пак, има парченца и изгледа погусто.

Шеќерот е извонреден извор на празни калории. Како награда го крева и нивото на инсулин. Рафинираните јаглехидрати го прават скоро истото. Како најлесно да ги избегнете двете работи е практично да престанете да јадете се што е спакувано во кутија или во кеса од целофан, или се она што е позади стаклото во некоја пекара/слаткарница, и врвот на патувањето во околните земји да не е посета на еден кловн.
Ако ги избегнувате додадените шеќери и житарици повторно ќе се доведете до инцидентно намалување на калориите.

3. Успешните диети прават да се чувстувате најадени

Диета која ги има двете горенаведени карактеристики секогаш ќе резултира со губење на масти, но ќе пропадне најверојатно поради една работа или едно чувство – она кога си најаден. Луѓето престануваат со диетите затоа што ретко кога се најадени или пак го имаат тоа чувство, тогаш почнува да работи нагонот за глад, луѓето се кршат и се враќаат на претходните навики.

Како да си најаден?

Ако сакате да сте најадени меѓу оброците, а со тоа и да ја направите вашата диета успешна, една супена лажица од следните магични состојки ќе ви помогне:

Псилиум, или метамуцил во принцип влакна, го има на нет може да го најдете како Psyllium Husk Powder, Psyllium/Metamucil
• Маслиново масло, extra virgin
• Домашен путер од кикирики

Псилиум во основа се растрворливи диететски влакна добиени од растение. Измешајте со вода и голтни.
Лажица домашен путер од кикирики функционира супер исто како и лажица маслиново масло. Очигледно овие две опции имаат повеќе калории од првата па внимателно. Како да направиш домашен путер од кикирики, има тон видеа, во основа блендер и кикирики и толку. Маслото може ќе ви биде чудно на почетокот ама не е ништо страшно и ќе ве “наполни” како што треба.

Како да ја викаме оваа диета?

Не ви треба име, викајте ја како сакате, во основа не е ни диета, повеќе е стратегија. Најбитно е:

наполни го стомакот со зеленчук во секој оброк особено на вечера и додади месо
• заборави го шеќерот и процесираните јаглехидрати, чао слика на Instagram со мусли
• остани фул со псилиум, путер од кикирики или extra virgin маслиново масло.

Нормално дека има и други стратегии, истражувај, пробај и види што функционира за тебе. Констатноста е таа што ќе го донесе резултатот. Најважно вклучи го мозокот, ако нешто е премногу добро за да е вистинито најверојатно и е премногу добро т.е. не е вистинито.

*прилогот е преведен, не во целост, но во голем дел бидејќи преведувачот се согласува со оригиналниот автор.
TC Luoma, 02/01/2017

Автор

Sport Inn

Скопје

Македонија