Поттикнување на самоконтрола кај децата

Самоконтролата може да се дефинира на многу начини, како силна воља, самодисциплина или совесност. Но како и да се дефинира, самоконтролата во суштина е способност да се контролираме.

Можеме ли да ги контролираме сопствените емоции? Можеме ли да ги потиснеме нашите нагони и да му одолееме на задоволството?

Одговорот на овие прашања зависи од староста и од развојот на личноста. Малите деца немаат самоконтрола како возрасните. Самоконтролата се развива низ годините, а најголемите промени се случуваат во периодот меѓу третата и седмата година од животот. Истражувањата докажале дека децата што имаат проблем со самоконтролата имаат поголема склоност кон проблематично и агресивно однесување и постои поголема шанса дека тие во животот ќе станат депресивни.

Самоконтрола на децата што одат во училиште
Во училницата на децата им е потребна концентрација со цел да можат да ги пратат предавањата, да ги следат упатствата и затоа самоконтролата во училиште е многу важна.

Истражувањата ја потврдуваат оваа идеја. Децата што одат во забавиште имаат развиено подобри вештини за комуникација, а кога тргнуваат во училиште развиваат подобри академски вештини низ годините, имаат побогат речник, постигнуваат подобри резултати на тестовите.

Како да се постигне самоконтрола кај децата?
Бихејвиоралните генетичари откриле дека постои јака врска меѓу одредени гени и импулсивното однесување, така да изгледа дека проблемите со вниманието се наследни.

Можеби самодисциплината е семеен проблем или го имате или го немате. Но постои добра причина ваквите идеи да се отфрлат. Само затоа што постои генетска основа за импулсивност или самоконтрола не мора да значи дека тоа не може да се менува. Експерименталните истражувања покажуваат дека родителите и наставниците можат да влијаат за развојот на самоконтролата.

Играјте игри што им помагаат на децата да ја вежбаат самоконтролата…
Секој пат кога децата играат игри што се контролирани со одредени правила, тие се поттикнати да развиваат самоконтрола. На пример играта „Црвено светло, зелено светло” кога децата ќе слушнат „зелено светло” тие одат во просторијата, а кога ќе слушнат „црвено светло” мораат да застанат. Во овој облик играта следи одредени правила.

Ако се сменат командите и ако на „црвено” се тргнува, а на „зелено” се застанува, децата ќе мора повеќе да се концентрираат и ќе мора да покажат повисок степен на самоконтрола.

Поттикнување на конструктивен пристап кон проблемите…
Многумина мислат дека интелигенцијата и талентот се подароци што сме ги наследиле и на нив не може да се работи за да станат подобри. Кога се размислува на тој начин тогаш сме беспомошни, немаме причина да се трудиме и се откажуваме.
Од друга страна луѓето што мислат дека трудот може да ги обликува талентот и интелигенцијата се упорни и се насочени да ги совладаат предизвиците учејќи од грешките.

Емотивен тренинг
Возрасните реагираат на различен начин на негативните емоции прикажани од страна на децата. Често се случува родителите да им велат дека немаат причина да бидат тажни и да престанат да плачат. Овој пристап не е од помош, зашто не ги учи децата како да управуваат со емоциите.За децата е корисно кога разговараат со родителите за нивните чувства, кога на конструктивен начин разговараат како да се соочат со внатрешните проблеми. Ова се вика емотивен тренинг. Докажано е дека емотивниот тренинг е поврзан со подобри резултати кај децата во однос на самоконтролата.

Brainobrain Europe

Наташа Г. Илиоска