Колку е важно наставниците да ги слушаат учениците и она што тие имаат да го кажат

Како што се враќате во училиште и почнувате со работа еве еден предлог што драстично ќе влијае на вашата школска година: поставете им многу прашања на учениците.

Децата што се наоѓаат пред нас често ги поседуваат најкорисните информации што нам ни се најпотребни за да допреме до нив, да ги прифатиме и да ги учиме и секако заедно да имаме фантастична школска година.

Што да прашате?
Еве неколку прашања што може да им ги поставите на деца на различна возраст.

– Што е она што за мене би било најкорисно да го знам за тебе како ученик?
– Што ти би сакал да е различно во училиште?
– Опиши еден момент од минатата година кога ти се почувствува најисполнето. Зашто мислиш дека тогаш се чувствуваше толку исполнето?
– Што мислат наставниците за тебе, а што сакаш да мислат за тебе?
– Кажи ми нешто повеќе за некој наставник што мислиш дека те знае тебе најдобро. Каков ученик си ти на нејзиниот или на неговиот час? Што тој наставник или наставничка направиле за да те осознаат тебе подобро?
– Ако можеш ти да направиш училиште како би изгледало тоа?
– Што мислиш дека треба да те прашам за да бидам подобар наставник за тебе?
– Што за тебе е одлично поминат викенд ?

Кога поставуваме прашања и кога генерално сме љубопитни за она што учениците го говорат, ние комуницираме на посебен начин со нив каде се дознава кои се тие во суштина, настрана од нивните резултати на тестовите и настрана од она што другите наставници го говорат за тие ученици. Поставувањето на прашањата и слушањето на одговорите на учениците покажува колку ние се грижиме за нив.

Постојат многу начини на кои може да се добијат одговори од учениците. Првично може со секој ученик посебно да се разговара околу 5 минути во првата недела откако ќе се вратат во училиште и треба внимателно да се слушаат нивните одговори. Тој лице в лице контакт е многу важен за да се поврзете подлабоко со ученикот.

Ако предавате на многу ученици, тогаш предходниот начин на комуникација би ви бил тежок. Прашалници можат многу да ви помогнат со цел да ги добиете одговорите од учениците, но треба да направите нешто со што ќе им докажете на децата дека сте ги прочитале нивните одговори. На пример може да направите анализа и да им кажете дека 65 отсто од учениците посакуваа наставниците да не им даваат домашна работа. На тој начин ќе им покажете дека ги вреднувате нивните одговори.

Она што можеби е најважно е кога поставувате прашања тоа да го правите со отворено срце и со отворен ум. Треба да ги слушате што тие говорат, а треба да внимавате и на она што не го кажуваат или не сакаат да го кажат.
Многу од постарите ученици имаат негативно мислење за наставниците и се убедени дека наставниците не ги слушаат. Ова можеби е ваша шанса да им го смените мислењето.

Секој заслужува да биде слушнат, а слушањето како другите говорат е моќен начин преку кој се поврзуваме со другите луѓе.

Извор

Превод: Наташа Гинџевска – Илиоска – Бреинобреин едукатор