Стотици дедомразовци ќе ја испратат годината со трка низ улиците на Скопје

Во недела на 25 декември, во центарот на Скопје ќе се одржи Дедомразовска трка како дел од празничната новогодишна програма на градот.

Ова ќе биде трето издание на трката во која учесниците се облечени во дедомразовски костуми, со што градот Скопје веќе традиционално се придружува во низата светски метрополи кои организираат ваков тип на настани.

Трката покрај натпреварувачки, има и забавен карактер па во неа се добродојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е само 2 километри и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Пријавувањето се одвива преку веб страницата www.prvdovrv.mk.

Патеката по која ќе се трча започнува од плоштадот Македонија, па по улиците Никола Вапцаров, Димитрија Чуповски, Даме Груев, Филип Втори Македонски, па покрај кејот на Вардар од МНР кон Археолошкиот музеј, плоштадот Филип Втори, Камениот мост, до целта на плоштадот Македонија.

Учеството во трката чини 200 денари, а секој натпреварувач добива стартен број и новогодишна капа. За првите 300 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада. Учесниците кои немаат дедомразовски костум, треба да носат новогодишна капа и да бидат облечени во облека во црвена боја.

За победниците се предвидени вредни награди, а на најсреќните учесници ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.

Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.

Трката ја организира градот Скопје преку Конгресниот центар Александар Македонски и здружението Прв до врв, а нејзин главен поддржувач е Coca-Cola.