Истркалај до стомачни

Тркалото за вежбање на стомачните мускули е едноставна и компликувана направа во исто време. На прв поглед тоа е само тркало со рачки од двете страни, а дополнително, доколку набљудувате некој кој е искусен со ова парче опрема, може да стекнете погрешен впечаток дека оваа вежба е многу лесна. Суштината е потполно различна. Ова е вежба која спаѓа меѓу најкомплексните кога е во прашање работата на стомачните и јадрените мускули и начинот на кои истите се ангажираат.

Ако ви е здосадено од секојдневните вообичаени вежби за стомачни муслули и ви е потребен предизвик, тогаш сте на вистинското место. Тркалото или ролерот може да има широка примена во сите спортови кај кои цврстината на горниот дел на телото е од исклучителна важност, но и кај сите оние кои се бават со било кој спорт или фитнес.

Примарната намена му е зацврстување на стомачните мускули и групата на јадрени мускули со посебен нагласок на rectus abdominis, latissimus dorsi и комплетната група на мускули околу колксовите. Секундарно, со ролерот работите на мускулатурата на рацете и рамената правејќи ги позцврсти и поиздржливи.

Дополнително, ролерот е исклучително економичен и за вежбањето со него ви треба минимум простор. Затоа доколку сакате да искусите вежба која на интегрален начин го оформува вашето тело, ви препорачуваме да набавите тркало за стомачни и да почнете веднаш.

Она што треба да го знаете пред да започнете е дека оваа вежба е исклучително тешка и дека ќе ви биде потребно време и упорност за да ја совладате. Доколку сте почетник, користете го ролерот мудро и слушајте го вашето тело. Секогаш истегнувајте се до моменталните можности на вашите стомачни мускули, држејќи ги цврсто. Секое преголемо ролање нанапред може да предизвика повреда. Ако во моментот имате било каква повреда на рамената или грбот оваа вежба не е соодветна за вас.

Видео совети: 

Вежбањето треба да се состои од две серии со по 10-12 повторувања доколку сте почетник или 15-20 повторувања доколку сте во понапредна фаза. Завршете со истегнување. Доколку неможете да дојдете до 10 повторувања не очајувајте. Во спортот се најважни упорноста и константноста.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија