ЗДРАВИ ФАМИЛИИ – ПОДОБАР ЖИВОТ

Меѓународната невладина организација Специјална Олимпијада Македонија ги сервисира потребите на лицата со пречки во развојот со цел да ги социјализира и интегрира во општеството преку спорт, спортски активности и рекреација.

Формирана е во 1968г. во САД, од семејството Кенеди и прераснува во глобална организација со 168 држави членки.

Македонија е полноправен член од 2003г. како Специјална Олимпијада Македонија. Во клубовите на Специјална Олимпијада Македонија членуваат атлети (возраст 11 – 38 години) со различни пречки во развојот (Даунов синдром, епилепсија, аутизам, ителектуална попреченост итн.)

Иако соочени со традиционалните догми и предрасуди, издигнати бариери, нетолеранција и стигматизација, за постигнување на глобалната цел и правилно мотивирање на пошироката јавност, за успешно имплементирање на моделот на Специјална Олимпијада, кај нас волонтираат млади, високо свесни луѓе, кои несебично даваат голем дел од своите потенцијали, можности, знаења.

Токму програмата „Фит Фамилии” од глобалната програма „Здрави атлети” е можност за уште подобар пристап и ширење на видиците на сите околу нас. Оваа програма се имплементира со цел да се подобри физичката состојба и да се унапреди свеста за значењето на здравата исхрана кај нашите атлети и воопшто кај лицата со посебни потреби. Оваа програма се имплементира на глобално ниво од страна на сите национални програми на Специјална олимпијада. Кај нас, „Фит Фамилии” ќе опфати околу 100 лица со интелектуална попреченост и членови на нивните семејства.

Програмата е насочена кон едукација и практицирање за здрави навики кај лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии. Пристапот за здрав избор кон физичката активност и исхраната, а сето тоа поддржано и остварено во кругот на семејството, не само што дава позитивни резултати во однос на здравјето и физичката подготвеност туку има големо влијание кон социо-емоционалниот фактор кон градење на подобри личности со здрави навики.

Во продолжение, ви го приложуваме Фамилијарниот обврзувачки картон, кон кој се придржуваат сите фамилии кои се активно вклучени во програмата.

НАШАТА ФАМИЛИЈА СЕ ОБВРЗУВА:
– Атлетите да тренираат препорачани спортски активности секоја недела, а фамилијарните членови да ги охрабруваат и поддржуваат при тренирањето;
– ТВ приемникот да се гаси за време на оброците 3 пати неделно и времето да се помине со фамилијата;
– Фамилијарна физичка активност 5 дена неделно по 30 мин;
– Поставување на Нутриционистички цели и здрав избор при набавување на прехранбени продукти;
– Заедничко прпремање на здрави оброци и ужини од страна на атлетите и останатите членови од фамилијата;
– Пиење доволно количество вода, особено кога сме жедни;
– Одење на редовни здравствени прегледи на сите членови од фамилијата;
– Развивање нови хобија, пријателства и самостојност;
– Редовно одржување хигиена, миење на раце пред и после оброк.

Програмските активности се одвиваат секоја сабота и недела (09 – 11 часот) во СЦ Борис Трајковски, а програмата ќе трае до 15.12.2016.

Со почит,

Проектен координатор
Дарко Радуловиќ

Автор

Special Olympics Macedonia

Скопје

Македонија