Дарувањето и детските насмевки

Полека, но радосно наближуваат секогаш долгоочекуваните празнични денови. Светлината на новогодишните елки, разноликоста и шаренилото на веќе украсените излози, изработените рачни украси на децата кои ги красат ѕидовите во градинките и училиштата, го најавуваат скорото доаѓање на деновите каде децата се чувствуваат како да живеат во бајка, опколени со многу чоколадни пакетчиња, играчки, модерни облеки, велосипеди, таблети… и што уште не.

Кревко напишаните букви на белите листови хартија, адресирани до Дедо Мраз или пак само до своите родители, ја будат желбата на децата да направат нешто свое, одеднаш станувајќи големи уметници кои креираат разни новогодишни стихотворби, состави, цртежи, оригами и се она што нивниот магичен детски ум може да го осмисли.

Броејќи ги деновите до магичната ноќ, многумина од нив мечтаат за посакуваниот подарок, дали ќе го добијат или не? Дали Дедо Мраз ќе им го остави под елката она за што тие сонувале цела една година? Дали ќе има од таа боја што ја посакуваат? Или пак дали биле доволно послушни за да сега се радуваат на новогодишното пакетче? Постојано мислат и размислуваат што тие направиле во изминатите 365 дена, и дали нивните мама и тато се задоволни од нив?

Но што со оние дечиња, кои немаат кого да прашаат дали биле умни? Што со тие кои немаат кој да им го остави новогодишниот подарок под елката, која најчесто и ја немаат?

И тука доаѓа прашањето, колку ние возрасните ги користиме овие радосни моменти за да ја споделиме и радоста со оние на кои им недостасува? Дали осврнуваме барем мал момент на тажните детски лица кои секое утро стануваат осамени, во студените кревети, покриени само со некое старо и излитено ќебе? Дали можеби некој од нас помислил заедно со своето дете да оствари барем една мала и скромна желба на некое незгрижено детенце?

Овие декемвриски зимски денови се одлична можност да ја развиеме емпатијата и хуманоста на нашите мали дечиња, отварајќи им еден нов прозорец кој ќе им овозможи проширување на нивните размислувања. Желбата да поделиш нешто свое со некој кој нема, да ја подариш својата нова играчка на твоето непознато другарче, да се откажеш од својот нов ранец за да овозможиш некој друг да има топли чевли или барем нови топли чорапчиња кои ќе го згрејат во студените зимски денови, може да ја исполнат детската душа со една величествена топлина на радост и задоволство. Хуманоста кај децата е непроценливо богатсво за развојот на нивната здрава и зрела личност. Помислата дека на овој свет постои некој на кој му е потребна твојата помош, или пак некој кој би бил беизмерно благодарен ако му подариш барем и едно мало чоколадно бомбонче, говори за големината на детската душа, која многупати знае да биде и посовесна од нас возрасните.

Доволно е да им покажеме на нашите деца дека дури и само една нивна мала насмевка кон нивното осамено другарче, или пак искрена топла прегратка на тажното другарче од училишната клупа може да биде бесценет подарок, кој вечно ќе трае и никогаш нема да биде заборавен. Подарок кој ќе вреди многу повеќе од сите новогодишни празнични пакетчиња, подарок порадосен од сите разни играчки произведени во фабриката на Дедо Мраз, подарок кој секогаш ќе остане запечатен во детските спомени и чија трага секогаш ќе говори за најубавата исполнета новогодишна желба.

Да ги искористиме сите овие радосни, шарени, светкави и топли мигови за да се потсетиме на подароците кои немаат рок на траење, подароците кои не се произведуваат никаде во светот, туку само во нашите срца.

Да им покажеме на нашите деца како тие можат да бидат нечиј вистински Дедо Мраз, само ако вистински посакаат.

Да ги охрабриме малите детски насмевки да создадат уште повеќе, за да сите деца безгрижно блеснат во новогодишната ноќ.

Анета Зафировска
Бреинобреин едукатор